Вицепремиерката Царовска и директорот Деспотовски во посета на компанијата Акрон – Со вложување во иновации и технолошки развој, поддржуваме одржливост и раст на компаниите и економијата

Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања и координација со економските ресори, Мила Царовска, заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, денес ја посетија компанијата Акрон, сместена во кругот на поранешна „Стакларница“, корисник на кофинансиран грант од ФИТР, за реализација на проектот на „Отпадно стакло“.

Вицепремиерката Царовска посочи дека Акрон претставува одличен пример на домашна компанија која што континуирано се развива, а притоа со своето работење придонесува и за подигнување на еколошките стандарди во Република Северна Македонија. Нивниот нов проeкт, „Отпадно стакло“, кој е поддржан преку Фондот за иновации и технолошки развој, е наменет за рециклирање на отпад од стакло, од кој потоа се прави производ со повисока додадена вредности и воглавном е наменет за извоз.

„Продажбата на производите со повисока додадена вредност и нивен извоз во други држави, директно влијаат за раст на домашната економија. Компанијата Акрон, покажува дека има воспоставено одржлив бизнис и во нашата држава, со тоа што и во периодот на кризата предизвикана од коронавирусот, тие успеаја да ги задржат сите работници, да им останат платите на речиси исто ниво, без да побараат поддршка од Владата. Ова навистина ни дава сила, да и понатаму развиваме ваков тип на програми, кои понатаму, преку Фондот за иновации и технолошки развој директно ќе помагаат на компании кои имаат иновативни идеи, кои сакаат технолошки да се развиваат и на тој начин да освојуваат нови пазари во регионот, во земјите на Европска Унија и во други земји каде би можеле да го пласираат својот производ.  Компаниите во нашата земја имаат потреба од поддршка, за да продолжат со својот развој, во нови производствени капацитети, за да производите кои денес ги продаваат како репро материјали, успееме да создадеме услови да креираме финални производи, кои би создале повисока додадена вредност и би се продавале за повисоки цени“, нагласи вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.

Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски, го искажа своето задоволство за развојот на проектот на компанијата Акрон, токму во просторот на поранешната „Стакларница“, пришто рече дека нивните објекти претставуваат една оаза на технолошки развој во рамки на просторот кој со години пропаѓал. 
„Компанијата Акрон е една од 420-те компании, коишто ФИТР ги поддржува во изминативе 3 години. Она што е многу важно, компанијата успеа дури во вакви тешки времиња да обезбеди сигурен пласман. Она што не информираше сопственикот на компанијата дека приходите за оваа година во првите 6 месеци, веќе ги надминале вкупните приходи во целата измината година. Тоа значи дека за ваков тип на суровина за која веќе има поголема, до 10 пати додадена вредност, во однос на останатото има секако странски пазар. Она што е битно, е дека компанијата реализира проект од 10 милиони денари, од коишто 30% се сопствено вложување. Вработува веќе 10 луѓе и планот она што успеавме да го дознаеме од сопственикот, е дека развојните планови се навистина амбициозни. Сакам да напоменам дека имаме веќе странски инвеститор, којшто е влезен во сопственичката структура, тоа значи дека и странските приватни фондови ги препознаваат потенцијалите на македонските компании и се надевам дека ваков пример на ваква успешна приказна ќе видиме уште повеќе и во наредниот период“, потенцираше директорот на ФИТР, Деспотовски.

Сопственикот на Акрон, Александар Пенев, посочи дека за одлуката да започнат со реализација на проектот „Отпадно стакло“, клучна била поддршката од државата, односно, што нивниот проект е препознаен како квалификуван за добивање на кофинансиран грант од Фондот за иновации и технолошки развој.

„Во суштина пред да започне овој проект целокупните количини на отпадно стакло завршуваа во нашите депонии. Денеска ние тука го третираме отпадното стакло и правиме готов производ, прочистен стаклен гранулат, којшто е наменет исклучиво за извоз. Мислиме дека е ова многу добар проект, којшто генерира работни места и прави девизен прилив за нашата држава“, кажа сопственикот на Акрон, Александар Пенев.