Спасовски: Буџетот на МВР во 2021 е развоен, за континуирано реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска го претстави Предлог-буџетот за 2021 година за Министерството за внатрешни работи. Според Спасовски, буџетот целосно ги одразува заложбите и приоритетите на МВР - континуирано системско реформирање на полицијата, преку етаблирање на принципите на владеење на правото во сферата на безбедноста, како еден од круцијалните фактори за просперитет на државата. 

„Предлог буџетот за МВР за 2021 година е со вкупна вредност од 10.455.110.000 денари и е за 312.452.000 денари поголем од буџетот за 2020 година, односно е зголемен за 3.08%. Притоа, зголемувањето е обезбедено во ставките кои означуваат реконструкција и изградба на објекти, како и во непречена реализација на континуираното обезбедување униформи за полициските службеници и лична заштитна опрема. Сето ова укажува на развојната компонента на буџетот, која е во насока на подобрување на работењето и реализирање на сите активности што се во надлежност на министерството, како и непречено функционирање за остварување на основните стратешки приоритети и цели, согласно стандардите на НАТО и ЕУ“, истакна министерот за внатрешни работи.

Министерот Спасовски издвои две основни цели кои ќе се остварат преку реализација на вака проектираниот буџет. Првата е продолжување на воспоставениот концепт полиција- сервис на граѓаните, а продлабочувањето на партнерството меѓу граѓаните и полициските службеници ќе продолжи да произведува уште поефективни резултати за безбедноста и сигурноста. Како дел од проектите е продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици, имајќи предвид дека во претходниот период беа делумно или целосно реконструирани 45 објекти на министерството, во сите сектори за внатрешни работи, а се отпочна со изградба и на Центарот за санирање од катастрофи и обезбедување на континуитет во работењето во Прилеп, како и на градбата на новите современи форензички лаборатории. 

„По моето повторно преземање на министерството, од септември годинава, овие активности продолжија, па во тек се реконструкција на ОВР Кавадарци, ОВР Гевгелија, Регионален центар Југ и Полициска станица Бит Пазар, а објектот на Аеродромската база Петровец е веќе комплетно завршен. Со зголемен буџет за оваа ставка во 2021 година од вкупна вредност од 83.000.000 денари, веднаш ќе продолжиме со градежните активности,  и тоа најнапред во полициските објекти во рамки на СВР Куманово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица Ресен, со цел подобрување на условите за работа во нив“, рече Спасовски. 

Покрај ова, министерот Спасовски го образложи и проектот „Надградба на постоечкиот софтвер за идентификација“, предвиден во новиот буџет, со кој се зголемува откривачката функција на полициските служби, од кој придобивките ќе ги почуствуваат сите граѓани погодени од криминални дејствија од различен тип, а средства се обезбедни за непречена реализација на проектот „Нови лични документи за граѓаните на Република Северна Македонија“, како и за превентивното делување, бидејќи само со навремена детекција на проблемите и приоритетите, е можно носење соодветни решенија и намалување на стапките на криминалитет. 

„Тоа се покажа дека е вистинскиот начин за да  продолжи да се зголемува довербата на граѓаните во полициските службеници, а полицијата комплетно да се преобрази во вистински граѓански сервис. Втората основна цел, која преку овој развоен буџет сакаме да ја оствариме, а е суштински испреплетена со првата, е создавање на модерна, опремена, стручна, ефикасна, но и задоволна полиција, која ќе биде блиска до граѓаните и на законит, стручен, транспарентен и одговорен начин ќе ги гарантира нивната целосна лична и имотна сигурност, и ќе продолжи одлучно и неселективно да се справува со организираниот криминал и корупцијата и успешно да работи во превенција од сите облици на тероризам и други противуставни дејствија“, појасни Спасовски.

И за овој дел е обезбедено зголемување на средствата, со цел да продолжиме онаму каде што застанавме - во континуирано подобрување на материјално-техничките услови за работа токму на оние од кои што зависи спроведувањето на законите – а тоа е полицијата. Ако во претходниот период инвестиравме во нова опрема која после повеќе години во најголем дел ја обновивме, идната година ќе продолжиме со набавка на нови униформи за полицијата и специјалните единици на МВР, како и набавка на оружје, муниција, заштитна опрема, со што практично целосно го заокружуваме тој наш проект, давајќи јасно до знаење дека на секој полициски службеник треба и мора да му се обезбедат елементарни предуслови за нормално работење. И дека интегритетот, опременоста, статусот на полицискиот службеник се императив без кој што е невозможно спроведување на каква било системска реформа во тој домен“, посочи министерот за внатрешни работи.         

И додека во предложениот буџет има зголемување на средствата во ставките кои обезбедуваат развој, според Спасовски, како резултат на одговорниот однос кон граѓанските пари и домаќинското работење, направено е кратење на средства кои претставуваат непродуктивни трошоци. Така, не се превидени средства за купување на мебел и за возила, односно дел од овие средства се пренасочени за набавка на опрема, согласно стандардите и барањата за интеграција во ЕУ и НАТО. 

По минатогодишното доброволно исплаќање на 139.589.212 денари за бонус плата на 5.012 вработени за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2019 година, министерот Спасовски најави дека со буџетот за 2021 повторно се обезбедени средства во износ од  150.000.000 денари за бонус плата за  2020 година. Покрај ова, а благодарение на остварените заштеди во годинешниот буџет, обезбедени се и средства за исплата на бонус плата во износ од околу 78.500.000 денари за 2017/2018, чија реализација ќе се одвива во наредниот период. 

„Ефикасна полиција подразбира и задоволна полиција, која ќе биде високо мотивирана да застане на првите линии во одржување на јавниот ред и мир и зголемување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, одлучна и неселективна борба со организираниот криминал и корупција, заштита на уставниот поредок“, потенцираше Спасовски, додавајќи дека буџетот ја рефлектира решеноста за динамично финиширање на овие реформски процеси на министерството, со цел негово целосно сообразување со стандардите и нормите на современите и квалитетни европски и светски полициски практики. 

„Дотолку повеќе што темелот го поставивме! Сега веќе имаме изградени објективни предуслови за таквите очекувања. Впрочем, транспарентно и одговорно се трудиме сè што правиме да биде мерливо и проверливо пред сите наши граѓани. Така ќе продолжиме и со активностите предвидени во Граѓанскиот буџет за 2021“, рече министерот Спасовски.

Презентација на Министерство за внатрешни работи за Буџет 2021