Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска и министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваат на 22-от Меѓународен симпозиум „Сими”, кој што оваа година се одржува во Атина и Лагониси, под покровителство на грчкото претседателство со Советот на Европа, а во организација на Андреас Папандреу Фондацијата и соработка со Регионот Атика и Град Атина.
Во фокусот на Симпозиумот е соработката и солидарноста во контекст на пандемијата со КОВИД-19, како и светот потоа, а во функција на размена на мислења за пристап и стратегии коишто ќе ги застапуваат националните и глобалните интереси во сферата на здравствената заштита, излезните стратегии, регионалната соработка и социо-економските предизвици по КОВИД-19 кризата, човековите права и влијанијата врз ранливите категории, развојот на „зелените“ економии, влијанијата врз демократијата и други релевантни теми.
Шекеринска учествуваше на панелот „Светот по КОВИД-19” посветен на политичките и безбедносните глобални предизвици предизвикани од коронавирусот, на кој учествуваше и заменик генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, како и политичари и експерти од САД, Шведска, Турција и Франција.
„Пандемијата покажа дека концептот на безбедност мора да се редефинира и прошири. Тоа повлекува промени во нашите национални стратегии, но и промени во планирањето од страна на НАТО, поддржано и на последните министерски состаноци. Пандемијата воедно го потсети светот за важноста од вложување во јавното здравство и научната соработка”, истакна заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Димитров, на панелот насловен „КОВИД-19 и регионална соработка - приоретизација на заедничките интереси” се осврна на значењето на регионалната соработка особено во услови на пандемија, како и на потребата од преземање неопходни мерки за ублажување на импликациите од КОВИД-19 врз здравјето и социо-економскиот живот на граѓаните во земјите од Западен Балкан и ЕУ. На панелот заедно со МНР Димитров учествуваа и поранешните премиери на Грција и Косово, Јоргос Папандреу и Албин Курти.
„Географски, културолошки, економски, нашиот регион е во ист брод со Европската Унија. И ние сега сме во трка со времето. Да го направиме Западниот Балкан целосно европски, каде тензиите околу национализмот, границите, историјата ќе го отвораат патот за посветла сегашност и иднина на денешните и следните генерации. Да ги убедиме скептичните во ЕУ дека е од заеднички интерес да се инвестира во оваа цел, како и да ја вратиме надежта кај младите од регионот, дека целта за подобар и просперитетен живот, владеење на правото, квалитетни образовни и здравствени услуги , чист воздух, е достижна и дома. Притоа, ангажманот и помошта од големите политички сили секако се многу важни, но ние сме тие што треба да ги создадеме приликите на терен. И ова чувство на соработка, солидарност и заедништво што полека, но сигурно, повторно се роди за време на кризата со пандемијата, е особено важно сите заедно да го негуваме и понатаму во рамки на пристапниот процес кон остварување на целта за целосно европски Западен Балкан“, истакна министерот за надворешни работи Димитров во своето излагање.
На маргините на Симпозиумот министерот Димитров оствари неколку средби меѓу кои и со алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Милитиадис Варвициотис со кого разговараа за главните прашања од агендата на грчкото претседателство со Советот на Европа. Симпозиумот овозможува дебата помеѓу политичари, здравствени научници, академици, нобеловци и претставници на меѓународни и европски организации.