Еднаквост помеѓу мажите и жените

Владата на Република Северна Македонија силно верува дека нема еднаквост во општеството, ако нема еднаквост помеѓу мажите и жените. Само така се гради општество во кое има просперитет. Држави во кои родовата еднаквост е вредност со висок приоритет се економски поуспешни држави. Целта на Владата ќе биде постигнување родова еднаквост во нашата земја, сузбивање на родовите стереотипи и елиминирање на родово-базираното насилство. За таа цел ќе водиме активна политика на зголемување на  застапеноста на жени на сите извршни функции во и избрани од Владата.  

Владата ќе продолжи да вложува заедно со единиците на локалната самоуправа во отворање на сервиси за заштита на жртвите од сите облици на родово базирано насилство во секоја општина на територијата на државата. На годишно ниво, по 10 нови сервиси ќе бидат воспоставени, рамномерно во сите плански региони. 
Целосно ќе ја усогласиме законската регулатива за исполнување на стандардите согласно Истанбулската конвенција.

Владата ќе предложи нов Закон за вознемирување на работното место (мобинг) кој ќе овозможи вистинска и ефикасна заштита на работниците од мобинг и ќе предложи ратификување на Конвенцијата за насилство и вознемирување, и препораките за насилство и вознемирување, на Меѓународната организација на трудот усвоена во 2019 година. 

Ќе се бориме против родовиот јаз во платите преку креирање на политики и мерки за вработување кои ќе влијаат врз намалување на неактивноста на жените на пазарот на трудот, политики кои го уредуваат родителското отсуство, заштитата на работното место, флексибилното работно време и скратеното работно време и работни места кои се прилагодени за мајките, зголемување на достапноста на градинките особено во руралните области и зголемување на бројот на домови за стари лица во сите плански региони.
Ќе се донесе програма за реинтеграција на жени жртви на насилство во која ќе се вклучени модели за привремено домување, психичко советување со менторство, различни видови на финансиска помош специфично наменети за жени жртви на насилство, можности за образование и обуки во различни области, како и мерки за вработување утврдени во постоечката законска регулатива. 

Ќе ги повикаме сите невладини организации и активисти да укажат на постоечките форми на дискриминација и создавање стереотипи во основното и средното образование.
Владата ќе се посвети на зголемување на пристапот до квалитетни услуги за планирањето на семејството и изборот на современи контрацептивни методи и средства (на позитивна листа на лекови), намалување на старосната граница за скрининг за репродуктивното здравје, воведување мобилни гинеколошки клиники во руралните средини и помалите општини каде нема гинеколози, задолжителен бесплатен здравствен пакет (ЗЗП) за жени над 35 години, кој вклучува гинеколошки преглед и мамографија. 

Ќе предложиме одредби во законот за работните односи во кој ќе се дефинира и уреди мајчинско отсуство, татковско отсуство и  ќе овозможиме заедничко флексибилно родителско отсуство за двајцата родители, работа од дома ако го прекине еден од родителите отсуството и се врати на сопствена иницијатива порано на работа и доколку работните задачи тоа го дозволуваат. Ќе овозможиме ослободување од ноќен труд на самохраните родители.