Премиерот Заев и словенечкиот амбасадор Предан: Пријателството продолжува преку поддршка при пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ и како партнери во НАТО, ја унапредуваме добрата економска соработка

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев денеска  го прими новоименуваниот амбасадор на Република Словенија во нашата земја, неговата екселенција Милан Предан, при што беше изразено задоволство од одличните билатерални односи на двете земји.

На средбата беше истакнато дека двете земји ги поврзува долгогодишно пријателство и соработка, а Северна Македонија во Словенија има искрен поддржувач во процесот на пристапувањето на нашата држава во Европската Унија и како блиски партнери и членки на НАТО алијансата.

Разговарајќи за пандемијата со КОВИД -19, премиерот Заев и амбасадорот Предан констатираа дека взаемната поддршка на двете земји за време на здравствено-економската криза е од исклучително значење за надминување на последиците кои ги чувствуваат граѓаните.

Беше констатирано дека Северна Македонија и Словенија остануваат посветени на создавање услови за зголемување на економската и трговска соработка, како и унапредување на развојната соработка меѓу двете земји со цел постигнување успеси во одржливиот економски развој, социјалните услуги, доброто управување, животната средина и современото образование.