Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Катлин Чаба, амбасадорка на Канада во нашата држава, којашто го завршува својот мандат.
На состанокот e констатирано дека пред државава и граѓаните се нови историски можности, коишто се гледаат во евроинтеграцискиот процес и во економскиот развој и во таа насока е пренесена цврста поддршка од Канада и за евроинтеграциите и за унапредувањето на економијата. Истакната е важноста на лидерството на премиерот Заев во решавањето на важните прашања, коишто овозможија членство на нашата држава во НАТО и одлука за почеток на преговорите со ЕУ.
Премиерот Заев изрази благодарност за пријателската и принципиелна поддршка од канадскиот премиер Џастин Трудо, кој ја охрабрува и нашата држава, како што охрабрува и во светот со неговите позитивни политики за граѓаните, а благодарност е упатена и до граѓаните на Канада и за личниот придонес на амбасадорката Чаба, во успесите на историските настани за Северна Македонија.
„По членството во НАТО, посветени сме да ги исполниме очекувањата на Алијансата за наш придонес во регионот и во светот, со нашите мирољубиви политики. Воспоставените добрососедски односи сега се насочени кон ефикасна економска соработка. Сѐ што правиме е за подобар живот на граѓаните. Фокусирани сме на имплементација на реформите во сите области, посебно во делот на владеењето на правото, затоа што тоа е важно за напредокот во евроинтеграциите, но е важно и за сигурноста на нашите граѓани, а и за инвеститорите кои сакаат да вложуваат во држава со функционална правда“, рече премиерот Заев.
На средбата е оценето дека потврда за добрите пријателски односи помеѓу Северна Македонија и Канада е и соработката за време на здравствената криза. Премиерот Заев изрази благодарност за канадската донација од 250.000 канадски долари, за надминување на последиците од здравствената криза. Изразена е благодарност и од Канада до Владата во државава, за успешното враќање на канадските граѓани во родната земја, во време кога беа затворени границите. Констатирано е дека пред двете држави се можности за поинтензивна соработка на економски план, како и меѓу министерствата за внатрешни работи и за одбрана, на двете држави.