Без безбедност нема развој

Членството во НАТО е нашиот најголем државен успех. Го остваривме сонот на основачите на македонската независна држава. Станавме дел на најмоќната воено-политичка алијанса која светот ја видел, како една меѓу еднаквите. Владата на Република Северна Македонија не го гледаме како крај туку како почеток на едно ново поглавие во историјата на нашата земја: безбедноста ни дава шанса и сила да бидеме поамбициозни и посилни во сферите на економија, добро владеење и правна држава.

Со членството во Северноатлантската договорна  организација  како  и  идното  членство  во Европската Унија, продолжува изградбата на способностите за колективна одбрана, кооперативна безбедност и управување со кризи. Прашањето на опстанокот е затворена тема, а стабилноста, развојот и иднината на државата остануваат приоритет.

Важноста на одбраната и членството во НАТО се покажа и во текот на вонредната состојба предизвикана од пандемијата со коронавирусот COVID-19. Во тешки и животнозагрозувачки услови, Армијата повторно го положи тестот со зголемена улога и одговорност во поддршка на полицијата, здравствениот систем, државните и локалните институции. Нашето успешно справување со последиците на пандемијата на COVID-19 беше возможно само со мобилизирана и подготвена Армија за што придонесоа бројните НАТО обуки и вежби. Дополнително, првата помош во поглед на заштитен материјал и опрема пристигна преку НАТО механизмот - Центар за одговор на непогоди (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre).  

Целта на нашата одбранбена и безбедносна политика е да обезбеди мирен развој, независност и суверенитет на државата, територијален интегритет, уставен поредок и безбедност на граѓаните. Преку принципите на транспарентност, одговорност и отчетност од една страна, и одржливост и спроводливост на политиките базирани на продуктивноста и досегашните резултати од друга страна, Владата на Република Северна Македонија ќе ги продолжи успешните реформи во одбранбениот сектор.

За воспоставување на одржлив систем на одбраната ќе продолжиме со стабилно финансирање на одбраната и достигнување на 2% од БДП за одбранбениот буџет до 2024 преку пораст за 0,2% од БДП секоја година. Стабилно финансирање значи стабилна и силна Армија и вистински придонес во Алијансата. Силна Армија значи и силна поддршка на државата во услови на кризи и акции за заштита и спасување на национално ниво. Силна Армија ќе биде и силна поддршка на цивилното општество.

Во делот на стратешките документи, главниот фокус ќе биде на Планот на одбранбените цели кој што ги дефинира нашите развојни планови и активности во согласност со процесот на НАТО одбранбеното планирање – NDPP - NATO defence planning process. 

Стабилното финансирање на Армијата ќе овозможи понатамошен пораст на платите, но и зголемување на борбената готовност и интероперабилност на Армијата и нејзина сериозна модернизaција, особено земајќи ги предвид новите безбедносни предизвици. Владата ќе го спроведува Планот за опремување и модернизација на Армијата согласно приоритетите за опремување на декларираните сили преку повеќегодишни проекти: развој на Лесната пешадиска баталјонска група лоцирана во гарнизонот во Штип со фокус на обуката и опремувањето, продолжување на отпочнатиот проект за набавка на оклопни транспортери на тркала, сајбер одбрана, воведување на воено воздухопловство од западно производство, набавка на лична заштитна опрема за припадниците на Армијата, за набавка на системи за против-воздушна одбрана. Ќе ги засилиме обуките и вежбовните активности. Тежиштето во иднина и во овој сегмент ќе биде на декларираните сили, поточно Лесната пешадиска баталјонска група.

Владата ќе продолжи да инвестира во модернизација на Армискиот полигон „Криволак“ (инфраструктурно поврзување, развој на нови содржини, решавање на проблем со водоснабдување), кој ќе стане домашен и НАТО ресурс, но ќе придонесе и кон зајакнување на локалните и националната економија. Експертите од НАТО и САД високо ги оценуваат капацитетите на АП „Криволак“, со можноста за прераснување во НАТО полигон за обуки и вежбовни активности. Воедно, ќе обезбедиме постојана мерна станица за да покажеме придржување до сите стандарди за зачувување на животната средина.

Ќе се специјализираме, во духот на концептот на „паметна одбрана“. Информациите и лажните вести, како и стратешките комуникации и односите со јавноста стануваат безбедносни прашања од највисок приоритет. Имаме искуство и знаење кое може да го понудиме и да го надградиме: Регионалниот центар за односи со јавноста (РЦОЈ), во рамки на Министерството за одбрана, како акредитиран НАТО Центар за обука и едукација, ќе го развиеме како Регионален центар за борба против дезинформации и лажни вести за потребите на јужното крило на НАТО, во тесна соработка со Центарот за извонредност за стратегиски комуникации во Рига. 

Продолжуваме со подобрување и обнова на инфраструктурата на воените објекти со реновирање на стари и изградба на нови објекти со имплементација на обновливи извори на енергија секаде и реконструкција на објекти касарна Илинден, Команда на SEEBRIG, Воена Академија, водоводна и канализациона мрежа во касарната во Штип.

Во првата година од мандатот, Владата ќе понуди структурна реформа на системите за управување со кризи и заштита и спасување преку реорганизација, опремување и обука на оперативните тимови за брза интервенција. Овие сегменти претставуваат фундамент во изградбата на отпорно општество од кризи и катастрофи. Тоа се покажа и во текот на кризната и вонредната состојба предизвикани од пандемијата на коронавирусот. Во првата половина од мандатот ќе го реализираме системот за повици „112“.

НАТО е поддршка и за македонската наука! Во соработка со домашните универзитети, ќе воведеме буџетска линија во буџетот на Министерството за одбрана за поддршка на научни проекти од интерес на одбраната. Ќе се земат предвид и научените лекции и искуството при учество во Science for Peace проектите. Министерството за одбрана ќе го поддржи секој научен проект кој ќе обезбеди финансиска поддршка од одбранбените научни фондови на земји членки на НАТО или од Алијансата.

Во првите 12 месеци Владата ќе предложи измени во Законот за јавни набавки со кои се овозможува директно управување со финансиски средства во износ од околу 500 евра од страна на командите и касарните – децентрализација на буџетот.

Во Министерството за одбрана ќе формираме Центар за поддршка на домашните компании при настап на НАТО тендери. Целта ќе ни биде во првата година на нашето членство во НАТО да обезбедиме целосна комуникација помеѓу нашите комори и релевантните НАТО агенции.

Владата ќе продолжи да ја потенцира важноста и улогата на превентивна дипломатија, превенција на конфликти и хуманитарни активности. И во 2020 година, го продолжуваме фокусот на нашето учество во меѓународните мировни операции и цивилни мисии во иднина.