Министерот Бочварски на средба со Комората на овластени архитекти и инженери

„Министерството за транспорт и врски е силно посветено на унапредување на градежниот сектор и во таа насока ќе се движи нашата соработка со сите Комори и асоцијации. Заеднички го донесовме Законот за урбанистичко планирање и во моментов низ отворени и плодни дискусии со стручната јавност го подготвуваме и Законот за градење“ – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по денешната средба со Комората на овластени архитекти и инженери.

На средбата се разговараше за примената на Законот за урбанистичко планирање и очекувањата во однос на Законот за градење. Членовите на Управниот одбор го информираа министерот Бочварски за тарифникот за урбанистичко планирање и тарифникот за инженерски услуги, како и состојбата и потребата од обуки за примена на еврокодови.

„Оваа средба на која разговаравме за донесувањето и примената на законските решенија во областа на градежништвото, беше и одлична можност да се запознаам со предизвиците и потребите на архитектите и инженерите, како и со активностите на Комората. Очекувам уште поактивно учество на стручната јавност во дискусиите за донесување на новите законски и подзаконски решенија во сферата на градбата и понатамошна успешна соработка во делот на урбанистичкото планирање и изградбата на инфраструктурата во државата. Верувам дека со ваква заедничка соработка и поддршка од страна на Владата и Министерството за транспорт и врски, градежниот сектор ќе продолжи уште поинтензивно да се развива“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. 

Во текот на средбата, Комората на овластени архитекти и инженери искажа подготвеност за ставање на располагање на сите технички и интелектуални капацитети за реализација на законските решенија кои се очекува наскоро да бидат донесени.

Министерот Бочварски истакна дека Министерството за транспорт и врски останува партнер на стручната фела, работејќи посветено и транспарентно со цел да овозможи поволна клима за развој на градежната дејност.