Ковид-19 не е само здравствен предизвик

Навремените рестриктивни мерки ја спасија државата од стравичните слики од болниците во Кина, Италија, Шпанија... Откако го оставивме зад нас првиот пик, почнавме со постепено олабавување на рестриктивните мерки. Најголемиот дел од домашното производство се реактивираше, се отворија речиси сите продавници, молови, угостителски и спортски објекти, но според внимателно дефинирани протоколи за заштита. Тоа е суштината на „новата нормалност“: да продолжиме со регуларните работни и социјални активности, но со зголемени мерки на лична заштита.

Владата ќе продолжи да го штити здравјето кое е на прво место, но и економијата. Сите рестрикции неопходни за заштита на животите и здравјето на граѓаните носеа големи финансиски и социјални последици. Сите сериозни анализи предвидуваат силен удар врз глобалната економија, трговија и пазарите и пораст на невработеноста и сиромаштијата. Трите сета мерки на Влада беа водени од нашите приоритети:

  • Да ги заштитиме најзагрозените преку силни и брзи социјални мерки обезбедени за повеќе граѓани и семејства; 
  • Да им помогнеме на претпријатијата во најтешкиот период со достапни финансиски средства преку директна поддршка, гаранции и поволни кредити;
  • Да се олесни најсилниот удар на кризата и кај фирмите и кај домаќинствата преку репрограмирање и одлагање на исплата на кредити; 
  • Да ја зајакнеме приватната потрошувачка со мерки насочени кон позагрозени семејства, невработени, млади и студенти.

Во новиот мандат ќе го прошириме опфатот на подршката на приватната потрошувачка со уште две категории граѓани: невработени лица кои не се пријавувале секој месец во Агенцијата за вработување, пензионерите со месечни примања под 15000 денари, стечајците и самохраните родители.

Подготовките за есенскиот бран нема да се однесуваат само на здравствениот сектор. Уште на почетокот на кризата брзо ги прилагодивме најважните услуги кон граѓаните и бизнисот на новото време. Бројните дигитални услуги кои за само 2 недели ги ставивме во употреба значеа намалување на можностите за ширење на заразата, но и побрза и транспарентна услуга за нашите граѓани и за нашето стопанство. Овој тренд ќе го продолжи Владата и во подготовката за очекуваниот пик оваа есен. Изработивме и јасни протоколи за одвивање на образовниот процес во случај на повторен ризик, зголемена сигурност во јавниот сообраќај, како и за замена на државните карантини со соодветни PCR тестови и самоизолација.