Социјална политика

Владата на Република Северна Македонија ќе продолжи да се бори против сиромаштијата која ги намалува шансите за пристоен живот и на следните неколку генерации, која ги „осудува“ децата и младите на несоодветно образование и здравствена заштита и ги остава на цедило возрасните во годините кога помош најмногу им е потребна. Социјалните вложувања ги гледаме и како начин да ги поддржиме луѓето да можат да се справaт со животните ризици. Тоа вложување е предуслов за одржлив економски раст и создавање нови работни места.    

Во битката против сиромаштијата имаме многу конкретна задача: да ја намалиме стапката на сиромаштијата под 16% со посебен акцент на детската сиромаштија.
Втората половина од патот на социјалната реформа е да покажеме дека локалните заедници ќе им овозможат на граѓаните квалитетни социјални услуги, кои ќе бидат креирани со граѓаните и согласно нивните потреби. Концептот “Општината се грижи“ ќе создаде нови услуги, но истовремено ќе обезбеди нови работни места во овој сектор, отворање на канцеларии на центрите за социјална работа во секоја општина на територијата на државата и секој центар за социјална работа ќе формира интервентен тим што ќе постапува 24/7, по примерот на Скопје. 

Владата ќе промовира политики базирани на аргументи и емпатија кои ќе ги рушат бариерите и за лицата со попреченост и нивните семејства:

  • Закон за самостојно движење со куче водич и мобилна апликација за олеснето функционирање на слепите лица.
  • За полесно остварување на своите права сите лица кои што се регистрирани во националниот регистар на лица со попречености ќе имаат единствена идентификациона картичка преку која ќе имаат бесплатен пристап до услуги. Покажуваме дека ги почитуваме правата на лицата со попреченост. Наша цел е да го ратификуваме Договорот од Маракеш во насока на остварување на правата на лицата со попреченост. Во тек е и подготовката на целосно нов закон за вработување на лица со попречености, воведување на професионална рехабилитација платена од државата во 2021 година и изработка на национален регистар на лица со попречености.
  • Поради навремена и соодветна грижа за децата со попреченост ќе воведеме 5 регионални комисии за функционална проценка на овие деца. Како подршка на инклузивното образование ќе воведеме сензорни соби и соби за релаксација во градинките и училиштата.
  • Ќе отвориме и Центар за повозрасни деца/ лица со аутизам во Скопје.
  • Продолжуваме и со намалување на возрасната граница за користење на услугата за лична асистенција на 6 години, а во соработка со патронажната служба секое семејство со дете со попреченост ќе добие интензивна индивидуална поддршка и едукација во првите 12 месеци.
  • За првпат законски овозможивме воспоставување центар за одмена на семејна грижа во државата, и во наредниот период секое семејство кое има лице со попреченост ќе добие 15 дена заменска грижа во центарот и на територијата на целата држава ќе биде достапна услугата живеење со поддршка на лицата со попреченост. Ќе овозможиме и мерка за одмена на семејна грижа на дневна основа – со тим кој ќе може тоа да го прави во интервали од 2 до 4 часа еднаш до двапати во неделата.
  • Ќе ја јакнеме улогата на центрите за деца со посебни потреби на примарното ниво на здравствена заштита и давање на физикална терапија дома кај децата со посебни потреби и кај лицата со инвалидитет, а ќе ја анализираме можноста за интеграција на овие центри со дневните центри кои ги основаат општините на локално ниво.

Дополнително, Владата ќе продолжи да ја смета грижата за семејството за своја важна цел. Поради тоа ќе се основа државен фонд за исплата на законска издршка на деца во ситуации кога едниот родител по развод не ги исполнува законските обврски. 

Грижата ќе ја направиме поефикасна преку силна дигитализација. Граѓаните повеќе нема да одат по шалтери да собираат документи за остварување на надоместоците од социјалната заштита. Министерството самото ќе ги презема документите од надлежните инсистиуции од другите министерства, а сè со цел на граѓаните да им се заштеди времето и парите кои ги плаќаат за вадење на документите. Ќе ја спречиме злоупотребата во системот на социјална заштита преку задолжително пријавување на приходи остварени во странска држава.

Целта на Владата е да се искорени детската сиромаштија и да се постигне 60% опфат на децата од 3 до 6 години во предучилишна грижа и воспитување до крајот на 2024 година. До крајот на 2023 ќе обезбедиме најмалку 7500 места за деца во градинките во Лозово, Василево, Боговиње, Студеничани, Делчево, Битола, Гевгелија, Куманово, Чаир, Струмица, Дебар, Гостивар, Свети Николе, Тетово, Теарце, Неготино, Ѓорче Петров, Новаци, Брвеница, Пробиштип, Валандово, Арачиново, Карпош, Гостивар, Липково, Крива Паланка, Ресен, Кочани, Кисела Вода, Сопиште, Сарај. Веќе обезбедивме дополнителни 15 милиони евра за нови инклузивни и енергетски ефикасни градинки. Заедно со амбициозниот план за реновирање и изградба на градинки во секоја општина, ќе ги анализираме можностите за воведување на задолжително предучилишно образование. За сите деца од семејства со ниски приходи ќе обезбедиме бесплатно згрижување.

Секоја година, ќе распишуваме посебен конкурс за објавување на најмалку 10 нови наслови за деца и тинејџери. За секое дете, членството во библиотека ќе биде бесплатно. 
Дом за секое дете: додатокот за семејна грижа во згрижувачки семејства ќе го зголемиме за 30%.

Ќе воспоставиме центар за деца со високоризично однесување кои се во мали групни домови заради заштита на останатите деца и заради пофокусирана работа со нив.

Владата посветено ќе работи на подобрување на квалитетот на живот на старите лица и обезбедување достоинствена старост. Нашата цел е да гарантираме:

  • Стабилен пензиски систем за сегашните и идните пензионери;
  • Нова повисока минимална пензија која ќе изнесува најмалку 10 700 денари за сите;
  • Создавање на законска можност за докуп на стаж со цел стекнување на право на пензија;
  • Обезбедување грижа од заедницата кон возрасните преку воспоставување локални услуги за грижа и нега;
  • Ќе овозможиме флексибилен пензиски систем со воведување можност за предвремено пензионирање до максимум 5 години пред остварувањето на правото на пензија, со пропорционално намален износ на редовната пензија;
  • Зајакнување на улогата на старите лица во локалните заедници и обезбедување услови за вклучување во јавниот живот. Ќе овозможиме волонтирање и работно ангажирање на возрасните лица кои сакаат исполнети денови. Воведуваме програми за поголема мобилност за старите лица преку субвенциониран меѓуградски превоз;
  • Ќе ги развиваме локалните услуги и ја поддржуваме грижата во заедницата кон возрасните, а обезбедуваме услови за соодветна нега на немоќните и болните;
  • Ќе се разгледаат можностите за проширување на опфатот на лица-корисници на државна социјална пензија;
  • Воспоставуваме 10 центри за активно и здраво стареење, со програми кои ќе се грижат за менталното и физичкото здравје, социјализацијата и меѓуврсничката комуникација на старите лица;
  • Ја прошируваме програмата за бањско-климатска рекреација.