Вицепремиерката Царовска, претставничката на ОН Дуџак и претставникот на ФАО Ганги - Северна Македонија ги унапредува еколошките стандарди, преку ЗКФ добива континуирана поддршка за зелен развој

Зелениот климатски фонд (ЗКФ), главниот глобален фонд за финансирање на активности за борба против климатските промени, го одобри својот втор проект за Северна Македонија во рамките на Програмата за подготвеност и подготвителна поддршка за да и помогне на земјата да стане поподготвена за влијанијата на климатските промени. Ова е продолжение на првиот проект поддржан од ЗКФ, успешно завршен во 2019 година.

Проектот, кој ќе трае 18 месеци, започна денес со виртуелна работилница на која учествуваа околу 130 претставници на клучни владини институции, министерства, приватниот сектор, граѓанското општество, академијата и развојните партнери.

Целта на проектот е да се поддржи Кабинетот на Заменик претседателката на Владата задолжена за економски прашања, како Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд и други релевантни чинители, да се прошири нивното знаење и да се зајакне сопственоста за подобар пристап до ресурсите на Зелениот климатски фонд, како и да се помогне во идентификување на натамошни можности за климатско финансирање во деветте приоритетни сектори во земјата (енергетика, транспорт, земјоделство, биодиверзитет, здравство, водни ресурси, шумарство, отпад и културно наследство).

Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите Нации (Food and Agriculture Organization - ФАО), заедно со Владата на Република Северна Македонија, ќе работат на развој на Работна програма на земјата за Зелениот климатски фонд, која ќе ги адресира клучните приоритети поврзани со климатските промени во овие сектори и ќе опфати потенцијални инвестиции што може да се преточат во издржани проекти што може да се финансираат од Фондот, кои доаѓаат од национални институции, општини, јавни и приватни компании, граѓанските организации и други правни лица.

Во своето официјално обраќање, на отворањето на виртуелната работилница, Заменичката на претседателот на Владата задолжена за економски прашања, Мила Царовска, истакна дека Соработката со Зелениот климатски фонд и дава можност на Република Северна Македонија да ги имплементира сите стратешки поставени цели за намалување на влијанијата од климатските промени, во повеќе сектори, како: енергетиката, земјоделието, водите, транспортот, но и образованието, здравството, управувањето со ризици, а притоа секогаш да го земе предвид и социјалниот аспект. 

„Kрајната цел на овие напори е изнаоѓање соодветни, иновативни решенија како одговор на климатските промени и зголемување на инвестициите за справување со климатските промени. Со тоа, значително ќе придонесеме за унапредување на квалитетот на живот на секој наш граѓанин, ќе постигнеме поголема конкурентност на нашата економија, како и одржливо инклузивно општество за сите генерации, што е врвна цел на Парискиот договор” нагласи вицепремиерката Царовска.

„Северна Македонија мора целосно да ги искористи сите можности за обезбедување на ниско јаглероден и одржлив економски раст и да ја заштити и зачува својата убава животна средина за сегашните и идните генерации“, рече Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија во обраќањето до учесниците. „Затоа овој инструмент има огромна вредност за трансформациските промени што сакаме да ги видиме и поддржуваме“, истакна таа.

Набил Ганги, заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Централна Азија, и честиташе на Владата за постигнатиот напредок во 2019 година и неодамнешното одобрување на вториот грант за подготвеност на Зелениот климатски фонд, како чекор напред кон стратешкиот ангажман со Фондот.

„Како акредитиран субјект на Зелениот климатски фонд со широко знаење и искуство низ целиот свет, ФАО со задоволство ќе продолжи да ги поддржува напорите на Северна Македонија за пристап до ресурсите на Фондот за да се подигне амбицијата на сите актери во општеството за климатска акцијапреку инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој“, потенцираше Ганги.

Со помош на овој проект, Северна Македонија ќе финализира систем за следење и мониторинг на климатското финансирање во земјата обезбедено од јавни, приватни или меѓународни извори. Системот ќе ја информира Владата за можностите за ко-финансирање за потенцијалните предлог-проекти за Зелениот климатски фонд, и конечно ќе ги забрза напорите на Северна Македонија за реализација на целите поврзани со климатските промени.

Овој проект за подготвеност ќе стави посебен акцент на ослободување на потенцијалот на приватниот сектор за инвестирање поврзано со климатските промени. ФАО ќе работи со Владата да се мапираат актерите во приватниот сектор, вклучително малите и средни претпријатија, и ќе им помогне целосно да ги искористат можностите за трансформациски инвестиции во отпорен и нискојаглероден развој, што исто така можат да придонесатво нивнатаефикасност и профитабилност.

Отпочнувањето на проектот беше организирано под Регионалната иницијатива на ФАО за одржливо управување со природните ресурси, во координација со Кабинетот на Заменик претседателката на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања. 


Обраќање на ЗПВРСМ за Економски Прашања Мила Царовска на Воведен настан за Проектот „Зајакнување на националните капацитети за прилагодување и ублажување на климатските промени и финализирање на националната Работна програма на Република Северна Македонија“ во рамки на Програмата за подготвителност на Зелениот Климатски Фонд, кој се спроведува во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО)

 

Ваша Екселенцијо г-ѓа Росана Дуџак, Постојана координаторка на Организацијата на Обединетите Нации за Република Северна Македонија,

Почитуван г-дин. Набил Ганџи, Заменик регионален претставник на Организацијата на Обединетите нации за храна и земјоделие - ФАО за Европа и Централна Азија,

Почитувани претставници од националните институции, 

Академијата,

Граѓанскиот сектор, 

Претставници од меѓународните институции,

Ми претставува чест и задоволство да го отворам овој настан, со кој го најавуваме почетокот на Проектот „Зајакнување на националните капацитети за прилагодување и ублажување на климатските промени и финализирање на националната Работна програма на Република Северна Македонија“. Овој Проект претставува Втор Проект кој Република Северна Македонија го спроведува во рамки на Програмата за подготвителност на Зелениот Климатски Фонд. Како и во првиот проект, кој го спроведувавме со поддршка на Зелениот климатски фонд, и овој Проект се спроведува во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации.

Еден од најважните договори на денешницата, Парискиот договор за клима, претставува голема заложба на сите влади, чинители во општеството, но и сите жители на планетата Земја во борбата за подобро утре. Справувањето со климатските промени е најголемиот предизвик со кој се соочуваме денес, но и во годините кои доаѓаат. Тука секако би сакала да ја споменам и актуелната битка со корона вирусот, која несомнено е поврзан и со борбата со климатските промени, преку надворешните фактори, влијанието врз економијата, здравјето на луѓето и други предизвици.

Во однос на климата, токму 2015 година, беше појдновната точка на големи промени. Со потпишувањето на Парискиот договор за клима, на Зелениот климатски фонд му беше дадена важна улога во процесот на имплементација на Договорот, како еден од најголемите по ресурси глобален фонд за справување со климатски промени, создаден за поддршка на земјите во развој, како нашата, да одговорат на предизвикот на климатските промени. Фондот им помага на земјите во развој да ги ограничат или намалат нивните емисии на стакленички гасови и да се прилагодат кон климатските промени и има за цел да промовира промена на свеста за ранливоста на влијанијата од климатските промени, за што сме сите ние сведоци.

Соработката со Зелениот климатски фонд и’ дава можност на Република Северна Македонија да ги имплементира сите стратешки поставени цели за намалување на влијанијата од климатските промени, во повеќе сектори, како: енергетиката, земјоделието, водите, транспортот, но и образованието, здравството, управувањето со ризици, а притоа секогаш да го земе предвид и социјалниот аспект, којшто е нужен и неопходен. 

Преку Првиот Проект „Поддршка за управување со ефективен национален координативен механизам во врска со Зелениот климатски фонд“ од Програмата за подготвителност со Зелениот Климатски фонд се формулираше и воспостави национален координативен механизам за соработка со Фондот. 

На денешниот настан, колегите, накратко ќе ги презентираат резултатите од Првиот Проект, но ќе дадат и вовед во планираните активности за Вториот Проект за „Зајакнување на националните капацитети за прилагодување и ублажување на климатските промени и финализирање на националната Работна програма на Република Северна Македонија“. 

Ви посакувам успешна работа и успешна имплементација на овој Проект.