Поголема поддршка на домашните компании и сектори

Нашата цел е да создадеме амбиент за динамичен и конкурентен бизнис, ослободен од политичките влијанија, намалување на административните процедури и бариери, а со целосно искористување на претприемачкиот дух и знаења на домашниот човечки капитал. Трансформацијата на економијата ќе биде следена со серија добро осмислени, практични и оставрливи мерки за поддршка, кои реално ќе помогнат нашиот бизнис да биде растечки, развоен и одржлив. Како и досега, клучната поддршка ќе биде токму на движечката сила на нашата економија, на најголемиот сектор за вработување, создавач на вредноста и најсилниот потрошувач, а тоа се микро и малите компании.
Продолжуваме со Планот за економски раст и мерките предвидени во политиката, со зголемување на фондот за најмалку 20% на годишно ниво.

Ќе овозможиме основање на фирма со минимален износ на основна главнина од 1 евро. Со оваа мерка граѓаните имаат можност да основаат фирма со минимални трошоци и да ги реализираат своите идеи и бизнис планови преку новоотворени фирми. Ние веруваме дека македонските граѓани имаат идеи, а бидејќи идеите се капитал, го отвораме бизнис секторот, го правиме достапен за сите и повикуваме на натпревар на идеи и конкурентност.

Владата ќе го укине данокот на личен доход (познат како персонален данок, и се спроведува како враќање на данок) за категорија обука, квалификации, добивање лиценци (стриктно дефинирани само за дејноста на компанијата) кои ќе овозможат подобрување на квалитетот на работната сила со која располагаат компаниите. Ќе воведеме целосна промена на системот за плаќање и за висината на фирмарина, согласно големината на претпријатието, бројот на вработени и годишните приходи.

Ќе ја укинеме фирмарината за првите две години за сите новоосновани компании и драстично ќе ги намалиме трошоците за добивање правна документација за потребите на бизнисот (документи од Централен регистар, царина, документација за учество на тендери и останати државни институции). На пример: драстично намалување на цената за издавање тековна состојба.

На почетниците во бизнисот им е неопходна помош за исполнување на регулаторните барања. Централниот регистар  на  трговските  друштва   задолжително   ќе им издава „Информатор“ со сите важни информации за водење бизнис: потребните документи кои треба да ги има трговско друштво, постапката за регистрација за ДДВ обврзник, кои услови треба да  ги  исполнуваат согласно  барањата на инспекциските контроли, права и обврски кои произлегуваат од Законот за работни односи, можностите кои ги овозможува државата за субвенционирање и поддршка на претпријатијата, начини на пристапување и обезбедување надокументација оддржавни институции и останати информации кои ќе им ја олеснат работата на претпријатијата.

Владата ќе го започне процесот на намалување на парафискалните давачки до 75% и нивно нивелирање согласно големината на стопанските субјекти, преку дијалог со стопанските комори. Ќе создадеме регистар на парафискални давачки кој ќе биде редовно ажуриран и дополнуван, со што компаниите во секое  време  ќе  имаат увид и ќе можат соодветно да ги планираат своите финансиски активности. Така на пример, ќе го укинеме надоместокот за поврзување на фискалниот апарат со серверите на УЈП и надоместокот за контрола на промет што го врши УЈП, прецизно ќе се регулира сервисирањето на фискалните апарати кај претпријатијата и тоа ќе биде бесплатно за сите трговски субјекти што користат фискални апарати, ќе се зголеми временскиот рок за менување на СИМ-картичка од фискална каса од една година на 3 години, ќе го ограничиме износот на цената на задолжителните  систематски прегледи на вработените.

Ќе воведеме европски стандарди во осигурувањето од автомобилска одговорност преку намалување на цената на чинење на зелениот картон, како производ на либерализирањето на цената на АО и решaвање на проблемот со неосигурени возила.

Ќе продолжиме да го унапредуваме системот за поддршка на еколошки возила (со фокус на електрични и хидроген возила) и за возилата со пониска до средна вредност преку укинување или намалување на даночните и неданочните давачки (како данок за возила, ДДВ, царина, трошоци за регистрација, патарини итн...). Силно ќе се посветиме на регулирање на пазарот на половни возила и заштита на потрошувачите преку систем за проверка на квалитетот и декларираните параметри на возилото, како и воведување казнена одредба поврзана со измами на поминатиот број километри на возилото.

Ќе воведеме закон за личен стечај како модел за заштита на животните потреби на должникот преку неизвршување на неговиот долг во определена висина, спречување на нови задолжувања, но и на доверителите, кои ќе можат да наплатат реална вредност. Со ваков закон нема да се креира систем на должничка спирала.

Ќе објавуваме редовно, бела листа на даночни обврзници, односно компании кои редовни ги исплаќаат своите даночни обврски. Во Законот за финансиска дисциплина ќе ги вклучиме и државните и владините институции и ќе ги изедначиме со обврските на приватниот сектор.

Владата ќе предложи нов Закон за е-трговија во функција на регулирање на бизнисот и сузбивање на нелојалната конкуренција и даночната евазија. Со овој закон значително треба да се регулира е-трговијата преку воведување на одредби за е-фактура, е-фискална сметка и е-плаќање. Овој закон треба да обезбеди големи погодности за микро, малите и средните претпријатија и нивно вклучување во глобалните синџири на снабдување и глобалната трговија.

Владата ќе предложи посебен закон за бизнис ангели и измени на законот за  инвестициски фондови, со што значително ќе ги намалиме ограничувањата за основање за инвестициски фондови. Ќе овозможиме формирање на хибридни фондови на ризичен капитал, односно ќе се предвидат фондови во кои покрај владата, како инвеститори ќе  можат да се појават и институционални и приватни инвеститори, корпорации, банки, пензиски фондови и бизнис ангели.

Ќе ги субвенционираме трошоците на извозните компании кои поседуваат TUV и CE сертификат за производите за настап на еден саем годишно во Европа и еден саем годишно по избор во САД, Африка или Азија, во висина од 50% од трошокот за учество.

Владата ќе предложи подобро институционално решение за поддршка на зголемување на потенцијалот на развојните зони. Воедно, целосно ќе се решат сите процедуралните и логистички пречки за функционирање на тетовската развојна зона, заедно со царински терминал, а Владата ќе го помогне и развојот на инфраструктурата во индустриската зона Визбегово.

Владата ќе почне процес на докапитализирање на Развојната банка на Северна Македонија и ќе овозможиме јасни, мерливи и ефективни инструменти за финансирање на извозните потреби на компаниите, односно директно финансирање на извозот и зголемување на неговиот обем и конкурентност на македонските производи и услуги.
    За потреби на борбата против нелојалната конкуренција, преку соодветни мерки, ќе се оневозможи вршењето дејност која не е регистрирана и ќе го усогласиме Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност со сите закони по кои постапуваат инспекторатите. Резултатот од наведеното ќе биде намалување и елиминирање на сивата економија и нелојалната конкуренција со која се соочени регистрираните приватни компании, трговци поединци кои ги почитуваат законите, плаќаат даноци, исполнуваат стандарди и прописно ги пријавуваат и плаќаат вработените.

Во областа на туризмот, Владата ќе обезбеди систем за субвенционирање на алтернативен и културен туризам. Археолошките локалитети ќе се оспособат и ќе бидат достапни за посета на домашни и странски туристи. Ќе овозможиме користење на бесплатен државен wi-fi со кликнување на линк што ќе води до промотивна страна на општина, на реон, на влез во држава, на стојалишта и бензински пумпи.

Во функција на искористување на растечката побарувачка за профилиран планински туризам, предвидуваме формирање на посебна Канцеларија за планински туризам и планински содржини, задолжена за дефинирање и управување со очекуваните домашни, јавни и приватни, и странски инвестиции, апликација на систем на промени во овој сегмент и позиционирање на државата на регионалниот и европски интегрален планински туризам. Оваа Канцеларија ќе го постави како фокус развојот на Шар планина, Маврово, Матка, Пелистер и Галичица. Дополнително, ќе ги започнеме подготовките за развој на туризам на Царев Врв на Осоговските планини, како централна точка за зимски и планински туризам. За Попова Шапка Владата ќе ги разгледа различните модели за нејзин развој како регионален туристички центар со можност за приватни инвестиции или јавноприватно партнерство кое би овозможило и изградба на жичарница од Тетово до Попова Шапка. Воедно, Владата ќе започне реконструкција на постоечките  планинарски домови и изградба на нови со дефинирање на модел за управување и инвестирање во нив и трасирање и промовирање на официјални планинарски патеки.

Владата ќе поддржи изработка на iOS i Android апликација за туризам во МК, поделена по сектори (лето, зима, планинарење, велосипедизам, кампинг, археолошки наоѓалишта, вински тури...), по примерот на информацискиот систем за просторно планирање.

Владата ќе стимулира воведување на иновативни модели во конципирање на „здравствен“ и „пензионерски“ туризам за домашните и странските пензионери, по примерот на успешните практики на развиените туристички дестинации. Владата ќе поддржи маркетинг-кампањи за промовирање на државата како место за уживање и препознатлив и растечки туристички бренд и ќе стимулира економски субјекти кои финансираат/спонзорираат домашно продуцирани видео материјали за промоција на државата. 

Владата ќе го стартува проектот „Ѕвезда плус“  за државни субвенции во висина од 50% од инвестицијата за регистриран угостителски капацитет што има намера да добие еден степен повисока категоризација на неговиот објект, во сите клучни туристички места.