Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се сретна со Дирк Јан Коп, амбасадор на Кралството Холандија во нашата држава.
На состанокот се изразени честитки за формирањето на новата Влада согласно законските и уставните рокови. При тоа е констатирано дека на почетокот од функционирањето на Владата се видливи ветувачки амбиции и планови за ефикасна работа на Владата. Оценето е дека добрососедските односи се вредност и за нашата земја и за регионот и дека постои релаксирачка клима во државата за посветена работа на внатрешен план.
Заеднички е ставот дека области на коишто треба да се посвети посебно внимание во претстојниот период се владеењето на правото и борбата против криминалот и корупцијата, каде е направен голем прогрес во легислативата, којашто сега треба целосно да се имплементира.
Премиерот Заев објасни дека Владата е силно посветена на овие приоритети.
„Сега е време за резултати на планот на економијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата. Решени сме да воспоставиме функционална правда, за ефикасна борба со криминалот и корупцијата и за развој на економијата. По решавањето на билатералните прашања со соседите, како што покажа и средбата во Атина, отворивме шанси за поинтензивна економска соработка и на регионално ниво, што ќе донесе економски бенефити за граѓаните на нашите држави“, рече премиерот Заев.
На состанокот беше разговарано и за можностите за помош и поддршка од Холандија во важните области во евроинтеграцискиот процес како и за интензивирање на билатералната соработка помеѓу Северна Македонија и Холандија во областа на економијата.