Подготовки за есенскиот бран: се формираат регионални „Ковид – центри“ во 16 општини

Министерството за здравство информира дека градоначалниците на 16 општини во нашата земја го поддржаа предлогот на Министерството за здравство и на Комисијата за заразни болести за формирање регионални „Ковид-центри“ во градовите каде веќе постојат општи болници и здравствени домови.

Овие активности се одвиваат во рамки на подготовките на здравствениот систем за есенскиот бран на коронавирусот, а целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид 19, без при тоа да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.

Станува број за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид центри. 

Во петокот, 10.07.2020 година, по иницијатива на Министерот за здравство а со поддршка на Заедницата на единиците на локални самоуправи ЗЕЛС, преку електронска платформа, се одржа работен состанок со градоначалниците на општините Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп. Инфраструктурните барања се тесно поврзани со персоналот, опремата и ресурсите, и доколку истите не се стават во фокусот, тие можат да се појават како клучен ограничувачки фактор. Во тој смисол, стратешката координација, проактивното планирање, проценката на опциите и приоретизацијата се клучни во борбата со коронавирусот. Од страна на присутните градоначалници беше поздравена иницијативата на министерството и беше прифатен ваквиот пристап на координација. Тие ја својата изразија подготвеност, ја истакнаа својата безрезервна поддршка и се согласија дека ќе ги стават сите свои капацитети на располагање, во рамките на нивните ингеренции.

Активностите за подготовка за евентуален есенски бран на ковид продолжуваат на 14 јули, кога Министерството за здравство и Комисијата за заразни болести организираат состанок со директорите на болниците во овие градови, во однос на  здравствените капацитети и техничките потреби за да се подготви соодветен навремен одговор на евентуалниот есенски бран на ковид-19 во земјава.