Зоран Димитровски – заменик-министер за локална самоуправа
Зоран Димитровски е роден на 10 март 1964 година во Скопје.
Во 1987 година дипломира на Интердисциплинираните студии по новинарство при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнува со звањето дипломиран новинар.
Во 1995 година магистрира политички науки на Департментот за политички науки при Централниот европски универзитет во Будимпешта, Унгарија.
Професионалната кариера ја започнува во 1985 година како репортер и уредник во Младинската програма на Македонската телевизија, ангажман кој го извршува до 1988 година.
Во периодот од 1985 до 1989 година работи како репортер, а потоа и како уредник на политичката рубрика во неделникот „Студентски збор“.
Од март до септември 1989 година е ангажиран како репортер во весникот „Нова Македонија“.
Од септември 1989 година до март 1990 година е уредник на политичката рубрика во „Студентски збор“.
Во периодот од март 1990 година до септември 1993 година е уредник на политичката рубрика, а потоа директор и главен и одговорен уредник на политичкиот магазин „Млад Борец“.
Од јуни 1994 година до март 1995 година во истиот магазин е уредник на политичката рубрика.
Како заменик на главниот и одговорен уредник и главен и одговорен уредник на неделникот „Фокус“ е ангажиран во периодот од јуни 1995 година до април 1999 година.
Во периодот од јуни 1999 година до ноември 2000 година е помошник на главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“ и уредник на саботното издание.
Од ноември 2000 година до ноември 2001 година е главен и одговорен уредник на весникот „Вечер“.
Дописник од Вашингтон на изданијата на НИП „Нова Македонија“ - „Вечер“ и „Нова Македонија“, е од ангажиран во периодот од ноември 2001 година до октомври 2004 година.
Во периодот од март 2005 година до март 2010 година е заменик на главниот и одговорен уредник на неделникот „Фокус“.
Од март 2010 година до ноември 2010 година е раководител на Човечки ресурси во Медиа Принт Македонија, компанија која ги издаваше дневните весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“.
Во периодот од ноември 2010 година до април 2011 година е уредник на политичкиот магазин „Публика“, саботен прилог на весникот „Дневник“.
Како предавач по предметите пишување, новинарско пишување и истражувачко новинарство на Високата школа за новинарство и односи со јавноста е ангажиран во периодот од септември 2010 година до септември 2015 година.
Главен и одговорен уредник на „Дневник“ е од април 2011 година до март 2012 година.
Во периодот од март 2012 година до март 2014 година е главен и одговорен уредник на „Нова Македонија“.
Од септември 2013 година е предавач на предметот критичко размислување и аналитичко пишување на постдипломските студии на Институтот за комуникациски студии.
Во периодот од март 2014 година до декември 2019 година е соработник, заменик-главен и одговорен уредник, а потоа и главен и одговорен уредник на „Фокус“.
Во јануари 2020 година е избран за генерален секретар на Демократскиот сојуз.
Од септември 2020 година ја извршува функцијата заменик-министер за локална самоуправа.
Течно говори англиски јазик.