Заев: Предлог каков што го пишува во медиумите е неприфатлив, до нас нема доставено такво нешто, нов Анекс нема, а нов Договор не е ни предложен

Во продолжение одговори на премиерот Заев, на новинарски прашања по одржаната седница на Советот за безбедност од страна на Претседателот Пендаровски.

На прашањето дали е прифатлив предлогот објавен во „Политико“: 

Заев: Да не се повторуваме, уште еднаш ќе кажам треба да го видиме предлогот, треба да видиме што е всушност предложено за да можеме секако да се изјасниме, но јас верувам дека еве ова е добра е информација, можам да ја коментирам дека, прво во тоа што беше пренесено е констатација дека ќе има прва меѓувладина конференција и ќе биде подржана од сите, тоа е важно, секако да ги видиме другите детали па ќе дадеме коментар... Не е прифатливо! Така што да почекаме да го видиме кој е предлогот да не ги нарушиме разговарачките процеси секако дека треба заедно да бидеме паметни и во духот на тоа што е потпишано, а во тој дух е големото пријателство, поддршката на Бугарија кон Северна Македонија, заедничката историја, македонскиот јазик, македонскиот народ и бугарскиот народ, сите тие зборови се во Договорот за добрососедство, верувам дека можеме да најдеме заедничко решение.

На прашањето дали ќе има нов договор или анекс на договорот:

Заев: Дополнувајќи го претседателот на државата, нашиот голем пријател Бојко Борисов, често го нарекувам мој брат, беше овде во Скопје, во Монопол и зборуваше за македонскиот народ јавно во негови изјави. Денеска тие ја признаваат реалноста, тие зборуваат за македонскиот јазик и македонскиот народ, секако тоа е голема вредност и големо пријателство, мораме да водиме грижа за двете страни, за да постигнеме компромис и решенија, затоа што само така им гарантираме иднина на граѓаните во делокругот на соработката, пријателството и сето тоа коешто значи убава иднина во нашите односи, она коешто сакам само да го потврдам дека меѓусебното разбирање внатре  нè носи навистина на она кое што го имаме како алатка, е реалност, ние, е факт дека имаме заедничка историја, таа не само што е потврдена во Договорот, таа е во нашите учебници, во бугарските учебници, имало низ вековите наназад заедничка историја и ако бидеме паметни со доминантен фокус кон иднината можеме заедничката историја да ја искористиме како убава можност за да ги постигнеме договорите и компромисите. Јас овде ќе застанам затоа што навистина работната група предводена од министерот за надворешни работи Османи, која што разговара во целиот тој дел, верувам дека има и позитивни исчекори, има многу што е направено. Ја поздравувам Комисијата за историски прашања за тоа што до сега го има постигнато и напорите коишто ги прави, сакам да ги охрабрам тие се стручни експерти и од двете страни ќе ги најдат следните историски решенија за коишто се разговара, така да во духот на ова големо пријателство, со голема верба во тој Договор со Бугарија кој што го имаме ќе ги постигнеме успесите.  Уште еднаш напоменувам, ниту бугарската страна бара нов договор, ниту има потреба од анекс на Договорот, ако има потреба од појаснување, усни, писмени, декларацијата која што е изјава, постојат како алатки, јас сум ги објаснувал за да можеме во рамките на Договорот постоен, да ги појасниме сите овие ставови, но да гледаме сите заедно најповеќе ние политичарите, нормално и граѓаните, професионалците како вас сите, низ позитивната призма ќе се постигне договор.  Секако јас очекувам, секој пат напоменувам Бугарија да продолжи да биде првиот и најголем поддржувач на Северна Македонија во сите чекори на нејзините процеси на интеграции, следен чекор е меѓувладината конференција којашто значи официјален старт на нашата земја каде што отворањето или затворањето на поглавјата треба да бидат нашата европеизација.