Спасовски во Бутел: Со социјалната зграда во Бутел со 312 стана, направивме пресврт и разлика, од општество во кое се гази врз достоинството на луѓето, станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска оствари работна посета на Општина Бутел и увид во градежните работи на социјалната зграда во Општина Бутел.

Во изјавата за медиумите, премиерот Спасовски истакна дека Владата на Република Северна Македонија, предводена од СДСМ и коалицијата три години во континуитет покажува што значи вистинска грижа за сите граѓани подеднакво.

„За три години, направивме темелна социјална реформа со која социјалната помош ја зголемивме за 300 отсто, а опфатот на детскиот додаток од околу 3.000 го проширивме на 65.000 деца! И во време на криза со коронавирусот продолживме со концептот парите назад кај граѓаните во изградба на држава која е праведна и правна за сите. Презедовме и ја реализираме обврската за лицата во социјален ризик да создаваме услови сите тие да добијат кров над глава, сигурност и подобри услови за живот“, прецизираше премиерот Спасовски.

Тој објасни дека во овој момент во Пробиштип, Свети Николе, Неготино и Виница се градат згради со социјални станови, а готови се плановите за уште 8 вакви објекти во исто толку други градови во земјата, од кои повеќето ќе добијат за прв пат згради со социјални станови.

„Колку за споредба, во периодот од 2011 до 2017 година, односно за 6 години, биле изградени 678 стана, а во периодот од 2017 до 2020 година, или за три години се изградени и се во тек на изградба 897 станови. Во рамките на оваа голема градежна иницијатива во Општина Бутел во тек е изградбата на најголемата социјална зграда со 312 станови. Социјалната зграда во Бутел со 312 стана ќе овозможи покрив над глава на голем лица од социјално ранливите категории граѓани. Градежните работи на зградата започнаа во март оваа година, а ќе завршат во март 2023 година. Вредноста на објектот изнесува 441,5 милиони денари“, акцентираше премиерот Спасовски.

Тој образложи дека објектите од ваков тип на градба ги организира АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, а особено внимание е обрнато на лицата со попречености за кои се предвидени прилагодливи станови, соодветен пристап пред влезовите, како и посебни паркинг места.

„Со овие капитални проекти го враќаме достоинството на граѓаните со социјални мерки за извлекување на илјадници наши граѓани од зоната на сиромаштијата со решавање на станбеното прашање на многу семејства. Ова е дел од нашата стратегија за зајакнување на ранливите заедници за квалитетен живот и способност за справување со пречки се со цел поголема благосостојба на граѓаните. Владата на Северна Македонија презеде поголем дел од обврските на општините во реализацијата на овие проекти со цел да ја поддржи улогата на локалните власти во справување на сиромаштијата и социјалната обесправеност, и за создавање на капацитети и ресурси во функција на градење на социјална кохезија“, потенцираше Спасовски.

Тој посебно истакна дека во оваа криза се гарантира правото на домување за време на кризата предизвикана од коронавирусот преку превенција на насилното иселување од домовите поради извршни наплати или активирани хипотеки на лицата кои претрпеле финансиски штети.

„Направивме пресврт и разлика, од општество во кое се гази врз достоинството на луѓето, станавме општество во кое се помага на сиромашните и ранливите, држава која се стреми сите да имаат и да уживаат еднакви права“, потенцираше Спасовски.

Премиерот се осврна и на грижата за здравјето на граѓаните со изградба на капитални објекти и вложувања во јавното здравство.

„Општината, во соработка со Министерството за здравство, договори итна изградба на поликлиника и за таа намена се обезбедени средства од Буџетот на Северна Македонија за изградба на нова поликлиника на територија на Општина Бутел.
Поликлиниката во целост ќе биде сервисирана од Владата. Средствата ги имаме и се чека измената на Деталниот урбанистички план за да може Општината да издаде одобрение за градба и да стартуваат работите. Новата поликлиника ќе ја замени амбулантата стара повеќе од 50 години, која е изградена во 1964 година како донација од државата Финска“, најави премиерот Спасовски.

Премиерот Спасовски истакна дека во Општина Бутел интензивно и во услови на корона криза се работи на локалната инфраструктура.

„Во изминатиов период се пушти модерниот булевар „Христијан Тодоровски Карпош“. Во завршна фаза e реконструкцијата, на улицата „Александар Урдаревски“ од потегот на кружниот тек со улицата „Боца Иванова“ до улицата „Бутелска“.  
Паралелно се работи на втората фаза од новопроектираниот  булевар „Босна и Херцеговина“ и на проширувањето  на патот од село Бутел до Љуботен, кој ќе биде со должина од 6 км со дополнително проширување од еден метар. Поставена е комплетна водоводна мрежа во должина од 7,4 километри со вредност од 115 милиони денари во индустриската зона Визбегово и во завршна фаза е изградбата на канализација на двата краци во Визбегово, со вредност од околу 147 милиони денари“, потенцираше за Бутел Спасовски.

На крајот премиерот Спасовски му честиташе на градоначалникот на Општина Бутел, Велимир Смилевски, за одличните проекти за Општината, кои се во согласност со политиките на Владата и кои ја заслужуваат поддршката во интерес доброто и благосостојбата на граѓаните на Општината.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески акцентираше дека граѓаните се врвен приоритет на Владата и посветено и неуморно работи за подобар живот и благосостојба за сите.

„Наша заложба, но и обврска е да го подигнеме квалитетот на живот и работа во секоја општина, да ја унапредиме целокупната инфраструктура, истовремено мислејќи и грижејќи се за најранливите категории на граѓани. Затоа, покрај инвестициите во капитални проекти, континуирано работиме на мерки и политики за подобрување на социјалната положба на овие групи на граѓани. Денеска со премиерот Спасовски повторно сме во работна посета на Општина Бутел, каде во моментов реализираме доста значајни капитални проекти. Покрај изградбата на комуналната мрежа во ИЗ Визбегово, изградбата на социјална зграда е една од најзначајните инвестиции тука. Со изградбата на овој станбен објект згрижуваме и обезбедуваме пристоен дом за 312 социјално ранливи семејства. Како што можеме да забележиме на терен, градежните работи се во тек и изградбата се одвива со одлична динамика“, објасни министерот Сугарески.

Министерот Сугарески потенцираше дека во меѓувреме интензивно се работи и на социјалните згради во Виница, Неготино, Свети Николе и Пробиштип, со што годинава се градат преку 500 станови и се инвестирани преку 3 милиони евра за да се обезбеди кров над глава на семејствата на кои тоа им е најпотребно.

„Она што сакам да истакнам е дека покрај изградбата на социјални станови, насекаде низ државата работиме со силно темпо и реализираме проекти од огромно значење за граѓаните не само денес, туку и за идните генерации. Само во моментов активно работиме на проекти во делот на инфраструктурата во вредност од преку 1 милијарда евра. Како никогаш досега работиме на изградба и модернизација на патната мрежа за што:
-         Градиме 2 автопати,
-         Градиме нови експресни патишта,
-         Рехабилитираме околу 400 километри патишта,
-         Инвестираме 70 милиони евра за реконструкција и санација на локални патишта и улици.

Исто така во моментов работиме на преку 30 проекти за изградба и реконструкција на водоводи, канализации и пречистителни станици. Успешно работиме и на гасификацијата“, истакна на крај министерот Сугарески и вети дека не застануваме тука.

„Продолжуваме и во следниот период да се грижиме подеднакво за сите граѓани на оваа земја и одговорно да работиме за подобар и поквалитетен живот, економски раст и услови за понатамошен развој на државата на секое поле“, заврши министерот Сугарески.

Директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката - Скопје, Кристијан Трајковски истакна дека социјалната зграда во Бутел која ќе има 312 стана е најголем објект од овој тип отпочнат досега.

„Проектот има исклучително важна социјална димензија бидејќи ќе овозможи покрив над глава на голем број лица од социјално ранливите категории граѓани. Во моментов, во државата се градат социјални згради уште на 4 локации - во Пробиштип, Виница, Неготино и Свети Николе, а во тек е постапка за избор на изведувач за уште 7 објекти за социјално домување“, потенцираше директорот Трајковски.

Градоначалникот на Бутел, Велимир Смилевски истакна дека во Бутел реализирани се повеќе проекти од инфраструктурата, комунални дејности, образование, социјална заштита и останати дејности каде што Општината има надлежност.

„Како дел од реализираните проекти во делот на инфраструктурата е реконструкција и проширување на патот од  Бутел до с. Љуботен со должина од 6 км. Вредноста на овој проект изнесува 13 милиони  денари средства финансирани од буџетот на Општина Бутел и 11 милиони одобрени од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, потоа реконструкција на дел од стар Качанички пат, со должина од 250 м2 кој опфаќа 150 стопански субјекти а, последен пат биле реализирани во 2012 година. Изградени се 20-тина пешачки патеки. Вкупната површина на пешачките патеки изнесува 4.000 квадратни метри. Реконструирани се  преку 40 сервисни улици во скоро сите месни и урбани заедници, каде е поставен асфалт на вкупна површина од околу 30.000 квадратни метри. Реновирани се сите општински основни училишта и детски градинки каде што е инвестирано повеќе од 44.000.000,00 денари и набавена е опрема за истите во износ од 6 милиони денари“, наброи некои од најважните проекти градоначалникот Смилевски.

Смилевски во периодот што следува најави уште попродуктивна соработка со Владата на реализација на капитални проекти од сите области како проширување на капацитети на голем број градинки, изградба на нова градинка до училиштето „Климент Охридски“, трим патеки на двете страни на реката Серава и изградба на пешачки мост на истата река кај село Радишани.