Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски денеска се обрати на Комеморацијата по повод сеќавањето на жртвите од Геноцидот над Ромите во рамки на Втората Светска Војна – 2 август, на платото пред Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.
На свеченоста присуствуваа и министерот задолжен за имплементација на Стратегијата за Ромите, Музафер Бајрам и главниот извршен директор на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија, Горан Садикарио.
Во продолжение на ова соопштение ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Спасовски во целост:
„Со овој настан денеска, одбележуваме еден од најтрагичните настани и процеси во историјата на човештвото – Холокаустот што за време на Втората светска војна бил извршен врз Ромите и Синтите, како дел од најмрачната замисла за така нареченото „конечно решение“ на нацистичката и фашистичка закана врз слободниот свет во тој период.
Ова е ден кога се сеќаваме дека меѓу 1933 и 1945 година, нацистите и нивните соработници убиле стотици илјади Роми – мажи, жени и деца – во деловите од Европа кои биле под фашистичка окупација.
Ромите во Европа биле мета на прогон од страна на нацистите, а масовните убиства го достигнале врвот во периодот од 31 јули до 2 август 1944 година кога Германците ја почнале ликвидацијата во Аушвиц – Биркенау, кога само во овој камп на смртта биле убиени речиси 3.000 Роми.
Ова е еден од најголемите порази на човештвото во историјата и затоа холокаустот врз Ромите не смее да остане заборавен како што го нарекуваат - „заборавениот Холокауст“.
Затоа на овој ден им оддаваме почит и на сите активисти и истражувачи кои се дел од поширокото движење за правата на Ромите и се залагаат за признавање на овој геноцид.
Од огромно значење е што во 1982 година, германските власти официјално ги признаваат кривичните дела против Ромите во текот на Втората светска војна, а триесет години подоцна, канцеларката Ангела Меркел го отвора спомен обележјето посветено на геноцидот врз Ромите во Берлин.
На 8 април 2015 година, Европскиот парламент усвои резолуција со која 2 август е прогласен за Европски ден на сеќавањето за холокаустот врз Ромите, со цел чествување на жртвите од геноцидот врз Ромите од Втората светска војна.
Непризнавањето на криминалот кој се случил тогаш, се одразува врз долгорочната дискриминација на ромското население во Европа. Соодветното признавање на третманот на Ромите во минатото е од суштинско значење не само за да се обезбеди правда и достоинство на оние кои умреле, туку и за соочување со анти-ромскиот говор и однесување, и негово трајно отстранување.
Активностите на Владата на Северна Македонија, покрај политиките на планот на сеќавањето, образованието и истражувањето на холокаустот, вклучуваат и мерки во борбата против антисемитизмот, против негирањето и против обидите за искривено толкување на холокаустот, дискриминацијата, говорот на омраза, расизмот и другите форми на кршење на човековите права.
Нашата политичка и морална должност е да ја сочуваме вистината за холокаустот и неговите жртви, Евреи, Роми, Словени и сите други народи, никогаш да не бидат заборавени.
Оттука и нашата трајна определба никогаш да не ги заборавиме сите жртви на холокаустот, но и жртвите на останатите геноциди, да го негуваме и пренесуваме од генерација на генерација споменот на нив, да ги учиме младите генерации за она што се случи со цел никогаш, никаде и никому да не се повтори“.