Премиерот Спасовски ќе предводи делегација, ќе положи цвеќе и ќе се обрати пред споменикот на Слободата - на скопско Кале по повод Денот на Републиката - 2 Август, Илинден 2020

По повод државниот празник, Ден на Републиката – 2 Август Илинден 2020, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски ќе се обрати на свеченоста, која ќе започне со положување свежо цвеќе пред споменикот на Слободата - „Сила, слава и победа“ во 10:05 часот.

Премиерот Спасовски на положувањето цвеќе ја предводи делегацијата која ја сочинуваат министерот за внатрешни работи, Агим Нухиу, министерката за финансии, Нина Ангеловска и заменик-министерката за образование и наука, Елизабета Наумовска.

Во продолжение на церемонијата, венци со свежо цвеќе на споменикот ќе положат и делегации на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, на Армијата на Република Северна Македонија, на Сојузот на борците, на дипломатскиот кор и на политичките партии.

На свечениот дел на скопската тврдина, ќе претходи положувањето свежо цвеќе на спомениците на АСНОМ, и на спомениците на Никола Карев и Методија Андонов - Ченто, во центарот на Скопје, со почеток во 9:00 часот.

Владината делегација која ќе положи свежо цвеќе на овие спомен обележја ја предводи министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, во придружба на Музафер Бајрам, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите и Јани Макрадули, заменик-министер за животна средина и просторно планирање.

Календар Влада: 
Sunday, August 2, 2020 - 09:00 to 11:00