Промовирана веб-страница за правна помош – Маричиќ ги охрабри граѓаните да побараат бесплатна правна помош

Во организација на Советот на Европа и Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија денеска се одржа официјална онлајн-промоција на веб-страницата www.pravnapomos.mk, преку која граѓаните може да се информираат за правото кое државата им го дава во вид на Бесплатна правна помош.

Свое обраќање имаше и министерот за правда Бојан Маричиќ кој истакна дека правниот јазик е често нејасен за голем број на граѓани кои се соочуваат со потешкотии да ги остварат своите законски загарантирани права, но и дека сиромашните граѓани не можат да ги покријат трошоците во судовите за да решат некој спор од правна природа. 

Со вакви проблеми, најчесто се соочуваат сиромашните граѓани и припадниците на различни категории на маргинализирани заедници, како Ромите, самохраните родители, жртвите на семејно насилство и лицата со попреченост.

Маричиќ истакна дека преку системот за Бесплатна правна помош, се гарантира дека граѓаните кои се во тешка финансиска состојба можат да се обратат до Министерството за правда, до неговите подрачни единици и граѓанските организации и да побараат да им се даде правна помош или да им се обезбеди адвокат кој ќе биде платен од буџетот на Министерството. 

“Со подобрувањето на пристапот до правда, односно преку информирање и помош за граѓаните како да ги остварат своите права или пак со обезбедување на адвокат од буџетот на државата - ние се бориме со нееднаквоста во општеството и им покажуваме на граѓаните дека се грижиме за нив. Правната помош постои за да им го подобриме животот на граѓаните кои се на маргините на општеството. Правната помош значи дека без разлика на социјалниот статус - граѓаните ќе бидат еднакви пред судот и дека законот важи еднакво за сите.
Министерот за правда ги охрабри граѓаните да ја посетат веб страницата www.pravnapomos.mk и да побараат бесплатна правна помош.

Маричиќ истакна и дека во текот на утрешниот ден се очекува и огромно намалување на максималната судска такса, која досега беше 48.000 денари, доколку Собранието го изгласа овој предлог.  Сега таа ќе се намали за осум пати и ќе изнесува најмногу 6.000 денари. Со ова, судските трошоци за граѓаните ќе бидат значително намалени, со што правдата ќе стане подостапна за нив.

Овој настан беше организиран во рамките на програмата „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција II“ - заеднична иницијатива кофинансирана од Европската Унија и Советот на Европа,  имплементирана од Советот на Европа, која што има за цел  да им помага на корисниците од Југоисточна Европа, да ги применуваат стандардите на Советот на Европа и на Европската Унија, во рамките на претпристапниот процес.