Заев во интервју за ТВ 21: Мерките за лична заштита почнаа да даваат резултати, но не е исклучено да бидат донесени рестриктивни мерки

Во интервју за ТВ 21 претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев истакна дека будно се следат состојбите со КОВИД-19, сите ресурси се посветени на ова прашање и граѓаните треба да знаат дека на 1 ноември R факторот на преносливост се намалува и тоа ќе продолжи така доколку продолжат да се спроведуваат актуелните мерки за заштита.

„Се размислува и за некоја форма на карантин или други рестриктивни мерки. Ги правиме анализите и ќе стигнеме до следните чекори. Мнозинството во комисијата е на ставот дека полициски од 21:00 часот нема да даде некои резултати, додека ако биде од 17:00 или од 18:00 ќе има подобри резултати и сето тоа сега се одмерува и овие денови ќе биде одржан состанок на Советот за безбедност кај претседателот Пендаровски и можно е таму да се дефинира некоја од  мерките“, рече премиерот Заев,

Јавниот здравствен систем ги има сите капацитети и сé е ставено на располагање за справување со КОВИД-19. Во вонредна состојба државата има можност времено да национализира и сите капацитети да бидат ставени на располагање еднакво за сите граѓани, но јавниот здравствен систем е опремен и има стручни кадри за справување со оваа ситуација.

Во однос на набавката на вакцината тогаш кога ќе биде одобрена, премиерот Заев нагласи дека земјата е вклучена во КОВАКС механизмот на СЗО за да се обезбеди рамноправна дистрибуција на соодветна количина на вакцини против КОВИД-19 и дека Северна Македонија, како и Западен Балкан, ќе биде вклучен во набавката на вакцината што ќе ја спроведе ЕУ за нејзините земји членки.