Филипче: Епидемијата го достигна пикот пред една недела, од тогаш бројките се стабилизирани

Министерот за здравство д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција информираше за состојбата со ковид кризата.

Тој потенцираше дека до 22 ноември глобално се регистрирани над 57.8 милиони случаи и 1.3 милиони смртни случаи од почеток на пандемијата.

„Според извештајот на СЗО за период 16-22 ноември: глобално бројот на нови случаи се успорува но останува на околу 4 милиони нови случаи неделно, но сепак смртноста продолжува да расте со над 67.000 нови смртни случаи. Европа бележи тренд на намалување во бројот на нови случаи неделно, сепак останува со најголем број на нови и смртни случаи во овие седум дена. Бројот на смртни случаи исто така расте на глобално ниво за 11% со речиси 60.000 нови смртни случаи за една недела, од кои 81% се во регионите на Европа и Америка. Бројот на смртни случаи во Европа оваа недела значително е зголемен со над 29.000 “, изјави министерот Филипче.

Во однос на регионот, забележително е дека во земјите во регионот бројот на нови случаи останува на високо ниво, многу благо се намалува, а и бројот на смртни случаи останува висок на дневно ниво.

„Сите земји се соочуваат со истиот предизвик, а тоа е практично менаџирањето на болничките капацитети, недостаток на болнички кревети и медицински персонал.  Неколку дена по ред во Србија се бележат рекордни бројки. Вчера нови 7.606 случаи, починале 51 пациенти. Хрватска 4.009 новодијагностицирани случаи, починале 51 пациент. Во Словенија, којашто е слична со нас по број на жители, во минатите 24 часа се има потврдени 1.767 нови случаи. Во истиот период од последиците на вирусот починале 46 пациенти. И бројот на хоспитализации е сличен како кај нас, некаде околу 1302 пациенти кои се хоспитализирани, некаде 215 во одделенијата за интензивна нега. Бугарскиот здравствен систем е практично совладан од наглиот пораст на бројот на пациенти поради недостиг на медицински персонал, зголемен број на инфекции помеѓу лекарите и медицинските сестри. Таму има 4.300 нови инфекции и повеќе од 6.000 луѓе во болниците“, рече Филипче.

Во однос на состојбата со епидемијата во земјата, согласно анализата на ИЈЗ за текот на епидемијата од почетокот на ноември, процентот на позитивни од тестирани генерално се движи помеѓу 36 и 41%.

„Највисок процент на позитивни од тестирани (41,2%) е регистриран на 17 ноември кога се регистрира и најголем број на нови случаи (1407), потоа бројот на нови случаи благо опаѓа. Во однос на бројот на нови позитивни случаи по недели, 3 недели во континуитет евидентираме прилично еднаква бројка (7482, 7367, 7393), нешто што практично  го нотира и СЗО, а тоа е дека бројот на нови случаи успорува. Практично, сме на ниво на едно плато во, што е доказ дека Р0 факторот е значајно намален. За жал, евидентен е порастот на смртни случаи, и на глобално ниво, и кај нас. Од почетокот на месецот по недели (111, 149, 182, 206). Она што охрабрува е дека расте бројот на оздравени. Во изминатиот период евидентираме високи бројки на оздравени од домашно и болничко лекување. Конкретно минатата недела, процентот на оздравени во однос на претходната е зголемен за 45%, а трендот на зголемен број на оздравени продолжува и во текот на оваа недела. Просек на хоспитализирани во изминатите 2 недели е околу 1280 пациенти. Процентот на хоспитализирани од активни изнесува 6.7 и овој процент е речиси константен“, појасни Филипче.

Министерот Филипче информираше дека во болниците во внатрешноста има близу 1000 болнички легла на инфективни одделенија во трите клинички болници во Битола, Тетово и Штип и 12 општи болници низ државата.

„Во некои градови како Дебар и Струмица дел од пациентите се лекуваат и во дневни болници, а со тоа вкупниот број на кревети достигнува до 1000. Во Скопје интензивно работевме на проширувањето на капацитетите на интерните клиники во склоп на клиничкиот центар Мајка Тереза се обезбедија близу 200 кревети за Ковид пациенти.  Со проширениот капацитет на ОРЛ и хируршките клиники ќе се обезбедат плус 100 кревети“, истакна Филипче.

На Клиниката за инфективни болести може да се хоспитализираат 163 пациенти, а во болницата ГОБ „8 Септември“ има 110 кревети, детската болница за белодробни заболувања Козле располага со 40 кревети, а дополнителни 100 болнички кревети се обезбедуваат преку приватните болници, на почетокот на следната недела.

„Засега успешно се менаџира напливот на пациенти и има кревети за хоспитализација, но како што веќе во многу наврати кажувавме притисокот врз болниците и медицинските работници е голем. Се мобилизира целиот кадар кој што е на располагање, кој може да волонтира или пак да се приклучи. Се користат сите ресурси и се прави организација. Активирани се приватни специјализанти во Ковид центрите на интерните клиники и младите и лиценцирани лекари со завршена пракса. За некои од нив оваа пракса заврши, но побаравме за модалитетите дефинитивно да бидат вработени во здравствениот систем и на тоа се работи заедно со ФЗО, Министерството за финансии“, рече Филипче.

Системот Мој Термин, освен во некои клиники каде што е редуциран насекаде работи нормално. Нема одложување на хроничните интервенции.

„Во однос на матичните лекари, нешто за што во последниот период имаше многу прашања во однос на начин на третман на пациентите. Функционира истиот систем којшто функционира со години наназад, а тоа е дека прва инстанца на којашто се јавуваат е матичниот лекар којшто прави проценка на здравствената состојба. Индицира одредени анализи и врз основа на состојбата препишува терапија. До овој момент нема терапија специфична за ковид-19 вирусот никаде во светот. Нема ниту еден лек којшто е потврден да биде специфичен којшто е за оваа болест. И Фавипиравирот за којшто исто така стигнаа многу прашања е се уште лек за којшто се водат бројни студии, близу 30 студии во светот. И Ремдесивирот е неспецифичен за оваа болест, но со одредени докази дека влијае на скратување на периодот на хоспитализација, а не на преживувањето. И во смисла на тоа целокупната терапија се препишува и за тоа матичните лекари имаат насоки согласно состојбата, клиничката слика, прегледите, а доколку се укаже и се индицира потреба пациентите се упатуваат во болниците“, информираше Филипче и додаде дека има доволна количина на заштитна опрема, близу милион ипол парчиња, дел од набавки, дел од огромниот број на донации кои стигнаа во Министерството.

„Ние денеска ја започнуваме постапката за набавка на брзи тестови со дел од буџетот којшто со ребалансот стигна во министерството. Во меѓувреме, 20 илјади тестови стигнаа како донација, 13 илјади се веќе поделени и се користат во многу здравствени установи во нашата земја, уште 6 има во резерва и има план да се дистрибуираат следната недела“, појасни Филипче.

Во изминатите две недели и повеќе целиот систем е мобилизиран во менаџмент на болниците, а со цел да се изменаџира хоспитализацијата  на пациентите којшто беше примарен фокус во изминатите недели.

„Координацијата помеѓу директорите на клиниките во Скопје и внатрешноста оди добро. Се случува некој пациент да оди ненајавен  и да се создаде нетрпение кај семејството, меѓутоа тоа се менаџира на дневна основа. Притисокот врз болниците е голем, иако бројот на слободни кревети веќе не се намалува како што се намалуваше во изминатите претходни три недели, што значи дека е нешто намален бројот на пациенти на коишто им е потребна хоспитализација. Има слободни болнички кревети во практично сите болници. Од анализите на бројките и трендовите, може да се забележи дека епидемијата го достигна пикот пред една недела и од тогаш бројките се стабилизирани, се во ниво на едно плато и тоа ни укажува дека Р0 факторот на преносливост е практично 1. Позитивно е што бројот на активни случаи полека се стабилизира, што исто така се регистрира и во Европа“, истакна Филипче.

Тој упати апел до граѓаните дека мора да разберат дека во оваа состојба вирусот ќе опстане и е практично широко распространет.

„За секој еден од нас е ризик. Мерките мора да се почитуваат. Очигледно е дека даваат резултати. Го немаме веќе оној нагол пораст на број на пациенти, ниту огромниот притисок како што беше пред неколку недели кон болниците. Се уште постои, но не со таков интензитет. Позитивни се вестите кои доаѓаат во однос на вакцините. Веќе има вакцини кои се во завршните фази. Очекуваме преку КОВАКС системот, тој систем кој ќе профункционира тогаш кога ќе почнат да ги даваат вакцините и кон алијансата ГАВЕ, СЗО, УНИЦЕФ.  Во координација сме во однос на системот на чување и дистрибуирање. Сепак, тоа е една одлична вест што следната година верувам дека ќе ја смени целокупната слика за пандемијата во светот. Во таа насока, ќе може да очекуваме и стабилизација“, потенцираше Филипче.