Заев: Имаме силна политичка волја и подготвеност да спроведеме длабоки и структурни реформи, дури и оние кои не се популарни

„Имаме силна политичка волја и подготвеност за целосно и длабоко спроведување на структурните реформи“, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев во емисијата „Економски магазин“ на ТВ АлсатМ, на прашањето каков е одговорот на Владата во однос на ова прашање кое го нотира и Европската комисија во годинешниот извештај за нашата земја.

„Некои од тие мерки се непопуларни, но ќе мора да бидат спроведени. Драстичното намалување на непродуктивните трошоци, вклучително тука и намалување на администрацијата за 20% е нешто што ќе ослободи дополнителни финансиски средства за да ја помагаме економијата со капитални инвестиции. Нашата продуктивност мора да ја изедначиме со онаа на земјите од ЕУ, а тоа ќе дојде со доследно спроведување на реформите од правосудството до образованието“, нагласи премиерот Заев.

Тој потенцираше дека дигитализацијата мора да ја прифатиме како неопходност и тоа оваа криза го покажа како суштинска потреба.

„Многу од традиционалните работни места ќе исчезнат, но затоа со дигитализацијата се отвора многу широк спектар на нови или досега недоволно прифатени. Секоја криза носи и можности кои треба да ги препознаеме и да направиме предност од нив, и ние мора да се подготвиме да работиме во вакви околности“, потенцираше премиерот Заев во дебатата на емисијата „Економски магазин“, на ТВ АлсатМ.