Иновативна економија

Владата на Република Северна Македонија ќе води економска политика чија цел ќе биде развој на иновативноста и инвестиции во технолошкиот развој како шанса за посакуваната трансформација во економијата. Таква економија создава поголема додадена вредност, ги развива човечките ресурси и обезбедува поголема продуктивност и повисоки плати.

До крајот на 2020 година ќе заврши процесот на анализа и препораки за натамошно зајакнување на Фондот за иновации и технолошки развој, негова трансформација и обезбедување на одржливост на поставените механизми за поддршка и резултати на среден и долг рок. Овој процес се реализира со поддршка од Светска банка и Велика Британија.  Со овој процес, ќе се овозможи и влез на странски инвестициски фондови како стратешки партнери на Фондот во поддршка на економскиот раст, базиран на иновации и воведување нови технологии. Со двата процеса, државата како постојан и иден инвеститор ќе има директен поврат од вложените средства (согласно сопствените политики и мерки), притоа овозможувајќи спроведување и на други развојни политики (поддршка и развој на таленти, поттикнување на истражување и развој...).

Владата силно ќе го реализира проектот Северна Македонија да стане регионален акцелератор за старт ап со што ќе станеме центар за развој на нови бизниси за млади претприемачи, со потенцијал за брз пораст. Со воведување на регионалниот акцелератор, и тоа во рок од 6 месеци од објавата на првиот повик, ќе се прошири опфатот на апликанти и на земјите од Западен Балкан. Дополнително, со соодветни критериуми за аплицирање ќе се стимулира поврзување на бизнис идеите од повеќе земји од регионот, а со тоа и проширување на „стартниот“ пазар од 2 на 17 милиони потрошувачи. Како модел за реализација на програмата и следење на проектите ќе се користи постојниот модел на поддршка на старт-апите и акцелераторите, развиен и пилотиран во изминативе две години во Северна Македонија.

Владата ќе продолжи да инвестира во научно-технолошкиот парк кој започна со операции во март 2019 година со цел тој да биде целосно функционален во 2025 година. Проценетата вредност на инвестициите во физичка инфраструктура, според Студијата за изводливост подготвена од експерти од ЕК, реализирана за потребите на Фондот, изнесува околу 80 милиони евра. Во него се веќе пилотирани програмите дигитализација на општеството и трасфер на технологии. Веќе е изработен идеен проект за нов простор за старт-ап компании, што треба да се реализира во 2020 година.

Во поранешното „Македонско село“ (сопственост на државата) Владата ќе формира „Старт-ап село“ (Start-up Village) кое ќе нуди шанса за многу млади од земјава и странство да отворат бизнис без потреба од плаќање на режиски трошоци.  Истото искуство ќе се примени во 5 града со можности за co-working во на посебни државни локации. 
Владата ќе го иницира проектот за Регионален центар за истражување и дијагностика во медицината, со кој ќе овозможиме влез на нова технологија, знаење и целосно искористување на постојниот човечки потенцијал во делот на истражување и дијагностика во медицината. Се анализира можноста еден од елементите да се фокусира на кардиоваскуларна медицина. Проектот ќе се реализира до 2024 година со јавно-приватно партнерство, а во тек се подготвителни активности за планирање на просторот и обезбедување потребни урбанистичко – плански документи. За реализација на оваа и други активности во делот  на медицината, Фондот и Министерството за здравство веќе потпишаа Меморандум за соработка со државата Израел. Проценета вредност на инвестицијата е 20 – 25 милиони евра.

Во рок од 12 месеци, Владата ќе воспостави систем на грантови за истражувачка дејност со кои ќе се опфатат високообразовни институции и нивен ангажман во поддршка на забрзан раст, заснован на иновации. 

Ние не застануваме само на наведените иновативни модели за трансформација и развој на економијата. Нам ни е потребен континуиран модел на отворени иновации, вклучително и во јавниот сектор. Целосно се посветуваме, со странските и домашните знаења, да креираме и нови дополнителни модели за функционирање на клучни процеси. Целта е да понудиме подобар квалитет и реализација на јавни расходи и капитални инвестиции, токму преку воведување нови (иновативни) модели на работење во институциите (како погоре наведените).