Власт најблиску до граѓаните

Во новиот мандат Владата на Република Северна Македонија ќе го продолжи процесот на децентрализација. Во него гледаме дополнителна демократизација на општеството, поефикасно и поекономично обезбедување и испорачување на услугите, но и засилен локален развој. Смислата е надлежностите да се пренесат на нивото на управување (власт) коешто е најблиско до граѓаните, кое што може најефективно да ги извршува, со соодветни финансиски средства и загарантирана вклученост на граѓаните во донесувањето на одлуките. 

Продолжуваме со политиките за развој на општините, односно фискална децентрализација и рамномерен регионален развој со цел зајакнување на финансиските извори на општините, но воедно и зголемување на одговорноста и транспарентноста на нивното работење. Ќе се разговара за можностите за зголемување на уделот на ДДВ и персоналниот данок на доход што се издвојува за локалната самоуправа, и тоа со утврдена неколкугодишна динамика со механизми за поттикнување на нивната ефикасност во зголемување на наплатата и на општинските јавни давачки. Во оваа насока ќе се разговара за ревидирање на методологијата за распределба на средствата на даноците и дотациите по општини. 

Ќе воведеме нови, поефикасни инструменти за поддршка на општините, со цел да ги подобрат своите перформанси. Тоа ќе го направиме со дополнителните два гранта: Грант за еквилизација и Грант за перформанси. Со ова се воведува еден систем на стимулација и компетитивност на општините што носи квалитетни и навремени услуги. 
Владата на Република Северна Македонија ќе ја имплементира стратегијата за Рамномерен регионален развој. Дополнително, ќе се разговара за ревидирање на методологијата за распределба на средствата од даноците и дотациите по општини. Во програмите за субвенционирање на претпријатија ќе се применат и критериуми за рамномерен регионален развој, за да се поттикне развојот на помалку развиените региони.

Секоја единицa на локалната самоуправа која ќе користи средства од државниот буџет ќе мора да прифати јасни правила за транспарентност во своето работење и ставање на увид на јавноста на сите финансиски трошоци, преку системот на Отворени финансии.

Владата ќе поддржи модел за Подобри и посилни инспекциски служби на ЕЛС заради соодветно справување со предизвиците  во  делот  на  комуналните  работи,  градежништвото,  заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните и регулирање на сообраќајот. Ќе ги зголемиме нивните овластувања и ќе овозможиме да се организираат во заедничка акции на регионално и државно ниво. Нема веќе формални, бирократски аргументи да бидат причина за непостапување и отсуство на заштита на граѓаните.

Владата ќе предложи законски решенија со кои граѓаните и здруженијата ќе имаат можност да предлагаат точки на дневен ред и да учествуваат во работата на Советот. Граѓаните, здруженијата и месните заедници задолжително ќе учествуваат во донесувањето на развојните програми и на буџетот на општината. Обврската за консултации со граѓаните ќе ја прошириме и на програмите на општините.

Ќе го поддржиме процесот на реформи на комуналниот сектор со грантови и со евтини кредити за модернизирање на машините и опремата на локалните јавни претпријатија. Истовремено јавните комунални претпријатија ќе имаат обврска да ги изградат човечките и институционалните капацитети, кои заедно со инфраструктурата и опремата се основен предуслов за давање на подобри и поквалитетни услуги кон граѓаните.

Владата ќе води политика на групирање на сите капитални инвестиции за ЕЛС на едно место. Средствата кои произлегуваат од програмите на министерствата и агенциите и се наменети за општински и регионални проекти ќе ги обединиме, при што системот на координација за распределба на средствата согласно утврдени критериуми ќе го врши Советот за  рамномерен  регионален  развој.  Заради  поголема  извесност во планирањето и реализацијата на овие капитални инвестиции ќе воспоставиме тригодишно буџетирање.

Владата ќе обезбеди ресурси (организациски и финансиски) за да помогне особено на помалите општини кои немаат доволен капацитет одеднаш да се справат со реализација на големи проекти. На тој начин ќе го стимулира локалниот и регионалниот развој, особено преку максимална искористеност на претпристапните и новите структурни и кохезиони фондови на Европската Унија.