ЗПВРСМ Николовски: Врвен приоритет е заштитата на јавното здравје и затоа нема толеранција за прекршителите на здравствените КОВИД протоколи

 Денеска, заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, одржаа заедничка прес-конференција за новите измени на Законот за заштита на здравјето на населението од заразни болести, кои беа усвоени на вчерашната владина седница. На прес-конференцијата присуствуваа и директорите на Државен пазарен инспекторат, Државен инспекторат за труд, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Агенција за храна и ветеринарство и Државен инспекторат за транспорт. Со новите измени сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД протоколите.

Во продолжение се интегралните обраќања на заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска.

Обраќање на заменик-претседателот на Владата Љупчо Николовски

„Како и целиот свет, соочени сме со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, која за жал веќе ни стана секојдневие. Поради тоа, Владата првенствено ги насочи своите ресурси и внимание кон заштита на здравјето на граѓаните и поддршка за целото стопанство.

Како заменик-претседател на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, една од моите главни обврски е да се погрижам да се обезбедат услови за целосно почитување и имплементирање на законите и протоколите кои произлегуваат од нив. Во овој период од исклучителна важност е почитувањето на сите здравствени КОВИД протоколи, за да се заштити здравјето на секој граѓанин.

Во таа насока е и мојата координација со Инспекцискиот совет, како и со сите инспекциски служби. Овие луѓе, директорите на инспекциските служби кои се присутни и на денешната прес-конференција, изминатиов период се постојано на терен и работат исклучително пожртвувано. Спроведуваат засилени контроли низ целата држава, со цел да укажат на почитување на здравствените протоколи и мерките за спречување на ширење на коронавирусот.

Да бидеме јасни – поголемиот дел од граѓаните и фирмите ги почитуваат мерките и се вистински позитивен пример за секого. Но за жал, како и во секое општество, и кај нас има такви кои истите одбираат да ги игнорираат и со тоа создаваат лоша слика за целината, во која повеќето се чесни субјекти кои даваат се од себе да се заштитат себеси и своите сограѓани.

Изминативе денови бевме сведоци на прекршувања на законите и непочитување на КОВИД протоколите од одредени субјекти, и по неколку укажувања од страна на инспекциските служби.

Наша обврска е да го заштитиме здравјето на граѓаните, да го следиме почитувањето на здравствените протоколи, да не дозволиме заради поединци да биде загрозено јавното здравје и да страдаат сите. Затоа, по повеќе консултации со Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи и со Инспекцискиот совет, дојдовме до консензус за преземање на брзи и ефикасни мерки.

На вчерашната владина седница ги усвоивме измените на Законот за заштита на население од заразни болести, кои беа на барање на Инспекцискиот совет. Со овие измени сите инспекциски служби добиваат нови, поголеми овластувања за справување со прекршителите на КОВИД протоколите. Досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а другите инспекциски служби само поднесуваа кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и другите инспекторати на централно и локално ниво.

Конкретно, доколку инспекторите утврдат прекршување на здравствените протоколи, ќе имаат овластување на лице место да изречат привремена забрана за вршење на дејноста од 10 до 30 дена на правните субјекти кои не ги почитуваат мерките. Дополнително според новите висината на глобите ќе варира во зависност од големината на правниот субјект. На овој начин очекуваме дека ќе се обезбеди ефективност на санкцијата, а од друга страна ќе постои правичност, односно ќе им се даде можност на оние правни лица кои ги почитуваат протоколите да продолжат да си ја вршат својата работа, а оние правни лица кои нема да ги почитуваат протоколите да бидат соодветно и навремено санкционирани.

Наш врвен приоритет е заштитата на јавното здравје, и затоа нема толеранција за прекршителите на здравствените КОВИД протоколи. Принципите и редот мора да ги почитуваме. Битката мораме да ја водиме заедно, без исклучок!“.  

Обраќање на претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска
 

„Изминатиот период сме сведоци на зголемена бројка на заболени од вирусот КОВИД-19, но и на непочитување на здравствените протоколи од одредени правни субјекти, што ја наметна и потребата да се разгледаат опциите за зголемување на надлежностите на инспекциските служби.

Последните случувања со прекршување и непочитување на КОВИД протоколите од одредени субјекти, ја наметна потребата од зголемување на овластувањата на инспекциските служби, за што пред неколку дена одржавме состанок со вицепремиерот Николовски, министрите Спасовски и Филипче и со инспекторатите. Се согласивме, дека треба да се зголемат овластувањата на инспекторите и глобите за прекршителите на протоколите. Ја поздравувам поддршката на Владата во насока на зголемување на ефикасноста на инспекциските служби.

Како што кажа вицепремиерот, вчера Владата ги усвои измените на Законот за здравствена заштита на населението од заразни болести и предлог измените ќе бидат доставени до Собранието. Очекуваме во најскоро време овие измени да бидат изгласани и да стапат на сила и веднаш по  донесувањето на измената на Законот за заштита на населението од заразни болести, инспекторите ќе имаат можност за изрекување на забрана за работа и парични казни/глоби за оние субјекти кои не ги почитуваат протоколите.

Согласно важечкиот Закон за заштита на населението од заразни болести, за непочитување на протоколите досега само Државниот здравствен и санитарен инспекторат имаше овластувања да изрекува мерки, а останати инспекциски служби можеа да поднесат кривични пријави за непочитување на протоколите согласно Кривичниот законик. Со новите законски измени вакво овластување за изрекување на забрана за работа и прекршочен платен налог добиваат и Државниот пазарен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт и сите останати инспекциски служби на централно и локално ниво. Секоја од овие инспекциски служби ќе врши надзор во сопствениот делокруг на работење, така што ќе бидат опфатени сите релевантни субјекти – угостителски објекти, превозници, производствени капацитети и слично.

Односно ако некој угостител, маркет, превозник, фабрика и друго, не ги почитува протоколите, надлежната инспекциска служба ќе има законско овластување на лице место да изрече забрана за вршење на дејност од 10 до 30 дена, поточно во истиот момент да го затворат објектот. Жалбата против решението со кое се изрекува ваквата забрана нема да го одлага неговото извршување. Со ова значително ќе се зголеми ефикасноста на инспекцискиот надзор, а ќе се намали шансата од ширење на вирусот.

Во однос на висината на глобата, со измените е предвидено за микро претпријатие кое прекршило некој протокол се предвидува глоба од 2.500-3.000 евра во денарска противвредност, за мало претпријатие 5.500- 6.000 евра, за средно 17.500-18.000 евра и за големо претпријатие 25.000-30.000 евра, како и соодветни глоби за одговорното лице на правното лице (1.500 евра), 750 евра за трговец поединец и 250 евра за физичкото лице.

Почитувани,

Дозволете ми само да дадам неколку информации во однос на извршените инспекциски надзори од страна на инспекторите од Државниот пазарен инспекторат, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, Државниот инспекторат за транспорт, Агенцијата за храна и ветеринарство и Агенцијата за лекови и медицински средства во текот на овој месец (од 01.10 заклучно со 05.10).

Државниот пазарен инспекторат во период од 5 дена (01-05.10) изврши вкупно 160 надзори во цела држава. Притоа, изречени се 8 решенија и 22 платни налози , а поднесени се и 18 кривични пријави за непочитување на протоколот за работа на угостителските објекти. Од овие 18 кривични пријави, 10 се за правни субјекти во Скопје, 2 во Струмица, 3 во Битола и по 1 кривична пријава во Охрид, Струга и Гостивар.

Од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, реализирани се 44 вонредни инспекциски надзори, од кои 8 надзори се извршени во здравствени установи, 35 во воспитно образовни и социјални установи и 1 надзор за издавање на решение и спроводница за пренос на починато лице. Изречени се 7 решенија за констатирани недостатоци. Дополнително од страна на ДСЗИ  во овој период издадени се 2.445 решенија од кои 932 за изолација и домашно лекување на лица позитивни на КОВИД-19 и 1.513 решенија за здравствен надзор и домашна изолација за лица кои биле во  контакт со лице позитивно на коронавирусот. Исто така, извршена е и јавна објава во печатен медиум на личните податоци на 86 лицата за кои не може да се изврши уредна достава на издадените решенија.

Од страна на државните инспектори за труд извршени се вкупно 228 надзори во правните субјекти во цела држава. Во исконтролираните правни субјекти во овој период беа опфатени вкупно 3.312 вработени и беше констатирано дека нема ослободени вработени по основ родител на дете до 10 години, двајца вработени се ослободени од работа по основ на хронична болест и 3 работнички се ослободени поради бременост. Дополнително е констатирано дека генерално се почитува обврската за носење на маски како заштитна опрема. Од страна на Државниот инспекторат за труд  донесени се 10 решенија и 7 укажувања на работодавачите за неносење заштитни опрема, за користење средства за дезинфекција, проветрување, ослободување на вработените  од ризичните групи и сл.

Државниот инспекторат за транспорт изврши вкупно 42 инспекциски надзори, при што се поднесени  4 пријави до суд и донесени се 2 решенија. Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство извршија 160 контроли при што се изречени 22 мерки. Инспекторите од МАЛМЕД реализираа 33 вонредни инспекциски надзори врз субјектите од нивна надлежност, при што не се утврдени неправилности.

Почитувани граѓани,

Периодот кој следи, е особено важен за сите нас. Донесените протоколи се важни за да се заштити здравјето на сите граѓани, но и да се обезбедат потребните услови за функционирање на компаниите, особено што надлежните најавуваат дека во овие есенски месеци се очекува зголемен број на новозаразени од коронавирусот. Затоа, би сакала да апелирам до сите правни субјекти и граѓани да ги почитуваат владините мерки и препораки во насока на превенирање и заштита од ширењето на коронавирусот КОВИД-19. Инспекциските служби со сите свои капацитети продолжуваат засилено да работат на терен и потенцирам дека нерегуларностите и непочитувањето на владините мерки и препораки најстрого ќе се санкционираат без исклучоци“.