Државниот врв на свеченостите по повод одбележувањето на Денот на Републиката – 2 Август, Илинден под слоганот „Победа за сите“: Честит и вековит Илинден, Вечна да е Републиката!

Годинава, Денот на Републиката 2 – Август, Илинден, кој се празнува под слоганот „Победа за сите“, беше одбележан со свечености, кои според препораките од протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести се одвиваа со ограничен број на учесници, без масовни собири и со почитување на мерките за заштита и дистанца, заради спречување на ширење на пандемијата со КОВИД-19.

Чествувањето на Денот на Републиката денеска, започна рано изутрина со положување на цвеќе пред спомен-обележјата на Првото заседание на АСНОМ, на револуционерот Никола Карев и на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто во Скопје.

Пред трите споменика, венци положија владината делегација составена од министерот за локална самоуправа Горан Милески, министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите Музафер Бајрам и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Во Скопје, свеченоста продолжи на скопското Кале на која претседателот на Владата на Република Северна Македонија Оливер Спасовски предводеше делегација во придружба на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, министерката за финансии Нина Ангеловска и заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска, и која положи цвеќе на споменикот на Слободата - Сила, слава и победа.

Премиерот Спасовски на Кале се обрати во чест на денешниот празник 2 Август, кога се одбележува 76-годишнината од Првото заседание на АСНОМ и 117 години од Илинденското востание по свеченото интонирање на македонската химна и изведбата на оперската певица Елена Голомеова.

„На денешен ден, 2 Август – Илинден, е поставен најцврстиот темелник во основата на македонската државност. Нашата борба за слобода и правда преку Илинден во 1903 година, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година, беа столбовите на Републиката и на државноста. Борбата на сите наши илинденци никогаш не била мотивирана ниту за територии, ниту пак за доминација на една држава врз друга, ниту пак на еден народ врз друг“, порача премиерот Спасовски, потсетувајќи дека од Крушевскиот манифест, а потоа и со декларацијата и решенијата на АСНОМ, во борбата за слободна и праведна македонска држава се повикани сите чесни добронамерни граѓани без разлика на пол, вера, убедување и народност, водени од желба за подобар живот.

„Во остварувањето на оваа цел, Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците, и сите други, остваруваа и ги делеа заеднички победите кои ни ја овозможија денешна Република Северна Македонија – држава членка на НАТО, земја на пат за членство во Европската Унија, земја која меѓународната заедница ја прогласи за најуспешната приказна на Западен Балкан во последните три години“, рече Спасовски честитајќи го големиот државен празник.

По завршувањето во Скопје, прославата по повод Денот на Републиката продолжи во Пелинце, каде се обрати претседателот на државата Стево Пендаровски, кој предводеше делегација која положи цветен венец пред Меморијалниот центар на АСНОМ.

„Веднаш по изборот за претседател на Републиката реков дека една од моите главни политички и морални обврски ќе биде да работам на граѓанското помирување кое нам, денес, убеден сум, ни е потребно повеќе од кога било во нашата историја како независна држава“, рече претседателот Пендаровски, кој изрази надеж и очекување дека таа негова заложба ќе биде поддржана и од новата Влада и од опозицијата и подвлече дека заедно со сите граѓани, независно од нивното етничко потекло и партиско убедување, ќе работи за остварување на оваа цел.

„Да нема никој дилема, во нашата земја, сечија етничка и партиска припадноста мора да се почитува, без исклучок, меѓутоа, партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и легитимитет и на краток и на долг рок“, истакна претседателот Пендаровски, кој додаде дека „нашата битка е да обезбедиме достоинствен живот за секој наш граѓанин во својата татковина, а не надвор од неа. За тоа да го постигнеме, мора да има правда и слобода за секого. Само тогаш ќе можеме да кажеме дека сме достојни наследници на делото на нашите предци“, порача Пендаровски честитајќи го Денот на Републиката во Пелинце.

Пред културниот и историски споменик во Пелинце, венец положи и Владината делегација, која ја предводеше заменичката на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжена за економски прашања и за координација со економските ресори Мила Царовска, во придружба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и министерката без ресор задолжена за привлекување на странски инвестиции, Зорица Апостолска.

По повод Националниот празник Илинден, делегација на Владата, предводена од заменичката на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за обрана Радмила Шекеринска, во придружба на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески положи венци со цвеќе на гробот на Никола Карев во Македониумот, на споменикот на хероите во месноста Слива и на споменикот на бранителите на Крушевската Република на Мечкин Камен.

Денешното чествување на големиот државен празник 2 Август во Крушево, на Мечкин Камен, го предводеше и се обрати потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, кој од името на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, кој поради здравствени причини не беше во можност да говори на свеченоста, им го честиташе Денот на Републиката на сите граѓани во државата и надвор од нејзините граници.

„Од минатиот 2-ри Август до овој 2-ри Август, помина само една година, меѓутоа, верувам дека и Вие го делите моето мислење дека, тоа е година која ќе ја запомниме по еден од најзначајните датуми за нашата земја. Имено, на 11-ти февруари оваа година, Собранието го ратификуваше Протоколот за членство на Северна Македонија во воено политичкиот сојуз на НАТО, стратешка цел која беше поставена уште во 1993 година, веднаш по независноста на земјата, за во 1995 година да се стекнеме со кандидатски статус. Работевме напорно, сите, од сите политички провениенции, за да можеме да бидеме дел од големото семејство на НАТО сојузот, со исполнување на сите неопходни предуслови за да изградиме стабилна, безбедна, модерна и економски развиена држава“, рече Мисовски на Мечкин Камен и подвлече дека да се биде под чадорот на НАТО значи колективна безбедност, значи еден за сите, сите за еден, како семејство, како заштитник.

И оваа година, како дел од официјалната програма за свечено одбележување на празникот 2 Август, во Смилево се чествуваа 117 години од Илинден и 78 години од првата борбена акција на Битолско-преспанскиот партизански одред „Даме Груев“.

„Традиционалното одбележување на двата датуми, е доказ за значењето и почитта што го придаваме на Смилево и настаните поврзани со ова место, местото каде три месеци пред 2-ри Август 1903 година беше одржан Смилевскиот конгрес, каде беше донесена историската одлука за започнување на Илинденското востание и местото каде е роден еден од клучните личности на илинденската епопеја, Даме Груев. Овие датуми се длабоко вкоренети во историската меморија на македонските граѓани“, рече Едмонд Адеми, министер без ресор задолжен за дијаспора.

Адеми оцени дека изминатите три години, Владата храбро и самоуверено ги остварува зацртаните стремежи како членка на НАТО и напорите за идна членка на ЕУ, одржувајќи добрососедски политики, притоа успевајќи да го заштити идентитетот и јазикот следејќи ја посветеноста на остварување на идеалите за слобода, самостојност и државност кои произлегуваат од Крушевскиот манифест и партизанското движење, и останувајќи длабоко посветени на нивно чување, во интерес на сите граѓани кои живеат во нашата татковина.

Во рамки на церемонијата на свеченото одбележување на државниот празник 2-ри Август, на спомен обележјата во сите три града, покрај петте официјални делегации на Претседателот на Република Северна Македонија, на Собранието на Република Северна Македонија, на Владата на Република Северна Македонија, на Армијата на Република Северна Македонија и на Сојузот на борците, венци со свежо цвеќе положија и претставниците на дипломатскиот кор, на политичките партии и на други општествено-политички организации.