Филипче: Жените жртви на насилство не се сами, преку институциите тие ја имаат нашата најголема поддршка

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска се обрати на настан по повод 25 ноември, Меѓународниот ден за борба против насилство врз жените. Тој истакна дека ситуацијата со Ковид-19 значајно ги погоди здравствените системи, кај нас, во околината и секаде во светот. Една криза за која ниту еден здравствен систем не беше димензиониран и се презедоа активности на реструктурирање и реорганизација на целокупниот здравствен систем.  

„Бевме сведоци дека оваа криза не само што ни дава еден таков предизвик за третман на пациентите со Ковид-19, дава и некои други специфики, кои се повеќе и повеќе излегуваат на виделина. Имено, очигледно е дека стресот го прави своето, дека ова што треба да сме на некој начин на физичка дистанца, што е сосем спротивно на тоа што е еволуцијата на човештвото нè учи, а тоа е заедништвото. Изолацијата за време на долгите карантини, сепак и според резултатите од Клиниката за психијатрија резултираа со зголемен број од семејно насилство. Разговарав со директорот на психијатриската клиника, секојдневно се регистрираат вакви случаи. Нивната онлајн амбуланта е преоптоварена со повици и тоа трае од почетокот на кризата, од март месец. Колегите се силно посветени на ова прашање, ги решаваат проблемите и ги зголемуваат тимовите кои излегуваат во пресрет на жртвите на насилство“, потенцираше Филипче и додаде дека некаде околу 30% е зголемувањето во однос на истиот период во 2019 година.

Филипче, информираше дека и претходно, пред Ковид-19 кризата во инклузивен процес, во соработка со сите институции и сите граѓанските организации се отворија три центри за третман на жртви на насилство во гинеколошко-акушерската клиника, во болницата во Тетово и болницата во Куманово. 

„Тоа се центри коишто се целосно опремени од медицински аспект. Работат тимови од гинеколози, психолози, социјални работници, кои се на повик 24 часа и експерти од областа на судската медицина. Еден од најголемите предизвици со кои здравствените работници се соочуваат е жените кои се јавуваат на преглед практично да го признаат тоа. И треба многу вештина во пристапот, во разговорот, во отвореноста, затоа што во огромен број случаи сè уште за жал постои страв. Ова е процес којшто планираме да го продолжиме. Оваа криза одложи проекти, планови, меѓутоа секако планираме такви центри да има посебно во големите болници ширум државата. Жените знаат каде може да се обратат, сигурни се дека може да добијат соодветна стручна помош, а ние сите заедно да работиме на подигнување на свеста, заедно институциите, медиумите, граѓанските организации се со цел вакви случаи да има се помалку“, изјави Филипче.