Заев и Царовска: Oваа школска година е поразлична од претходните заради пандемијата, солидарни и заедно ќе направиме се за учениците да имаат успешна година

Денеска претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и министерката за образование и наука Мила Царовска, придружени од градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев се обратија по повод првиот училишен ден во основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош.

Во продолжение, Ви го пренесуваме обраќањето на премиерот Заев, министерката Царовска и на градоначалникот Богоев во целост:

 

Обраќање на претседателот на Владата на Република Северна Макeдонија Зоран Заев на првиот училишен ден во основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош

 

„Денеска се радувам што сум тука со вас, исто толку колку се радувате и вие – децата ученици!

Денешниот ден е посебно радосен и возбудлив за првачињата.

Денеска овие наши дечиња го заслужуваат најголемото внимание и ние сите сме должни да им го отстапиме.

Ова е еден од нивните најзначајни денови во животот.

Дечињата првачиња денеска ќе добијат стотици честитки, и желби за успешен прв училишен ден и успешни школски денови во сите наредни години.

Мене ми е посебно драго што и мене денеска, во училиштето „Јан Коменски“ ми е дадена прилика и јас да ви го честитам првиот училишен ден.

Овој ден денеска е посебен, ден што ќе го паметите целиот ваш живот. 

Убеден сум дека вашите родители во очекување на овој ден ви го раскажувале и нивниот прв училишен ден. Сите го паметиме.

Тоа е првиот ден од илјадниците денови што ќе ги поминете во училиштето во кое ќе ви се случат некои од најважните работи во животот.

Тука ќе учите. Тука ќе ги направите некои од пријателствата што ќе ви траат низ целиот живот.

Тоа е училиштето. Тоа е местото што од сега натаму ќе го посетувате секој ден за да стекнувате многу знаење. 

Знаењето што ќе го примате и совладувате со вашите умни главички, во ова училиште, и во другите училишта подоцна, ќе ви помогнат да бидете лекари, градители на највисоки згради и на најубави мостови, ќе ви помогне да бидете најдобри сликари, балерини, новинари, глумци и се што ќе посакате вие да бидете во животот.

За тоа е училиштето, за тоа е знаењето.

Сепак мора да признаеме дека оваа школска година што не е како ниту една од претходните.

Заради пандемијата од коронавирусот, оваа година вон училиштата ќе се спроведуваат мерки за заштита на здравјето на децата и на наставниците.

Сите мора да бидеме солидарни и да покажеме разбирање во целиот овој процес.

Ако сите се придржуваме до мерките полесно ќе ја поминеме оваа училишна година и на тој начин ќе се погрижиме таа да биде единствена и последна ваква.

Вие децата сите сте многу паметни и љубопитни. Тоа е многу добро. И секогаш да си бидете љубопитни. 

Јас сум убеден дека токму заради вашата љубопитност вие сите веќе знаете зошто ќе треба да носите маски, да се дружите малку пооддалечени еден од друг и редовно и почесто да ги миете рацете.

На тоа ќе ве потсетуваат вашите наставнички и наставници, а вие ќе бидете умни и ќе ги следите нивните совети.

Постојано носете маски, одржувајте растојание со другарчињата и често миење на рачињата. Ова да си го повторуваме секој ден, и секој ден да ги потсетуваме своите другарчиња.

Кога веќе ги спомнавме тоа, сакам да им честитам и на вашите наставници на прв училишен ден во оваа учебна година. Знам дека и тие се многу радосни што добиваат шанса да воспитуваат и едуцираат уште една генерација умни глави, иако оваа година во услови на пандемијата КОВИД-19.

Со тоа тие добиваат уште една обврска и одговорност, но уверен сум дека благородноста на оваа професија ќе биде доволно силна и таа нова грижа за децата, а и за себе си, да ја практикуваат на најдобар можен начин.

Мили деца, почитувани и среќни родители почитувани наставници нека ви е честит првиот училишен ден“.

 

Обраќање на министерката за образование и наука Мила Царовска на првиот училишен ден во основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош

 

„Дозволете ми да им се обратам прво на првачињата.

Драги првачиња, денеска е посебен ден за вас, заради тоа што денеска прв пат ќе го слушнете училишното ѕвонче, денеска за прв пат ќе седнете во училишна клупа.

И тоа денеска ќе ве направи ученик или ученичка. А тоа значи дека во текот на целиот живот ќе се стекнувате со знаења. И досега учевте, и во градинките и дома. Но сега, учителите и учителките се вашите водичи во она што ќе го среќавате во животот понатаму. 

Мене ќе ми биде навистина драго оваа година да ви биде интересна. 

Оваа година ќе биде поинаква од она што вие го очекувавте, можеби ќе биде и потешко во дадени моменти но сум сигурна дека ќе биде многу интересно за сите вас.

Сите носите шарени маски, и тие се интересни. Вие треба да зборувате со своите маски, треба да зборувате и со наставниците и наставничките за тоа зошто почесто ги миеме рацете, зошто во редица влегуваме и излегуваме од училница, зошто би требало да споделуваме секогаш со другарчињата но овој пат нема да можеме да ги споделуваме гумичките и моливчињата.

Но сето тоа можеме да го направиме на интересен начин, на различен начин. За тоа тука ни се нашите наставнички и наставници, тука ни се директорките и директорите, другите служби во училиштето да сето ова ни го објаснат и ни го направат интересно. Затоа наставнички и наставници, директорки и директори, знаеме дека оваа школска година нема да биде ниту лесно ниту едноставно. 

Дека ќе има многу предизвици. И вие учите и ние учиме од овој процес.

Со овој предизвик нашата држава и нашиот образовен систем се среќава прв пат. Ја започнуваме учебната година во поинакви услови. И не дека тоа сакаме да биде така, туку мораме.

Цел свет се соочува со голема пандемија и сите се прилагодуваме на новото време. Но заедно, ако се поддржуваме, ако се грижиме најмногу за децата , да стекнат знаења, да добијат нови информации, да се развиваат соодветно за нивната возраст, тогаш сме ја завршиле нашата работа.

Може во мене да гледате партнер, затоа што нема да се секирам за бирократија, за административните работи.

Тие се дел од законите, но сега ми е најважно да сме посветени на нашите деца, да сме посветени едни на други и  годината ќе ја завршиме успешно. Родители и вас не ви е лесно, да одите на работа, да се грижите каков е образовниот процес во училиште, да размислувате дали можеби детето има или нема покачена температура додека сте на работа. 

Но новото време ни го носи тоа.

Повторувам, не сме тука затоа што сакаме туку затоа што мораме.

И овој предизвик ќе го надминеме и ќе покажеме дека и во ваква ситуација и во вакви услови нашата држава нашиот образовен систем знае да се носи со ситуацијата и знае да создаде услови за успешна 2020/2021 учебна година. Првачиња, нека ви е успешен стартот на учебната година и на сите ученици нека им е успешна годината“.

 

Обраќање на градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев на првиот училишен ден во основното училиште „Јан Амос Коменски“ во Карпош

 

Во овие 29 години независност на Република Северна Македонија постојано се зборувало за нови почетоци во различни сегменти од општественото живеење.

Но, оваа генерација на млади луѓе, на ученици, овие наставници, педагози и технички кадар, сите ние навистина искусивме што значи поинаков, нов почеток.

Деновиве сме сведоци на голем број дилеми. Дали оваа генерација на ученици ќе има трајни последици од овој тип на образовен процес, како ќе го надоместат изгубениот период од училиште.

Драги ученици, првачиња,

Маските ви го покриваат лицето. Но, никој не може да ја покрие вашата желба за нови знаења, создавање на нови другарства и откривање на нови светови. 

Секој ги памети деновите од првиот училишен ден, а оваа генерација на ученици ќе биде запаметена како темел на новиот образовен систем. 

Како генерација која во ек на криза го трасираше патот кон едно поинакво, дигитално и европско образование.

Драги наставници,

Искрено Ви благодарам за поддршката и ангажманот. Овој период вие сте многу повеќе од просветни работници. Нема да биде лесно, но продолжувањето на воспитно – образовниот процес е предизвик за цел свет.

Убеден сум дека и преку онлајн начин ќе ги научите учениците на добро поведение. Ќе ја стимулирате нивната креативност, но и ќе ги научите на вредности: да бидат хумани, солидарни, отворени, да сочувствуваат.

Наставниот материјал ќе го научат, но денеска, повеќе од било кога претходно е потребно да градиме квалитетни личности од овие млади луѓе.

Младина која сочувствува, а не етикетира. Ученици кои имаат свој став и критички размислуваат.

Ценети родители,

Не се грижете. Верувајте дека вашите деца се во добри раце. 

Најважен е пристапот на работа и одговорноста. Затоа што оваа земја испуштила голем број на генерации и во периоди кога образовниот систем навидум се одвивал во нормални услови.

Заедно учиме, заедно се прилагодуваме на оваа реалност, заедно ќе покажеме дека ништо, ама буквално ништо не може да застане на патот на знаењето.

И додека научната и стручната јавност ја бара вакцината против КОВИД-19, да не заборавиме дека образованието е вакцина против омразата, поделбите, сиромаштијата.

Добре ни дојдовте првачиња!

Среќен почеток!

Среќна и успешна учебна година“.