Премиерот Заев и генералната секретарка на СРС, Брегу: Отворени сме за регионална соработка на патот за исполнување на евроинтеграциската стратешка цел на земјата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, денеска се сретна со генералната секретарка на Советот за регионална соработка (СРС) Мајлинда Брегу, која ја посети нашата земја, како дел од агендата за посета на земјите од регионот.

На средбата, беше истакната важноста на постојано унапредување на регионалната соработка меѓу земјите од регионот во справувањето со предизвиците, земајќи ги предвид потребите во делот на  економскиот развој, подобрување на конкурентноста, унапредување на дигиталната инфраструктура и вложување во слободен проток на трговија.

Беа истакнати повеќе активности на Советот за регионална соработка, насочени кон олеснување и унапредување на регионалната соработка со цел остварување на евроинтеграциската стратешка цел на нашата земја, која е посветена на одржување на пријателски односи со соседите и надминување на економско-здравствената криза.

Премиерот Заев изрази уверување дека Владата гарантира континуитет во спроведувањето на заедничките стратешки приоритети, членство во НАТО и ЕУ, унапредување на меѓуетничките и добрососедските односи и продолжување на напорите за економски раст и развој  и успешно справување со светската пандемија на вирусот КОВИД-19.