Заев: Северна Македонија доби нова, мала, ефикасна Влада подготвена да сработи посветено, граѓани приклучете се, следува интензивна европеизација на државата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вечерва, по седницата за избор на новата Влада во Собранието на Република Северна Македонија даде изјава за медиумите во кои ги наведе вредностите и принципите од кои ќе се води новата Влада во следниот четиригодишен мандат.

Во продолжение е интегралното обраќање на премиерот Заев од вечерашната изјава за медиуми:

Почитувани граѓани, почитувани новинари,

Вечерва, Северна Македонија доби нова, мала, ефикасна и одговорна Влада, подготвена да работи и да сработи посветено, исклучиво согласно интересот на граѓаните и државата. 

Им благодарам на пратениците од демократското мнозинство кои ја препознаа важноста и потребата од нова одговорна Влада и кои ни ја дадоа довербата да ги водиме институциите. Во следните четири години со сите ресурси ќе дејствуваме за да ја оправдаме довербата на пратениците, односно на граѓаните кои го доделија мандатот на пратениците. 

Прв приоритет на новиот владин состав ќе биде продолжување на антикризните мерки за уште поголема помош за граѓаните и економијата. Надминувањето на последиците од коронакризата и враќање на претходните стапки на економски раст, ќе биде во фокусот на работата на Владата. 

Со изборот на Владата го комплетираме системот на ефикасни и силни институции со полн капацитет и легитимитет кои ефикасно ќе работат во надминување на последиците и предизвиците од коронавирусот. Институции кои ќе застанат на чело на новата одбрана, институции кои сите нас ќе не водат во почитување на мерките и во заштита од невидливиот непријател КОВИД-19. Имаме Влада со институции кои ќе го држат здравствениот систем исправен пред есенскиот налет на вирусот.

Уште во првите месеци од мандатот, новата Влада ќе обезбеди механизми за структурни реформи во јавната администрација, но и во делот на владеење на правото преку прочистување на судството и градење силна, независна правна држава. Доаѓа време на ред, правда и дисциплина. Законите се донесени, сега е време за нивно брзо и доследно спроведување. Кој не сака да почитува закон, ќе се соочи со закон. А, ние како Влада ќе бидеме партнер на сите чинители во законодавната, извршната и судската власт, како и граѓанското општество, медиумите и групите од интерес кои сакаат да придонесат кон градење на систем на правдата кој ќе им служи на граѓаните.

Процесот на евроинтеграција продолжува уште позасилено. Владата, институциите, се подготвени за старт на преговорите со ЕУ и отворање на првите поглавја. 

Следува период на трансформација и европеизација на нашата татковина. Ова е период кога сечив придонес е важен, очекуван, потребен и суштински. 

Затоа, почитувани граѓани, во време кога започнува најинтензивната македонска европеизација, приклучете се. 

Приклучете се кон борбата против корупцијата. Приклучете се на отпорот против КОВИД-19. Прифатате го повикот за широка мобилизација на сите капацитети со кои ќе си исчистиме воздухот, водите и почвите. 

Следува неповторлив период за Северна Македонија. Имаме шанса која не смееме да си дозволиме да ја пропуштиме. Затоа дајте свој придонес во трансформацијата на нашата држава, нашето заедничко општество. 

Бидете будни, гласни, конструктивни, аргументирани. Следете ја нашата работа и бидете коректив, но и партнер. Ние, како и досега, ќе го слушаме вашиот глас, ќе ги следиме вашите потреби. 

Ова е моментот сите заедно да работиме на промените кои носат напредок и развој, кои носат светла иднина за нас и за нашите деца.

Почитувани,

Реализацијата на програмските определби во соодветните ресори им е доверена на професионални и отчетни кадри чија одговорност пред мене, но многу повеќе пред вас граѓаните, ќе биде да ги испорачаат резултатите.

Сега, кога сите големи отворени прашања на надворешен план се зад нас, ред е со сите капацитети да се посветиме на работа дома. Да обезбедиме уште подобри услови за уште подобар живот, за уште поголеми плати, за повеќе правда и повеќе грижа за сите наши граѓани.

Новата Влада на Република Северна Македонија е во состав: 

  • Зоран Заев - Претседател на Владата на Република Северна Македонија
  • Артан Груби -  прв Заменик на Претседателот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците
  • Љупчо Николовски -  Заменик на Претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси
  • Фатмир Битиќи -  Заменик на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции
  • Никола Димитров -  Заменик на Претседателот за европски прашања
  • Бујар Османи -  министер за надворешни работи
  • Радмила Шекеринска - министерка за одбрана
  • Оливер Спасовски - министер за внатрешни работи
  • Бојан Маричиќ - министер за правда
  • Фатмир Бесими - министер за финансии
  • Крешник Бектеши - министер за економија
  • Арјанит Хоџа - министер за земјоделство, шумарство и водостопанство
  • Венко Филипче - министер за здравство
  • Мила Царовска - министерка за образование и наука
  • Јагода Шахпаска - министерка за труд и социјална политика
  • Горан Милевски - министер за локална самоуправа
  • Ирена Стефоска - министерка за култура
  • Благој Бочварски - министер за транспорт и врски
  • Насер Нуредини - министер за животна средина и просторно планирање
  • Јетон Шаќири - министер за информатичко општество и администрација