Прес-конференција на портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Мухамед Хоџа за одлуките донесени на 25-тата седница и со одговори на прашања од интерес на медиумите

Портпаролите на Владата на Република Северна Македонија Душко Арсовски и Мухамед Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 25-та седница на Владата и одговараа на прашања на новинарите.

 
Информирајќи за одлуките на вчерашната 25-та Владина седница, портпаролите се задржаа на:

- Усвојувањето на предлогот на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи и утврден е текстот на Предлог-одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на територијата на Република Северна Македонија од страна на министрите вчера.
 
- Владата го прифати мислењето на Комисијата за заразни болести дека скијачките центри може да работат согласно соодветен протокол со пропишани превентивни мерки во услови на пандемија од КОВИД-19, имајќи предвид дека скијачките центри не располагаат со затворени гондоли на жичарите.

- Владата ги прифати и препораките на Комисијата во однос на Протоколот за безбедносни мерки КОВИД-19 за Ски Центрите во Република Северна Македонија за измени во однос на обезбедување на редарска служба пред билетарите и ски лифтовите, задолжително обезбедување на физичко растојание од 1,5 до 2 метри и пред билетарите, како пред жичарите и ски лифтовите, ограничување на работа на угостителските објекти на терените само на отворен простор и со шалтерска продажба со прибор за еднократна употреба.

- Владата го прифати заклучокот на Комисијата за заразни болести, дека овластените оператори за погребални услуги се должни да го применуваат соодветниот наменски Протокол за превенција од инфекција и контрола за безбедно управување со мртво тело во контекст на КОВИД-19, во кој не е правно нормирано дека постапувањето со тело на умрено лице кое починало од оваа заразната болест, се врши во затворен и залемен метален сандак. 

Со овој заклучок Владата наведува дека подготовка, завиткување, транспорт и закопување на мртво тело кое починало од заразната болест КОВИД-19 не е утврдено дека се врши во затворен и залемен метален сандак ниту во Правилникот за условите и начинот за закопување, ископување и пренос на умрено лице.

Согласно протоколот и правилникот, ексхумацијата на починатите е дозволено, но, не порано од една година.

Овој заклучок, како што нагласија портпаролите е донесен врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, односно епидемиолозите.

- Владата на 25-тата седница го донесе Протоколот за одржување настани со медиумско присуство во услови на пандемија предизвикана од коронавирусот.
 
- Исто така, вчера министрите донесоа заклучок, врз основа на препораката на Главниот штаб за управување со кризи, да ги задолжи сите државни институции, органи на централната власт, јавни претпријатија основани од државата како и акционерски друштва во државна сопственост, во рамките на своите надлежности со засилен интензитет да обезбедат навремено и веродостојно информирање на граѓаните за мерките за заштита на населението од КОВИД-19, за состојбата во државата во различните ресори предизвикана од пандемијата, како и за мерките за справување со кризата предизвикана од пандемијата.

Дополнително, е задолжен Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, во соработка со Секторот за односи со јавност во Владата, до обезбеди дневно информирање на јавноста за активностите кои произлегуваат од кризната состојба во Република Северна Македонија. Задолжено е секое министерство да ги обнови секциите за информирање за КОВИД-19 на своите веб страници и на другите канали за комуникација.
 
- Владата донесе Одлука за изменување на одлуката за утврдување на бројот на стипендистите и висината на стипендиите за ученици запишани во средните училишта во Република Северна Македонија за учебната 2020/2021 година, со која се зголемува бројот на стипендии за социјална поддршка на ученици од 400 на 544, бројот на стипендии за ученици со попреченост од 100 на 106 и стипендии за електро-техничка струка, односно сектор електро-техника, од 9 на 23.
 
- На предлог на претседателот на Владата на Северна Македонија Зоран Заев, Владата донесе одлука со еднократна парична награда во висина од 30.000 денари да бидат наградени седум пиротехничари од Дирекцијата за заштита и спасување заради нивниот посебен ангажман во пронаоѓањето, отстранувањето и уништувањето на преку 7.000 парчиња, или 52 тона гранати кои беа пронајдени во Битола, во близина на Градскиот стадион.
 
- Владата ја усвои Програмата за поддршка за печатење и дистрибуција на печатените медиуми за 2020 година, која оваа година е во висина од 30 милиони денари определени за поддршка на печатењето и дистрибуцијата на печатените медиуми во знак на поддршка на плурализмот во сферата на медиумите и навременото информирање на јавноста.
 
- Владата на редовната 25-та седница го именуваше поранешниот премиер Владо Бучковски за специјален претставник на нашата земја за Бугарија. Именувањето е на една година со цел да се заокружи со успех Процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и да се создаде атмосфера за реализација на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство и добрососедство.

Дополнително, одговарајќи на прашањето за критериумите врз основа на кој е именуван Бучковски, портпаролот Арсовски додаде дека тој е одличен познавач на македонско-бугарските односи, почитуван од бугарските општествени и политички чинители. Има добри контакти со Бугарија и добро е примен од нивната јавност. Има позитивни перцепции за неговите политики како поранешен премиер и е прифатен како некој што и порано придонесувал позитивно кон подобрувањето на односите со соседска Бугарија и треба да придонесе кон создавање на позитивна атмосфера за да се надмине проблемот со Бугарија.

Во однос на прашањето за тоа што точно се разговара со Бугарија и што содржи Патоказ за спроведување на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, ставот на Владата, кој беше повторен денеска е дека, Владата смета дека споменуваниот план треба да се однесува на динамиката на спроведување на билатералниот договор, надвор од преговарачката рамка.

„Се разговара за сите загрижености и дилеми, кои Бугарија ги изнесува во јавност, за начинот и динамиката на спроведувањето на Договорот од 2017 година, како да се забрза изградбата на Коридорот 8, како да запре говорот на омраза,  за начинот на кој ќе се забрза работата на Историската мешовита комисија, во насока на воспоставување на доверба во процесот. Договорот е сериозен документ и нема потреба од нов Договор и Анекс. Потребно е само да се дообјасни и детализира во некој придружен документ и во таа насока е Патоказот. Тоа е една идеја, која е во насока на зајакнување на довербата за ефикасноста и функционалноста на Договорот меѓу Северна Македонија и Бугарија“, беше речено на прес-конференцијата.