Лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес денеска во Софија заврши со заеднички изјави за медиумите и за јавноста за резултатите од Самитот на ко-домаќините на настанот, претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов, и канцеларката на СР Германија Ангела Меркел на чија иницијатива се спроведува Берлинскиот процес за регионот.
Во своето обраќање премиерот Зоран Заев истакна дека за прв пат воведената пракса за заедничко водење на проектите од оваа иницијатива од земја членка и земја кандидат за членство од Западен Балкан, е силен доказ за тоа дека Берлинскиот процес суштински ги забрзува и зајакнува евроинтегративните аспирации на земјите од регионот.
Иако Самитот се организираше во невидени времиња заради пандемијата со КОВИД-19, рече премиерот Заев, заедничкото ко-домаќинство со Берлинскиот процес спроведе бројни активности насочени кон одржување енергична соработка во многу области и на остварување на видливи и опипливи резултати.
„Дискутиравме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, за визијата за Акцискиот план за заеднички регионален пазар и за Зелената агенда за Западен Балкан. Поддршката за двете иницијативи ќе го поттикне економскиот раст и развојот во регионот, но исто така и ќе опфати и некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици, нудејќи огромен потенцијал за раст, за нови работни места и за стратешки пристап кон заштитата на животната средина“, истакна премиерот Заев на прес-конференцијата.
Премиерот Заев нагласи дека ЕУ храбро ја потврди поддршката за Западен Балкан со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра, со што ќе се обезбеди голема финансиска поддршка за реформските процеси и за економска трансформација на регионот.
„Претставувањето на Зелената Агенда за Западен Балкан дополнително ќе донесе нов наратив во однос на економскиот развој и ќе помогне да се интегрира регионот во клучните политики на ЕУ“, рече Заев.
Премиерот Заев потенцираше дека идејата за интерконекција, којашто е во сржта на Берлинскиот процес, еволуираше во поврзаност во многу поширока смисла од инфраструктурната и регионот со право ја препозна важноста на деловната поврзаност, младинската мобилност, дигиталната поврзаност, дијалогот со граѓанското општество, културната размена, со цел да се конкурира на глобалните пазари, како и заради општата благосостојба на своите граѓани.
„Сите ние се согласивме дека треба да ги унапредиме нашите напори за дополнителен реален напредок во реформските процеси и да ја унапредиме регионалната економска соработка за да се постават темелите за одржлив раст. Само интегриран и поврзан регион може сигурно да чекори кон ЕУ. Визијата на Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда го покажуваат вистинскиот правец“, потцрта претседателот на Владата на Северна Македонија и ко-домаќин на Самитот за Западен Балкан во Софија Зоран Заев.
Тој додаде дека низ Берлинскиот процес како политичката платформа се остваруваат и други инцијативи како што се регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и соработката во областа на здравството за регионален одговор на пандемијата.
Регионот, нагласи Заев, ја поттикнува и ја обезбедува реализацијата и на иницијативите за соработка со граѓанското општество, особено за прашањата поврзани со младите.
Во завршницата на својата изјава за Самитот во Софија премиерот Заев им изрази благодарност на сите учесници и партнери во Берлинскиот процес за континуираната поддршка и придонес.
Премиерот на Република Бугарија Бојко Борисов од своја страна истакна дека за време на заедничкото домаќинство на неговата земја и Република Северна Македонија на Берлинскиот процес беше изразена силна посветеност за развојот на регионот, која со исто толку внимание беше поддржана и од лидерите на земјите членки на ЕУ и од европските институции кои зедоа активно учество и денешниот Самит.
Заев во завршницата на Самитот во Софија: Заедничкиот регионален пазар и Зелената Агенда за Западен Балкан ќе донесат нов наратив во однос на економскиот развој и ќе помогне да се интегрира регионот во клучните политики на ЕУ
Денеска во Софија се одржа лидерскиот Самит за Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес.
Согласно агендата на Самитот, како завршен настан се одржа прес конференција на која за резултатите од состанокот говореа ко-домаќините, премиерите на Република Северна Македонија и на Република Бугарија Зоран Заев и Бојко Борисов, како канцеларката на СР Германија Ангела Меркел.
Во продолжение на ова соопштение, ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев во целост:
Најпрво би сакал да го изразам моето задоволство за оваа можност денеска, заедно со мојот драг пријател Бојко да бидеме домаќини на Самитот на Берлинскиот процес и би сакал да ѝ се заблагодарам на канцеларката Меркел за иницирањето на овој многу важен процес за регионот.
Оваа година, за првпат со Берлинскиот процес како домаќини се две земји – тоа е мојата земја, Република Северна Македонија, и соседна земја-членка на ЕУ – Република Бугарија. За мене, а верувам и за сите вас ова е доказ дека регионот силно го прифати овој процес за свој. Истовремено, тој обезбеди извонредна платформа за понатамошно негување на нашите односи.
Овој Самит се случува во невидени времиња на пандемија, и сите ние се бориме со огромни предизвици за заштита на нашите граѓани и спречување на тешки економски нарушувања. Во такви околности, како ко-домаќини на Берлинскиот процес во изминативе неколку месеци работевме на спроведување бројни активности насочени кон одржување енергична соработка во многу области и на остварување на видливи и опипливи резултати.
Водечкиот принцип на Берлинскиот процес имаше за цел да обезбеди континуитет на започнатите иницијативи во рамките на процесот, и да се фокусира на резултатите со забележливи позитивни ефекти во регионот.
Исто така ја искористивме политичката платформа на овој процес за понатамошно туркање на одредени инцијативи како што се регионалниот договор за патување со лична карта, проширувањето на зелените ленти на Западен Балкан кон коридорите на ЕУ и соработката во областа на здравството и регионален одговор на пандемијата. Исто така ја продолживме нашата соработка со граѓанското општество, тинк тенк заедницата и по прашањата поврзани со младите што како тема се јавува на повеќе настани.
На денешниот состанок имавме можност да дискутираме за клучните стратешки насоки за нашиот регион, визијата за Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западен Балкан. Поддршката за двете иницијативи ќе го поттикне економскиот раст и развојот во регионот, но исто така и ќе се осврнат на некои од актуелните еколошки и здравствени предизвици, нудејќи огромен потенцијал за раст и креирање на нови работни места.
Идејата за интерконекција, којашто е во сржта на Берлинскиот процес, еволуираше во поврзаност во многу поширока смисла од инфраструктурната. Регионот со право ја препозна важноста на деловната поврзаност, младинската мобилност, дигиталната поврзаност, дијалогот со граѓанското општество, културната размена, со цел да се конкурира на глобалните пазари, како и заради општата благосостојба на своите граѓани.
Дополнително, ЕУ исто така храбро ја потврди поддршката за Западен Балкан со најавените дури 9 милијарди евра за грантови, надополнети од новиот Инструмент за гаранции за Западен Балкан, со кој треба да се зголемат инвестициите до 20 милијарди евра. Овој пакет ќе обезбеди голема финансиска поддршка за нашите реформски процеси и за економска трансформација на Регионот. Претставувањето на Зелената Агенда за Западен Балкан дополнително ќе донесе нов наратив во однос на економскиот развој и ќе помогне да се интегрира регионот во клучните политики на ЕУ.
Сите ние се согласивме дека треба да ги унапредиме нашите напори за дополнителен реален напредок во реформските процеси, како и да се унапреди регионалната економска соработка и да се постават темелите за одржлив раст. Само интегриран и поврзан регион може сигурно да чекори кон ЕУ. Визијата на Акцискиот план за заеднички регионален пазар и Зелената агенда го покажуваат вистинскиот правец.
Ние влеговме во нова фаза од нашата соработка. Регионот ја презема сопственоста на многу иницијативи и процеси и носи резултати.
Во овој момент би сакал уште еднаш да изразам благодарност до сите учесници и партнери во Берлинскиот процес за континуираната поддршка и придонес, секако на чело со канцеларката Ангела Меркел.