Вицепремиерките Царовска и Шекеринска и министерот Милевски во работна посета на Општина Долнени: Обезбедени се средства за реконструкција на руинираното подрачно училиште во село Заполжани

Вицепремиерките Мила Царовска и Радмила Шекеринска и министерот за локална самоуправа Горан Милевски денес беа во работна посета на Општина Долнени при што го посетија подрачното основно училиште „Пецо Даскалот“ во село Заположани. За ова училиште коешто е во многу лоша и руинирана состојба е обезбедена финансиска поддршка во рамки на програмата за Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој, финансиски поддржана од Владата на Швајцарската Конфедерација, односно Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија. 

“Ние како Влада во изминатите 3 години покажавме дека грижата за децата е наш врвен приоритет и токму затоа денеска сме во општина Долнени се со цел да ги видиме услови во коишто децата во село Заположани. Утврдивме дека навистина треба да се вложи тука и да се изнајде начин како тие достоинствено да ја следат наставата и со тоа вложување коешто ќе го имаме за овие дечиња, во ова училиште навистина ќе придонесеме понатаму и за развој на нашата држава. Секоја држава којашто е паметна навистина инвестира во образованието на децата,  во предулишното, но и основното и средното образование затоа што на тој начин директно влијаеме на развојот на економијата и со тоа создаваме кадри коишто понатаму ќе треба и да ја водат и да ја развиваат оваа  држава”, изјави вицепремиерката Царовска.

Министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска рече дека уште пред два месеца го посетила селото и разговарала со жителите за руинираното училиште.
“Задоволство ми е што денеска сум тука после два месеци да можам да кажам дека како Влада успеавме да најдеме решени на проблем кој долго време се провлекува, а се однесува на небезбедното и нехигиенските услови кои што функционираа во ова подрачно училиште.Ги обезбедивме и размислувавме како да ги најдеме овие пари и пред изборите, меѓутоа сакавме да покажеме дека проблемите ги решаваме не заради избори, туку заради нашите граѓани заради нашата одговорност. И, затоа кога изборите завршија, кога продолжија да функционираат институциите, 

можевме да обезбедиме пари и да кажеме дека овој проблем во Заполжани, после толку години ќе го решиме на задоволство на сите граѓани, на задоволство на општината и Владата, меѓутоа пред сè на задоволство и за нашите деца тука” рече Шекеринска.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевска истакна деца целта е луѓето да останат во своите родни места но за тоа им се потребни достоинствени услови за школување на децата.

“Средствата за реконструкција на училиштето заедно со потпретседателката за економски прашања и амбасадорката на Швајцарија ги обезбедивме минатата недела на Управувачкиот комитет кадешто заеднички се согласивме да инвестираме во ова училиште, да ги подобриме условите за учење на овие дечиња од ова село и на тој начин да ги подобриме севкупните услови за живот на населението. Инвестицијата на ова училиште, реконструкцијата ќе биде помеѓу 5 и 6 милиони денари коишто 50% ќе ги обезбеди министерството за локална самоуправа, додека 50% ќе бидат донација од Швајцарската амбасада”, рече Милевски.

Согласно проектот стану збор за реконструкција на објект со опфат од околу 300 м2, односно две училници, наставничка канцеларија, помошни објекти за одвивање на практична настава, како и помошни управни простории. Поддршката на вакви инфраструктурни активности е предвидено да се реализираат во тесна соработка помеѓу институциите на национално, регионално и локално ниво, што е уште една придобивка од реализацијата на овој проект. Оваа инвестиција е чекор напред кон остварување на заложбите на Владата за развој и напредок на целата територија, преку капитални инвестиции кои ќе го подобрат животот на сите граѓани.