Груевски: Тезата за владина позадина на инцидентите е неприродна и неточна

Премиерот Никола Груeвски денеска ја демантира тезата на опозицијата дека власта стои зад инцидентите меѓу младите во изминатите денови и најави  дека МВР ќе оди до крај во нивно расчистување  и санкционирање за учесниците.

- Слушнав дека се вртат такви тези, особено на некои од социјалните мрежи. Сакам да кажам дека бев вчудоневиден од таквите размислувања на поединци. Мислам дека ваква поидиотска теза не сум слушнал досега, односно дека Владата ангажирала тепачи од македонска и од албанска етничка припадност да се тепаат за да не примеле во НАТО, изјави Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по почнувањето на градежните работи за проширување и реконструкција на улицата „Првомајска“.

Прво, потенцира Груевски, тие што ја тврдат таа теза треба да знаат дека на тој начин не само што нема да не примат, на тој начин ако сме за примање може да не одбијат.

- Второ, треба да знаат дека Владата и јас лично никогаш досега и никогаш во иднина нема да се занимаваме со таков вид валкани игри, како што некој може очигледно да ги замисли. Сакам да ја демантирам таа теза, иако за мене личеше дека е теза која не треба да се демантира бидејќи сама по себе е толку неприродна и толку несвојствена за нас како политичка структура. Но, очигледно дека голем број луѓе се обидуваат на некој начин да ја прошират таа теза. Ја користам оваа прилика да ја демантирам и да ја отфрлам таа теза, истакна Груевски.

Тој посочи дека МВР почна да презема посериозни мерки  во однос на инцидентите за што биле поднесени околу 30 ина пријави за учесниците во нив.

- Извршени се претреси, најдени се сите работи кои ги користеле или планирале да ги користат во тепачките. МВР нема да застане тука и ќе оди до крај во расчистување на овие инциденти. Секој оној што планира и во иднина да го прави тоа треба да знае дека ќе се судри со државата. Ќе се судри со органите на прогонот. Ќе се судри со силите кои ја гарантираат безбедноста во Македонија и ќе имаат сериозни проблеми и ќе излезе на суд. Значи може да има такви луѓе кои сакаат да го нарушат мирот на граѓаните и спокојството. Меѓутоа тие луѓе треба да знаат дека ќе имаат серозни проблеми и ќе се соочат со суд и со можност за затворски казни, со лежење затвор доколку продолжат на овој начин на којшто зацртале заради некакви идеи, некакви цели кои само тие си ги знаат, порача Груевски.