Средба на премиерот Заев со косовскиот амбасадор Дедај: Честитки за формираната проевропска Влада, Северна Македонија е успешен пример за целиот регион

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Џерџ Дедај, амбасадор на Република Косово во нашата држава.

На средбата се изразени честитки за формирањето на новата проевропска Влада, којашто по членството во НАТО, оценето е дека успешно ќе работи и на европските интеграции, што се смета како придобивка во напредокот на целиот регион.

„Интеграциите во НАТО и во ЕУ се иднината на Република Северна Македонија, но и на земјите од целиот Западен Балкан. Политиките на решенија, дома и со соседите, дури и кога станува збор за храбри и тешки одлуки, граѓаните ги почитуваат, бидејќи отвораат перспективи. Тоа го покажа и дадената доверба за формирањето на новата Влада во земјава и се надеваме дека е охрабрување и добар пример за целиот регион. Во следниот период активно ќе работиме на економијата и подобрување на животниот стандард на граѓаните, за што се создадоа вистински услови, откако ги затворивме прашањата што стоеа на патот на развојот на нашата држава“, рече премиерот Заев.

На состанокот е изразена заедничка определба за унапредување на добрососедските односи меѓу двете држави и меѓу земјите во целиот регион, со меѓусебна помош и поддршка, како во справувањето со предизвиците од пандемијата, така и во економијата и на патот на евроатланските перспективи.