На денешната 79-та редовна седница на Владата на Република Северна Македонија, амбасадорката на Сојузна Република Германија, нејзината екселенција Анке Холштајн ги претстави приоритетите на германското претседателство со Советот на Европската Унија до крајот на 2020 година.
Во своето поздравно обраќање, премиерот Оливер Спасовски се заблагодари за учеството на амбасадорката Холштајн на седницата со која се потврдуваат заложбите на Владата на Република Северна Македонија за стратешката насоченост кон европска интеграција, преку интензивна и динамична работа со сите чинители и засегнати страни.
Претседателот на Владата Спасовски го истакна фактот дека еден ден по преземањето на претседателството со Советот на Европската Унија од страна на Сојузна Република Германија беше објавена Преговарачката рамка на Европската Унија со нашата земја, и со тоа оваа земја покажа дека континуирано прави големи чекори и клучни одлуки со кои го препознава извонредниот напредок и смелите чекори во добрососедските односи и реформите што Северна Македонија ги презеде во изминатите три години.
„Сојузна Република Германија го презема претседавањето со Советот на ЕУ во исклучително значаен период. Ние очекуваме и веруваме дека до завршувањето на вашето претседателство со Советот на Европската Унија ќе се одржи Првата меѓувладина конференција, на кој начин ќе се означи и официјалниот старт за почеток на преговорите на Република Северна Македонија со Европската Унија, а во таа насока, охрабрува и изјавата на Канцеларката Меркел дека тоа е и целта на Германија“, рече Спасовски на седницата на Владата на која амбасадорката Холштајн ги презентираше приоритетите на германското претседателство со Советот на Европската Унија.
Амбасадорката Холштајн во презентацијата на приоритетите како најзначајни ги издвои координирањето на заложбите на ЕУ за надминување на заканите од пандемијата со КОВИД-19; економското закрепнување и постигнувањето согласност за повеќегодишната финансиска рамка и за фондот „ЕУ во следната генерација“; стабилизирање на соседството; напредок во проширувањето; Партнерството со Африка; и заедничката позиција за Кина.
Меѓу приоритетите, нагласи амбасадорката Холштајн, се и завршните преговори и идните релации со Обединетото Кралство; напредокот на зелената и дигиталната трансформација на ЕУ; јакнење на европската солидарност и социјална кохезија; прогресот во политиките на ЕУ за миграциските и прашањата за азил; јакнењето на владеењето на правото како клучна основа на ЕУ; и зајакнувањето на капацитетите на ЕУ во надворешната политика за делување на глобално рамниште.
Особено значајно за Северна Македонија, потенцираше амбасадорката на СР Германија Холштајн, е што посебен дел од програмата е посветен и на политиката за проширување на ЕУ со кредибилна перспектива за пристапување во ЕУ за земјите од Западен Балкан како заеднички интерес и за регионот и од интерес на ЕУ. Во таа насока активно се подготвува рамката за преговори за Северна Македонија и Албанија, земајќи ја предвид новата методологија за проширување, во која според СР Германија, рамката за преговори не треба да се усложнува со билатерални прашања кои останува да се решаваат меѓу засегнатите земји одделно.
На крајот од овој дел на денешната 79-та седница, претседателот на Владата на Северна Македонија Оливер Спасовски, во име на Владата се заблагодари за презентацијата и ѝ посака на СР Германија успешно претседавање со Советот на ЕУ, и изрази очекување дека ова ќе биде историско претседавање заради исклучителната важност на приоритетите, како и заради историската можност за Република Северна Македонија да ги започне преговорите по поглавја за членство во ЕУ.