Изградба по план 

Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи да работи на нови законски решенија во градежниот сектор за целосно усогласување на системските закони што ја регулираат областа на градежништвото и урбанизмот.Целта ќе биде постапките да ги направиме потранспарентни за граѓаните, а воедно да ја штитиме и унапредуваме животната средина и природата. Истовремено ќе го зајкнуваме и инспекцискиот надзор и надлежностите на државниот инспекторат за градежништво и  урбанизам  преку  воведување на регионални урбанистички инспектори. 

За да го зајакнеме квалитетот на градбите кои ги финансира државата и да обезбедиме поголем интегритет при тендерите за градба и нивната реализација, ќе воведеме централизирано спроведување на избор на компании за надзор над градба на проектите. Потоа, за секој проект по случаен пат ќе се распределува надзорот, со што ќе се оневозможат спрегите помеѓу градежните фирми и надзорот кои секогаш се на штета на државата и граѓаните.

Владата во соработка со локалната самоуправа ќе продолжи да спроведува политики на хумано планирање и уредување на просторот преку акциски планови и реализација на годишната програма за просторно планирање за населените места кои немаат изработено урбанистичка документација, со што ќе се обезбеди долгорочен и одржлив економски, социјален и демографски развој на населените места.

Фокусот го насочуваме и кон изградба на нови 500 километри водовод и канализација, за што ќе обезбедиме 100 милиони евра за сите општини во Република Северна Македонија.

Секако, како еден од клучните приоритети останува изградбата на пречистителни станици за отпадни води. Овие проекти придонесуваат за нормален живот овде во државата, но и даваат придонес за почиста и поздрава животна средина. Ќе бараме, пред сè од локалните самоуправи, да аплицираат со своите приоритетни проекти во делот на комуналната инфраструктура. Само така ќе придонесеме за развој на силни рурални средини што се развиваат во вистинската насока.

Нашата цел е да ги подобриме условите за живот и да го подигнеме животниот стандард на сите граѓани. Максимално сме фокусирани на унапредување на комуналната инфраструктура преку изградба на водоводи, канализации и пречистителни станици, како и реконструкција на постојната комунална мрежа. Инвестирајќи во комуналната инфраструктура, не само што ќе обезбедиме подобар живот за граѓаните, во индустриските зони ќе овозможиме подобри услови за работа на компаниите, ќе ја заштитиме животната средина и ќе придонесеме за здрав живот и поздрава околина.