Воведени три нови типови инсулин со сертификат за квалитет, кои не се од паралелен увоз

Во изминатиот период се направени суштински реформи во здравствениот систем за обезбедување најквалитетен третман за пациентите со дијабетес мелитус и други ендокринолошки заболувања.

Воведени се три нови типови на инсулин - два инсулински аналога, инјектибилни и таблетарни. Сите пациенти со дијабетес сега добиваат оригинални инсулини со сертификат за квалитет, којшто не е од паралелен увоз. Дополнително, се набавени и 10 инсулински пумпи.

Во буџетот за годинава се обезбедени 750 милиони денари за набавка на инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин. За споредба, во 2018 година буџетот изнесувал 650 милиони денари, а во 2019 година - 692 милиони денари, што покажува котинуиран раст на средствата во буџетот за третман на пациентите со дијабетес.

Паралелно со тоа, на Клиниката за ендокринологија е набавена нова медицинска опрема, како и нов најсовремен ехотомографски апарат за преглед на тироидна жлезда и обновен e офталмолошкиот кабинет, кој е збогатен со нови софистицирани апарати за навремена дијагностика и лекување на офталмолошките компликации на дијабетесот.