Земјоделска политика

Земјоделството е втор сектор во државата по учество во бруто националниот доход (БДП). Земјоделството е клучно за развојот на целото стопанство, рамномерен регионален развој и задржување на руралните средини во витална состојба со создавање услови младата популација да остане во нив.

Земјоделството и производството на храна се  наша  шанса  за  успех. Пандемијата со вирусот COVID-19 уште повеќе ја нагласија потребата населението да биде обезбедено со здрава, безбедна, квалитетна и разновидна храна од македонско производство. Преку обезбедување доволни количини квалитетна и безбедна храна за потребите на домашните потрошувачи и создавање производи со додадена вредност и пласман на странските пазари, се овозможува и подобар животен стандард на земјоделецот, а со тоа и во целото општество.

Целите на Владата на Република Северна Македонија се: преку создавање услови за одржливо земјоделство и негова модернизација во примарното и секундарното производство да се постигне зголемување на производството и подигање на квалитетот на македонските земјоделски производи, заштита на животната средина, безбедност на храната и благосостојба на животните, односно да се креира конкурентност и додадена вредност на земјоделските производи, а во исто време да се обезбеди задоволување на сопствените потреби од домашно производство. Преку постигнувањето на конкурентноста на земјоделските производи, нужно ќе се обезбеди достоинствен живот за земјоделците и развој на руралните средини.

Ќе го подготвиме и прилагодиме нашето земјоделство на глобалните климатски промени преку инвестиции и иновативни мерки кои ќе дејствуваат позитивно на родот и квалитетот на земјоделските производи. За остварување на овие цели, земјоделците мора да добијат можност за надградба на своето знаење и вештини, но, и институциите да ги зајакнат своите капацитети. Преку политиката за рурален развој ќе се влијае на подобрување на добросостојбата на руралната популација и овозможување на услови за младите да останат да живеат во селата.

Политиките во земјоделскиот сектор ќе бидат во согласност со генералните обврски и насоки на државата за прилагодување кон заедничката земјоделска политика на ЕУ. Оттука, политиките во секторот ќе бидат насочени кон оспособување на секторот да функционира во услови на единствен европски пазар, незанемарувајќи ги притоа и потребите и трендот на домашниот пазар и пазарите во глобални светски рамки. Тежиштето на политиките ќе биде префрлено кон семејни комерцијални фарми што ќе бидат во состојба да се специјализираат за високо квалитетно земјоделско производство, органско производство и традиционални производи. За оваа цел, државата ќе го поттикнува окрупнувањето на ситните имоти, ќе доделува државно земјиште на вистинските производители во мера во која најрационално ќе може да го искористат, ќе ги поддржи инвестициите во модернизацијата на земјоделското и инвестициите во иновативното земјоделско производство.

Активностите за развојот на земјоделството ќе бидат насочени кон негово оспособување за конкурентски односи, а тоа се постигнува само со производство на висококвалитетни и безбедни производи, произведени со конкурентна цена.

Како директна поддршка на креирањето на системот на ОДРЖЛИВО И КОНКУРЕНТНО ЗЕМЈОДЕЛСКО ПРОИЗВОДСТВО, ги предвидуваме следните активности и мерки:

  • Годишна финансиска поддршка од 200 милиони евра за земјоделството и руралниот развој;
  • Годишната финансиската поддршка од 200 милиони евра за аграрната политика насочена кон создавање услови на одржливост на земјоделските стопанства кои ќе  се залагаат за зголемување на производството, квалитет на производите, заштита на животната средина, безбедност на храната, здравствена заштита и благосостојба на животните, како и кон модерно и конкурентно земјоделство и производи со додадена вредност. 
  • Навремена исплата на директната поддршка во земјоделството: 30 % од висината на основните мерки 30 дена по аплицирањето и 70% според календарот на исплата.
  • Исплаќање на финансиските средства на земјоделските стопанства во време кога им се најпотребни. Од 2021 ќе започнеме со иплата на 30% од висината  на основните мерки 30 дена по аплицирањето. Остатокот од средствата за определена мерка, ќе се реализираат по извршената контрола, според определена динамика и календар на исплата. Календарот ќе го регулираме со закон за да земјоделците точно знаат кога можат да ги очекуваат средствата.
  • Зголемено субвенционирање на ,,Зелена нафта“
  • Намалување на производните трошоци за да се подобри конкурентноста на земјоделските производи. Во наредниот период ќе продолжиме со  спроведување на оваа мерка, со тоа што секоја година ќе го зголемуваме субвенционирањето на трошоците за набавка на гориво за земјоделски машини  со цел до крајот на 2024 година да биде субвенционирано 100 %.
  • Зголемување на поддршката за директни плаќања за грла говеда, овци, кози, маторици, заклани гоеници, бројлери, несилки, еднодневни пилиња, презимени пчелни семејства за 10% од сегашните.
  • Зголемување на поддршката за произведено и предадено екстра квалитетно кравјо млеко за два денари по литар
  • Инвестирање во воспоставување на интегриран сеопфатен систем за контрола и мониторинг на квалитетот на сурово млеко
  • Враќање на старите водостопански заедници
  • Продолжување со процесот на окрупнување (консолидација) на земјоделското земјиште
  • Поддршка за одржување на долгогодишни насади
  • Формирање на интервентен фонд во програмата за директни плаќања
  • Поттикнување на тов на гојни јуниња над 500 кг.
  • Поврат на персонален данок на доход за земјоделци
  • Намалување на данокот на додадена вредност за ветеринарните услуги од 18% на 5%
  • Поттикнување на примена на агроеколошки мерки

Свесни за потребата за значително зголемување на износот, намената и ефективноста на ИНВЕСТИЦИИТЕ во земјоделското производство,ги планираме следните мерки:

  • Поддршка за набавка на современа механизација, опрема и амбалажа
  • Гарантен фонд за кредитирање и финансирање проекти за земјоделство и рурален развој, заедно со обезбедување на советодавни услуги во рамки на фондот
  • Поддршка за изградба на ладилници, преработувачки капацитети, откупнодистрибутивни центри
  • Поддршка за подигање на долгогодишни насади
  • Поддршка при набавка на висококвалитетен педигриран генетски материјал
  • Финансиска поддршка за млечни крави под контрола на производните особини
  • Издавање на пасишта под долгогодишен закуп
  • Инвестирање во инфраструктура на пасиштата
  • Инвестиции во Јавно Приватно Партнерство во секторот земјоделство
  • Инвестирање во градбата на брани и системи за водоснабдување
  • Инвестирање во пошумување
  • Инвестиции во нова шумска механизација

За реализирање на политиките и активностите и за постигнување на одржливо, профитабилно, конкурентно, модерно и иновативно земјоделско производство, за првпат во нашата историја, радикално ќе ги зголемиме инвестициите во еден од најзначајните сегменти, ЧОВЕЧКИОТ КАПИТАЛ, и тоа преку следните мерки: 

  • Поддршка за млади земјоделци: Ќе отпочнеме со реализација на мерката за подмладување во земјоделскиот сектор преку создавање услови за мотивација на младите земјоделци до 40 години да останат во земјоделското производство (грантови до 20,000 евра). За подобрување на старосната структура, запирање на процесот на стареење и обновување на генерациите, ќе нудиме помош за младите фармери преку: доделување земјоделско земјиште за млади фармери носители на земјоделски стопанства, доделување финансиски средства за започнување земјоделска дејност, зголемување на износот на основните субвенции, субвенционирање на плата (по 3000 денари) на нововработен работник во земјоделско стопанство помлад од 25 години.
  • Поддршка на жените земјоделки – темел на семејните фарми: планираме поддршката за жените земјоделки двојно да ја зголемиме  до крајот на 2024 година.
  • Кадровско и финансиско зајакнување на државниот советодавен систем: Преку доделување на поголем буџет за советодавниот систем, ќе ја зголемиме можноста за зајакнување на човечкиот потенцијал преку ангажирање едуцирани кадри кои ќе бидат директно вклучени во решавање на проблемите во земјоделското производство.
  • Дополнително, ќе обезбедиме различни бесплатни едукации на фармерите за примена на современи технологии на производство, стипендирање на децата на регистрираните земјоделци за едукација во земјоделските струки, бесплатна обука на фармерите за поефикасно искористување на средствата од ИПАРД и националните програми за поддршка во земјоделството и руралниот развој како и бесплатни ветеринарни здравствени посети, едукација и прегледи на животните на одгледувалишта.

Постигнување на одржливо, профитабилно конкурентно, модерно и иновативно земјоделско производство може пред сè да се постигне со правилна ПОЛИТИКА за УПРАВУВАЊЕ со ЗЕМЈАТА. За таа цел Владата ќе ги спроведува следните активности и мерки:

  • Продажба на државното земјоделско земјиште за поголемо производство на храна
  • Ограничување на големината на земјоделските површини при давање под закуп на државно земјоделско земјиште
  • Доделување на државно земјоделско земјиште на сточари
  • Земјоделските површини до 3 ха да ги управуваат општините
  • Поедноставување на процедурата за легализација на сточарските фарми

За да овозможиме поттикнување на инвестициите и побрз економски развој на РУРАЛНИ СРЕДИНИ за подобрување на добросостојбата на руралната популација, создавање и развој на ,,паметни села,“ и овозможување услови за младите да останат да живеат и работат во нив, ќе ги преземеме следните мерки:

  • Распределба на националниот буџет за директни плаќања во земјоделство и рурален развој во однос 65:35
  • Поддршка од 10 000 евра за развој на микро и мало претпријатие во руралните средини.
  • Инвестиции во рурална инфраструктура

За развојно земјоделство, намалување на трошоците на производство, подобра конкурентност, квалитетни и безбедни земјоделски производи знаеме дека треба да се аплицираат најдобрите практики на развиените агроекономски системи, за што посебен фокус ставаме на поддршка на системот на ИНОВАЦИИ во ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО. Затоа во нашата програма ги планираме следните мерки:

  • Инвестирање во инсталација на сончеви панели за производство на електрична енергија за користење во наводнување на земјоделските површини
  • Инвестирање во поттикнување на квалитетно домашно производство на семе и саден материјал и развивање потенцијал за квалитетно растително производство
  • Иновативни инвестиции во справување со климатските промени
  • Инвестирање во воведување на систем за мониторинг и прогноза на здравје на растенијата
  • Инвестирање во примена на електронски сиситем за следење на дрвната маса

Нашиот План за земјоделска трансформација, подразбира дека секој земјоделски производител својот производ треба да го продаде по најповолни цени на пазарот. За таа цел, понудуваме сет мерки за МАРКЕТИНГ И ПЛАСМАН на македонските земјоделски производи. За да обезбедиме фер и коректни цени на пазарот на земјоделските производи, нашите активности ги насочуваме кон:

  • Поттикнување на договорното производство
  • Утврдување производна цена на поединечни земјоделски производи.
  • Поддршка во стекнувањето на Global  GAP сертификатот
  • Поддршка на настап на меѓународни саеми и домашни манифестации.
  • Намалување на трошоците и времето потребно при постапката за пуштање во промет на храна со здравствени тврдења, храна за посебни намени и додатоците во храната.
  • Поттикнување на потрошувачката на свежо овошје и зеленчук од домашно производство
  • Стимулирање на производство на нови земјоделски култури
  • Поттикнување на производство на традиционални производи и производи со заштитено географско потекло
  • Одржување на статусот на здравјето и благосостојбата на животните за непречен извоз и трговија со животни и нивни производи
  • Воспоставување систем на собирање на нус-производи од животинско потекло, поврзан со нашите мерки во енергетиката и екологијата (модел на циркуларна економија) и поттикнување за донирање на вишокот храна.