Средба Битиќи – Задорожњук: Северна Македoнија и Украина имаат пријателски односи, како и заеднички стратешки цели

Заменикот на Претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, ја прими амбасадорката на Украина, Н.Е. д-р Наталија Задорожњук, со која разговараа за економските односи помеѓу двете земји, како и за можностите за идна економска соработка. 

Амбасадорката Задорожњук честиташе за новата функција на вицепремиерот Битиќи, како и за демократски спроведените избори и брзото формирање на Владата, што според неа е од клучно значење за ефикасно справување со кризата предизвикана од коронавирусот Ковид 19.

Битиќи и Задорожњук се согласија дека Северна Македонија и Украина имаат исклучителни пријателски односи, а ги поврзуваат и заедничките стратешки определби во однос на остварувањето на евро-атлантските интеграции. 

Трговската размена помеѓу двете земји во 2019 година е значително зголемена, во споредба со претходната година, а очекувањата на амбасадорката се дека и оваа година ќе имаме сличен трговски биланс и покрај социо-економската криза која го погоди светот.

Со новата Влада доаѓа и нов позитивен импулс за соработка со партнерските земји, кажа Битиќи и додаде дека гледа повеќе сектори во кои може да се развива економската соработка помеѓу двете земји.

На средбата се дискутираше за потенцијалот за развој во трговската размена на земјоделското производство, градежништвото, проекти за подобрување на животната средина, но и за зголемување на обемот на трговската размена кога станува збор за производи со повисока додадена вредност, особено во автомобилската индустрија.
Вицепремиерот Битиќи и амбасадорката Задорожњук се согласија да продолжат со интензивна комуникација, а сите важни теми поврзани со економијата да бидат во детали дискутирани на состаноците на Мешовитата меѓувладина комисија и Мешовитиот комитет за имплементација на Договорот за слободна трговија, од каде би прозлегле и конкретни предлози за унапредување на меѓусебната економска соработка.