Премиерот Заев за патот Крива Паланка - Деве Баир: Интензивно се гради Коридорот 8, тоа ни носи поврзување и економски развој

„Модернизацијата на Коридорот 8, комплетната реконструкција и проширување со трета лента на патот Крива Паланка – Деве Баир, во должина од околу 13 километри е значајна заради регионалното поврзување и соработка, како еден од најважните аспекти на интеграцијата во Европската Унија и од огромна економска важност за нашата земја“, истакна премиерот Заев на денешниот увид на работните активности каде беа присутни и заменикот на претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николоски, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми и градоначалникот на општина Крива Паланка Борјанчо Мицевски.

Премиерот Заев истакна дека патниот правец Крива Паланка – Деве Баир е најзначаен дел од Коридорот 8, бидејќи претставува најфреквентна линија во товарниот сообраќај, кон и од соседна Бугарија.

„Целиот Коридор 8 се реконструира. Патните правци се обновуваат и за година-две граѓаните ќе добијат целосно обновена модерна патна мрежа којашто ја поврзува нашата земја со соседна Бугарија и со Албанија и обезбедуваме излез на две пристаништа: Бургас на Црното Море и Драч на Јадранското. Тоа ќе има позитивен ефект врз поврзувањето на граѓаните од трите земји и врз унапредување на трговските и економски релации помеѓу компаниите. Дел од овој процес е и доизградба на железницата на овој коридор, кој е поделен на 3 делници: Куманово – Бељаковце, Бељаковце - Крива Паланка и Крива Паланка - Деве Баир“, рече премиерот Заев.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски истакна дека покрај сите предизвици со ковид кризата и со наследените огромни грешки во проектите, продолжува вложувањето на квалитетно подобрување на патната мрежа и подигнување на безбедноста на патиштата на рамниште на Европската Унија.

„Во реализација на историски најголемите инвестиции досега во патната инфраструктура, само во овој дел од државата инвестираме околу 90 милиони евра за изгрaдба и модернизација на Коридор 8. Очекуваме до 2022 година да имаме комплетно нова патна врска кон Република Бугарија, а истовремено се работи на патната врска на запад кон соседна Албанија. Вкупниот влог во модернизација на Коридор 8 достигнува една милијарда евра“, истакна министерот Бочварски.

Директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми рече дека станува збор за реконструкција со рехабилитација и доизградба на трета лента на 13,2 км со предвидена ширина од 10,5 м. за што се издвоени се 10,16 милиони евра, обезбедени преку Европска банка за обнова и развој.