НАТО сојузништво на дело – примена донација во заштитна медицинска опрема од Норвешка во вредност од 200 илјади евра

Денеска во касарната „Илинден“ пристигна првата фаза од норвешката донација од илјада килограми заштитни маски, термометри, заштитни очила и друга медицинска опрема во вкупна вредност од околу 200.000 евра.

Норвешката донација е наменета за полската болница РОЛ – 2 на Военомедицинскиот центар, која е исто така донирана од Кралството Норвешка, а се спроведува преку НАТО Агенцијата за поддршка и набавки. Тоа е уште еден пример за придобивките од членството на нашата земја во Алијансата и поддршката која сојузниците ја даваат во ова исклучително сложено време поради пандемијата со корона вирусот.

„Денеска се наоѓаме на еден значаен настан за нашата држава на кој што уште еднаш се покажува значењето на нашето полноправно членство во НАТО и придонесот на НАТО кон Република Северна Македонија“, рече државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ по примопредавањето на донацијата. Николиќ изрази благодарност за донацијата и истакна дека со овој потег и Норвешка и Алијансата докажаа дека постои високо ниво на солидарност и соработка помеѓу земјите – членки на НАТО. Додаде дека Министерството и Армијата уште од почетокот на кризата со корона вирусот ги ставија на располагање сите свои ресурси и логистичка поддршка на државата во справувањето со пандемијата.

Норвешкиот министер за одбрана, Франк Баке – Јенсен преку видео – порака посочи дека оваа донација е еден симбол на благодарност до нашата земја која ја сметаат за сојузник и многу добар пријател и дека истата ќе ги обезбеди основните алатки во борбата против КОВИД – 19.

Шефот на Канцеларијата за врски со НАТО во Скопје, полковник Зоран Јанковиќ рече  дека станува збор за здружена активност, во која покрај Северна Македонија и Норвешка, во процесот учествуваше и НАТО Агенцијата за поддршка и набавки. Полковникот Јанковиќ истакна дека Норвешка е многу активна на медицинско поле на целиот балкански регион и дека во рамките на НАТО процесот на одбранбено планирање не се зборува само за вооружување, туку и за областа на медицината која се покажа како многу важна, особено во овој период.

За норвешкото аташе акредитирано за земјава, потполковникот Егил Далтвеит, оваа донација е уште еден чекор во долгата и силна военомедицинска соработка помеѓу двете земји.

„Ние ги обучивме вашите доктори и медицински сестри и помогнавме во опремување на вашите воено медицински капацитети, како што е вашата теренска болница. Вие ги испративте вашите војници и војнички да служат во Авганистан во мисија предводена од Норвешка. Со нивните одлични и професионални операции, вашите луѓе спасуваа живот на норвешки војници кога беа тешко повредени од Талибанците.  Не сме заборавиле, и нема да заборавиме. Релацијата меѓу нашите земји, а особено меѓу нашите вооружени сили низ годините станаа многу блиски и пријателски. Денес сме дури поблиски од пријатели, ние сме сојузници“, рече потполковникот Далтвеит.