Премиерот Спасовски од Куманово: Градиме за да обезбедиме силен локален економски развој, особено во овој дел на земјата кој еден подолг период беше запоставен

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на Куманово, на увид во работите на спортската сала при средното училиште „Наце Буѓони“.

Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека Владата на Република Северна Македонија во последните три години во континуитет покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво.

 

„Куманово во времето на режимот беше целосно запоставено и воопшто не постоеше на агендата за проекти од страна на тогашната режимска власт. Така беше и во делот на инвестициите во капиталните проекти во образованието. Оваа Влада ја направи видлива разликата и на овој план на ниво на целата држава. Завршена е изградбата и рехабилитација на повеќе од 13 основни и средни училишта, во вредност од речиси 70 милиони денари. Во тек е рехабилитацијата на уште 8 основни и средни училишта во вредност од близу 12 милиони денари (11.781.989,00 ). Само со правилен раст и развој може да успееме да и дадеме шанса на нашите млади да чекорат по патот на напредокот на успехот“, потенцираше премиерот Спасовски.

Тој објасни дека Владата предводена од СДСМ и коалицијата инвестираше во изградба и реновирање на 25 спортски сали на територијата на целата држава. Од нив 2/3 се веќе завршени и функционални.

„Денеска сме сведоци на завршените работи на надворешниот објект на спортската сала на Средното техничко училиште „Наце Буѓони“, овде во Куманово. Во моментот се работи на уредување на внатрешноста на салата. Салата ќе биде опремена со сите реквизити и справи за мали спортови, кошарка, ракомет, мал фудбал и за одбојка. Средствата за нејзината изградба во висина од 27 милиони денари ги обезбеди Владата, а Општина Куманово вложи 1,5 милиони денари. Спортската сала започна да се гради минатото лето, а на есен, со почетокот на новата учебна година се очекува да биде пуштена во употреба откако ќе се заврши нејзиното внатрешно уредување кое е во тек. Средното Техничко училиште „Наце Буѓони“ постои од 1960 година. Наставата се одвива во 72 паралелки со околу 2.000 ученици на македонски и албански наставен јазик, и до сега наставата по физичко и здравствено воспитување се одвиваше во импровизирани услови. Од септември оваа и сите идни генерации ученици ќе имаат соодветни услови за реализирање на физичкото образование“, ги презентираше работите за салата премиерот Спасовски.

 

Тој истакна дека освен оваа сала, разликата ја прават и уште две новоизградени спортски сали во последните три години: една за економското училиште, втората е во училиштето во Черкезе.

„Никогаш во Куманово не се градело толку и не се водело грижа за младите и за граѓаните како во последните три години. Грижата за Кумановци оваа Влада ја покажа и со враќањето на градската спортска сала, познатата „Соколана“, во владение на општината. После долгогодишното крчмење и уништување на овој спортски комплекс, кој чува спомени за врвните достигнувања на спортските екипи од градот, тој ќе биде реконструиран и реновиран за повторно да ги отвори вратите за нови спортски настани и успеси. Вложуваме, градиме, се грижиме. Во инфраструктурата се реализираат проекти како никогаш досега. Дури и во време на оваа криза со глобалната пандемија на КОВИД-19 инвестициите во инфраструктурата продолжуваат“, потенцираше премиерот Спасовски.

Спасовски уште еднаш потсети дека во Куманово и во поширокиот регион е во полн ек градежната офанзива на различни капитални инфраструктурни проекти.

„Речиси сите регионални патишта околу Куманово коишто повеќе од 40 години и не биле реконструирани, сега се реконструирани, а одреден дел се во фаза на реконструкција. Дури 8 патни правци во должина од 102 километри со вкупна вредност од 12,3 милиони евра се опфатени со оваа градежна офанзива. Патните делници Опае-Белановце-Станчиќ; Куманово-Миладиновци; Рехабилитацијата на регионален пат Куманово-Свети Николе; Реконструкцијата на регионалниот пат Куманово-Опае; Рехабилитацијата на регионалните патни правци Куманово-Никуштак и Куманово-Пелинце. Се поврзуваат сите изградени, реконструирани или рехабилитирани делници од Коридорот 8. Градиме за да обезбедиме силен локален економски развој, особено во овој дел на земјата кој еден подолг период беше запоставен. Инвестициите во инфраструктурата, во патиштата се инвестиции за подобрата поврзаност на локалните заедници со големите економски центри. Тоа се инвестиции за можности за новата развојна македонска економија“, ја истакна инфраструктурната градежна офанзива Спасовски.

Спасовски потсети дека се гради за да ги оставиме длабоко во минатото времињата кога заради негрижа за луѓето, имавме на улиците секој ден 12.000 стечајни работници, од кои еден поголем дел беа од Куманово.

„И во таа насока направивме разлика. Грижата за нашите луѓе, за нашите граѓани беше во врвот на приоритетите кое не мотивираше за да го решиме ова прашање и стечајците сега добиваат по 8.000 денари месечно, а наскоро ќе бидат опфатени и со програмата за поддршка од последиците од КОВИД-19 со платежна картичка за домашни производи во висина од 9.000 денари. Градиме држава која е праведна за сите на темелите на социјална сигурност, стабилност, на развојна економија, за иднина и просперитет во заедницата на Европската Унија“, финално истакна премиерот Спасовски.

Заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска во својата изјава истакна дека образованието е еден од основните столбови на едно општество и за тоа оваа Влада толку посветено инвестира во човечките ресурси во образованието и затоа платата на наставниците и сите вработени во овој сектор кумулативно во овој период се зголеми за околу 21%.

„Го вративме достоинството на вработените во образованието, а инвестираме и во сите други човечки ресурси, во нашата идна младина, во најмладите. Инвестиравме во капитални инвестиции, во реновирање на многу училишта, изградба на спортски сали, ширум нашата земја. Училиштата како „Наце Буѓони“ ги реновираме со комплетно нови наставни програми и од учебната 2019-2020 година воведовме целосни реформи во стручното образование со што преку 46% ги зголемивме часовите за практична работа според моделот за учење преку работа каде учениците ќе стекнуваат практични знаења и вештини. Се почесто го применуваме и дуалното образование каде конкретни училишта се поврзуваат со конкретни стопански капацитети со цел креирање на кадри кои веднаш по завршување на образованието ќе може да бидат примени на работа и ќе почнат да придонесуваат за себе и општеството“, образложи заменик-министерката Наумовска.

Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски истакна дека ова училиште после 60 години добива училишна спортска сала.

 

„Во претходниот период, кога беа укинати инвестициите кон Куманово од страна на централните власти успеавме да изградивме со сопственици сили атлетски патеки околу училиштето. Во оваа инвестиција општината учествуваше со 1.5 милиони денари, додека основната инвестиција е на Владата и ресорното министерство. Во рамките на проектот и капиталните инвестиции во Куманово за овие три години се изградени три вакви училишни сали. Ова училиште креира кадри од областа на електротехниката и механиката и го посетуваат повеќе од 2.000 ученици и сум горд дека со овој проект можеме да заокружиме една голема целина“, истакна градоначалникот Димитриевски.

Тој на крај се заблагодари на Владата и Министерството за образование и наука за посветеноста и интензивната соработка и изрази убедување дека е поминат периодот на неинвестирање во Куманово од централната власт и изрази надеж дека соработката и во иднина само ќе се интензивира.