Заштита на животна средина

Правото на здрава животна средина е фундаментално граѓанско право. Она што ни покажа и не научи здравствената криза поради пандемијата со вирусот COVID-19 е дека треба да го смениме начинот и навиките на кој ги планираме и спроведуваме нашите активности. На глобално ниво, се погласни се препораките дека здравствената и економската криза не треба да значи одлагање на еколошките политики. Владата на Репубика Северна Македонија ќе ги следи новите стратегија и план за обновување на економската, социјалната и еколошката компонента на Европската Унија во борбата против климатските промени и загубата на биолошката разновидност, особено преку имплементација на Зелениот договор на ЕУ и Целите за одржлив развој на Обединетите Нации.

Нема економија без одржливост и нема здравје без чиста животна средина. Ова ќе ни биде најголемиот предизвик на новиот мандат: чиста, здрава и добро зачувана животна средина како поддршка на одржлива економија и општество, во кое живеат задоволни граѓани. Неопходен ни е социјален, еколошки и економски напредок кој носи благосостојба и правда за сите граѓани, но воедно ги зачувува вредностите за идните генерации. Тоа подразбира паметно планирање и водење грижа за јавниот интерес. При тоа, Владата ќе се води од следниве принципи: борбата против климатските промени на глобално ниво како составен дел на сите секторски политики, превентивно дејствување (пред да настане штетата, односно загадувањето), загадувачот плаќа (трошоците за заштита на животната средина треба да ги сноси правното или физичкото лице кое ја загрозува животната средина), борба против нарушување на животната средина на самиот извор на загадувањето (каде е поедноставно и поекономично да се отстранат последиците од загадувањето) и интегрирање на заштитата на животната средина во другите политики (земјоделство, транспорт, енергетика, индустриска политика итн.).

Владата ќе го постигне ова преку планирање и водење процеси кои подразбираат, од една страна заштита на природата и природните ресурси од загадување и намалување на климатските промени, а од друга страна развој на државата преку постојано вложување во зелена економија и креирање на зелени работни места.

Визијата за развој на државата може да се оствари со квалитетно долгорочно планирање коешто дава приритет на јавниот интерес, ги усогласува потребите на сите сектори и нуди оптимални рамки за економски развој кој ќе има најмало негативно влијание врз животната средина. Се залагаме за долгорочен одржлив развој што се темели на грижливо користење на природните ресурси. Контролата и намалувањето на загадувањето останува една од основните цели. Ова вклучува употреба на еколошки горива и користење на обновливи извори на енергија, промовирање на одржливо управување со отпад, правилно и правично управување со водите и зелен транспорт. Ја поддржуваме циркуларната економија преку која ќе се намалат количините на отпад поради повторна употреба и рециклирање на материјалите и производите.

За исполнување на овие суштински цели, Владата ќе ги спроведува следните чекори:

  • До 2024 ниту една државна институција нема да се грее со стари и нееколошки системи за греење. Сите јавни институции се мапирани и ќе се донесат одлуки за најсоодветните решенија: (1) поврзање на централно парно греење, (2) на гас, (3) користење на високоефикасни инвертер клима уреди или (4) топлотни пумпи.
  • До крај на 2020 воведуваме постојана 24/7 контрола на Државниот инспекторат за животна средина и локалните инспекторати, ги вмрежуваме државниот и локалните капацитети и ќе ги зголемиме нивните ингеренции. По акредитација на методи на нив ќе им биде ставена целосно на располагање Централната лабораторија за животна средина, а Државниот инспекторат секоја година ќе потпишува договори за соработка со акредитирани лаборатории за суперконтрола.
  • Ќе ги заостриме казните само во областа  на  заштита  на  животната  средина поради лошото искуство од неажурност на институциите и бирократско водење на постапките. За оние кои незаконски ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето поради профит ќе има и кривична одговорност. Секој кој ќе биде констатирано дека ги прекршил правилата и процедурите ќе ја изгуби лиценцата и дозволите поради неодговорно однесување и неисполнување на законските обврски.
  • Првите две години на мандатот ќе бидат посветени на планско, но интензивно зазеленување на државата, а особено најзагадените градови. Согласно планот, ќе направиме: поставување на зелени коридори и бариери/ѕидови на критични точки како зелен ѕид на Клиничкиот центар Мајка Тереза, поголема запуштена површина ќе биде заменета со урбано зеленило и соодветна урбана опрема, обврска за зелени зони околу индустриските капацитети, пошумување во касарни. 
  • Започнуваме промена во политиките за јавен транспорт. Владата ќе даде поддршка на град Скопје кој започнува изградба на систем Bus Rapid Transport - брз транспорт со трамвај (со кредитна линија од ЕБРД). Ќе воведеме покомплексен систем на субвенции и даночни олеснувања за набавка на“еколошки” возила (на електричен и хибриден погон), замена на нееколошко гориво со гас кај транспортни средства (особено за транспортери на стоки, такси возила и сл.) и набавка на велосипеди. Во соработка со градовите и граѓаните ќе воспоставиме законски и институционален модел за унапредување на велосипедскиот сообраќај и ќе воведеме зони со ниска емисија или зона со забрана на сообраќај за тешки товарни возила, временски распоред за достава на стоки, локална политика на паркирање (особено во близина на јавни објекти, пред се градинки, училишта и здравствени објекти).
  • Владата ќе инвестира во дополнителни мерни станици низ државата и посебна софтверска апликација која ќе овозможи полесен и потранспарентен приказ на состојбата со ПМ честичките, како по датум, така и по локација, со соодветни прегледи и извештаи.
    Во 2021 година ќе воведеме систем во четири нивоа на опасност за рана најава на поволна временска прогноза за појава на зголемено загадување на воздухот кој ќе биде дел од постоечкиот систем за рана најава во УХМР. Податоците за емисиите од големите загадувачки капацитети ќе им бидат достапни на граѓаните во реално  време, како  и  Катастарот за  животна  средина, регистрите за испуштање и пренесување на загадувачки материи, регистрите на издадените еколошки дозволи и одобрени елаборати. Ќе дадеме поддршка на иницијативите за поставување мерни станици, со пропишување на различни категории мерни инструменти, според нивната прецизност на мерењата со цел детектирање на локалните доминантни извори на загадување на воздухот.
  • Ќе ги искористиме и резултатите од проектот „Поддршка на Македонија во пристапувањето кон ЕУ во областа на животната средина (2019-2021)“ од кој ќе добиеме Извештај за состојбата на мониторингот на квалитетот на воздухот во Македонија со вклучени препораки за подобрување на системот, инвестиции во нови инструменти за мониторинг на квалитетот на воздухот и/ или поправка на инструменти, зголемен капацитет на експертите за квалитет на воздухот во Македонија за управување со податоците за квалитет на воздухот, надграден систем за управување со податоци и известување.
  • Ќе ги намалиме законски дефинираните гранични вредности на загадувачките супстанции во воздухот (на пониско ниво) и ќе ги зголемиме стандардите за квалитет на горива во насока на контрола на повеќе параметри. Ќе донесеме законско решение за дефинирање на стандард за квалитет на пелети. Во 2021 ќе воведеме мерење на зацрнетоста на чадот по соодветни стандарди.
  • Во 2021 ќе го донесеме Законот за индустриски емисии и од 2023 ќе обезбедиме меки кредитни линии за набавка на опрема и нови технологии за намалување на загадувањето на животната средина за малите, средни и големи капацитети. За истата ќе обезбедиме и даночни олеснувања при увоз.
  • Ќе обезбедиме засилена контрола над работата на станиците за технички преглед на возила, заради задолжително контролирање на издувните гасови од возилата што се регистрираат. При регистрирање на возило во сообраќајот кое ги надминува пропишаните мерки, веднаш ќе се активира контрола и одговорност за станицата која истото го одобрила, а возилото времено ќе биде отстрането од сообраќајот.
  • Ќе помогнеме на малите и средните претпријатија да се прилагодат на новите еколошки стандарди. Ќе ги мапираме малите и средните компании кои користат дел од својот отпад за затоплување на просториите, а со тоа го загадуваат воздухот и ќе ги повикаме да учествуваат во повикот за субвенционирање на еко опрема  за мали и средни компании.
  • Ќе предложиме закон со кој ќе се формира комунална полиција на локално ниво, со која ќе можат досегашните комунални инспектори и Еко патроли заеднички да преземаат мерки за сторителите на штетните активности: одлагање на отпад на места кои не се предвидени за тоа, создавање на диви депонии од градежен и мешан комунален отпад, палење на гуми и останати високоштетни материи, палење и уништување на контејнери и сл. со мандатни казни. Комуналната полиција ќе почна да функционира во 2021.
  • Во првите две години ќе вложиме 5 милиони евра за енергетска ефикасност на јавните објекти за да ја намалиме потрошувачката и загадувањето.
  • Во градежништвото, ќе вршиме засилена контрола на градилиштата и почитување и контрола на енергетските и други критериуми при градба и реконструкција на објекти.
  • Преку проектот “Зајакнување на капацитетите на централно ниво за намалување на цврсти честички во воздух преку користење на нуклеарни технологии„ од IAEA (Меѓународна агенција за атомска енергија) со 235.990 евра ќе се набави инструмент кој користи нуклеарни технологии за анализа на составот на PM честичките, набавка на семплери за земање на примероци на воздух, спроведување на мерна кампања и подготовка на национална студија за одредување на главните извори на PM во поголемите градови во Македонија.
  • Наша цел е до крајот на 2025 година минимум 60% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден на територијата на Република Северна Македонија да се преработи со операции за преработка или да се употреби за добивање енергија, а до крајот на 2025 година минимум 55%, а максимум 80% од тежината на отпадот од пакувањето што е создаден и собран на територијата на Република Северна Македонија да се рециклира.
    Во 2020 ќе го донесеме Националниот план за превенција на отпад како национална цел и политика за создавање, намалување, повторна употреба и рециклирање на отпадот (2020-2026). Континуирано ќе спроведуваме активности за поставување на системи согласно новите 6 закони за посебните текови на отпад, заради унапредување на примарната селекција на посебните текови на отпад (отпадна пластика и хартија, отпадна опрема од домаќинствата, отпадните гуми и масла, искористени возила и отпадот од текстил). Ќе работиме на интегрирана регионална инфраструктура за собирање и третман на отпадот, со акцент на одделно собирање, на местото каде се создава отпадот, на материјали кои може да се рециклираат, како и на третман на биоразградливиот отпад. Вкупното намалување за периодот 2020-2026 на биоразградливиот отпад што се отстранува на депониите ќе биде 25%.
  • Воведуваме засилена контрола на увоз и извоз на отпад, собирање, складирање и третман на сите видови на отпад, како и вонредна контрола на сите издадените дозволи за управување со отпад. Ќе ги повикаме невладините организации да ни се приклучат заради транспарентност и зголемена доверба кај граѓаните.
  • Ќе спроведуваме зајакната инспекциска контрола на правните лица кои поседуваат дозволи за собирање, транспорт и третман на отпад (особено медицински и останати видови опасен отпад), како и кај создавачите на истиот.
  • Во Скопскиот регион ќе помогнеме за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на депонијата во Вардариште како и расчистување и рекултивација на локации со несоодветно отстранет отпад во урбаните и руралните подрачја.
    Ќе ги спроведеме активностите за интегриран и финансиски одржлив систем за регионално управување со цврст отпад во Источен и Северо-источен регион (ИПА) набавка на возила и опрема за собирање отпад, затворање на депониите и изградба на центар за управување со отпад и шест локални објекти за управување со отпад - претоварни станици. Ќе обезбедиме услови за воспоставување на систем за управување и финансирање во секторот на комунален отпад во Југоисточен, Вардарски, Југозападен и Пелагониски регион, за управување и изградба на депонии, набавка на опрема, трансфер станици, затворање на диви депонии (техничка помош на ЕБРД). Ќе се разгледаат можностите за домашно и ЕУ финансирање, како и можноста за концесија или модел на Јавно приватно партнерство. Продолжуваме со осовременување на депонијата во с.Русино во Полошкиот регион со помош на средства обезбедени преку билатерална соработка меѓу Владата и Швајцарија до 2022 година (8 милони CHF).
  • Како поддршка на локалните власти во борбата за чиста околина, ќе обезбедиме директна поддршка за набавка на 10.000 канти и контејнери на годишно ниво.
  • До 2024, постепено ќе ја забраниме употребата на пластични кеси во малопродажба.
  • до 2024 година Владата ќе изработи нов просторен план на Република Северна Македонија за наредните 15 години.
  • Ќе донесеме Методологија за изработка на просторни планови која ќе одговара на современите предизвици, ќе го штити јавниот интерес и услови и потреби за користење на просторот.
  • Ќе го зголемуваме квалитетот на урбаното живеење. Во урбанизмот, при изработка на новиот Правилник за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, ќе предвидиме:
    • земјиштето кое е планирано или на кое има изведено парковско или заштитно зеленило или пак простор за рекреација, нема да може да се пренамени во друга намена (домување, комерцијални објекти, јавни објекти или пак објекти за производство...).
    • Одредбата која во актуелниот правилник дозволува „Површина  изведена  со класа на намена парковско зеленило ... да може да се пренамени во друга класа  на намена само со генерален урбанистички план“ ќе се дополни со обврска да се обезбеди претходно планираната површина на друга локација, односно да не се дозволи намалување на планираните површини со намена Д1.
    • Зајакнати одредби за минимален процент на зеленило по жител на ниво на генерален урбанистички план, кој секако треба да е усогласен со Законот за урбано зеленило, но зајакнат во насока да се обезбеди  минимален  процент на јавно зеленило (парковско, заштитно, рекреативни простори), за  разлика  од Законот за урбано зеленило во кој во минималниот процент се опфатени и површините кои претставуваат најмалку 20% зеленило на градежните парцели со други класи на намена.
  • Ќе иницираме измена на законот за минерални суровини за да се осигура дека по завршување на експлоатацијата, навистина се реализира санација и рехабилитација на теренот.
  • Ќе се зафатиме со решавање и на останатите критични жаришта! Ќе направиме санација на индустриско жариште - ревитализација на депонија за индустриски отпад од рудник во Радуша и Јегуновце. Редовно ќе се оддржува системот СКАДА и пумпна станица во депонија Јегуновце и ќе се санира таложник во пречистителна станица Јегуновце.
  • Ќе се спроведе санацијата на индустриското жариште, односно ќе се реши проблемот со линданот во хемискиот комбинат ОХИС, Скопје (отстранување од една од двете локации со соодветна технологија и ревитализација на локација) со обезбедени 15,5 милиони долари. Ќе се направат испитувања на третата депониска локација во ОХИС.
  • Постапките на доделување концесии за користење на вода, за вадење на песок, чакал и камен од коритата на реките ќе се доделуваат еднаш годишно, со јавни расправи и учество на засегнатата јавност.
  • Воведуваме забрана за изградба на нови малихидроелектрани во заштитени подрачја и национални паркови.
  • Ќе се ревидираат институционалната поставеност и поделба на надлежностите заради обезбедување на сеопфатен мониторинг на состојбата и квалитетот на водите.
  • Воведуваме забрана за изградба на нови мали хидроелектрани во заштитени подрачја.
  • Владата ќе ја поддржи изградбата на пречистителна станица за Град Скопје (136 милиони евра со вклучени 10 мил евра грант компонента) 
    До 2022 ќе ги завршиме: рехабилитацијата на канализационата мрежа во општина Кичево, изградба на пречистителна станица и рехабилитација на канализациона мрежа во Тетово и Битола и поврзување на општина Виница на пречистителната станица во Кочани
    До 2021 ќе ги завршиме: мерки за санација и реконструкција на колекторот и пречистителна станица во Дојран и Враниште, Охрид.
  • Ќе обезбедиме достоинствена санитација во руралните и средини без пристап до вода за пиење. Ќе обезбедиме суви тоалети во руралните училишта каде овој проблем не е решен и каде што нема пристап до вода. Тоа не е само замена за традиционалните, туку се еколошки, одржливи и безбедни за корисниците и за животната средина.
  • Ќе го зголемиме процентот на заштитени подрачја преку валоризација на подрачја за заштита и ревалоризација на заштитени подрачја (Шар Планина, Осоговски Планини, Ченгино Кале, Охридско Езеро, Студенчишко Блато, Водно, Кањон Матка и др.). Планот на Владата е Шар Планина да се развива како национален парк. Ќе се продолжи со идентификација на предлог подрачја во рамки на процесот за воспоставување на Европската кохерентна еколошка мрежа Натура 2000.
    Ќе се изготват нови Планови за управување со НП Пелистер, НП Галичица и НП Маврово. Ќе помогнеме одржливо да се користат природните ресурси преку брендирање на локални подрачја и производи.
    Ќе донесеме Планови за управување со заштитените подрачја (Шар Планина, Осоговски Планини, Преспанско Езеро, Маркови Кули и др.) и ќе изработиме Студија за валоризација на природните вредности на Јабланица. Ќе донесеме Просторни планови за Националните паркови Пелистер, Галичица и Маврово, а ќе подготвиме План за управување со повеќенаменското подрачје Јасен.
  • Развиваме национална Стратегија за намалување на ризикот од катастрофи, во согласност со Рамката на Сендаи за намалување на ризикот од катастрофи.