Промовиран Порталот за отворено владино партнерство

Во рамките на проектот на УСАИД за граѓанско учество, Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Фондацијата Метаморфозис, денеска на прес-конференција го промовираше Порталот за отворено владино партнерство.

Во своето обраќање, министерот Јетон Шаќири истакна дека подобрувањето на квалитетот на управувањето, испораката на квалитетни услуги за граѓаните и тоа преку транспарентно, инклузивно и одговорно работење е одлика на Владата на Република Северна Македонија. Во таа насока, е и воведувањето на нови алатки за унапредување на транспарентноста, отчетноста и инклузивноста, како што е Порталот за отворено владино партнерство.

„МИОА е надлежно министерство за координација на оваа иницијатива (ОВП) и континуирано се стреми кон подобрување на опкружувањето за соодветна имплементација на ова партнерство кое ја поттикнува: Транспарентноста која овозможува јавноста да го разбере работењето на Владата, потоа Учеството, односно јавноста да може да влијае врз работата на Владата преку вклучување во процесите на креирање на јавните политики и испораката на јавните услуги, како и Отчетноста каде јавноста може да бара од Владата одговорност за нејзините политики и перформансите на испорачаните услуги“, рече министерот Шаќири.

Министерот посочи дека, со цел унапредување на можностите за навремено информирање на граѓаните, невладините организации, деловните субјекти и државните институции и нивно вклучување во оваа иницијатива, МИОА во соработка со Фондацијата Метаморфозис во рамките на Проектот за граѓанско учество поддржан од УСАИД, развија онлајн платформа, односно веб портал за Отворено владино партнерство (ОВП).

„Оваа електронска алатка преставува централна точка за консултација, мониторинг, вклучување, вмрежување и известување на сите засегнати и заинтересирани страни во процесот. Порталот за ОВП има за цел да послужи како платформа за интеракција и размена на информации во четири сегменти: консултации за подготовка на Националниот Акциски План (НАП), следење на спроведувањето на НАП, како и за следење на работата на Советот за ОВП и на Мрежата на граѓански организации за ОВП“, рече министерот Шаќири.

Според министерот, со оглед на искуствата од оваа година и потребата од промена на начинот на работа, без физичко одржување на состаноци, порталот нуди можност за одржување на онлајн виртуелни состаноци со разговори во живо- live chat и видео поврзување на учесниците.

Министерот исто така рече дека во тек е подготовката на новиот Националниот Акциски План, 2021-2023, со активна вклученост на стотина претставници од граѓанскиот и јавниот сектор, што не само што ќе ја олесни комуникацијата и соработката помеѓу засегнатите страни вклучени во процесот туку и на долг рок ќе помогне во следењето и унапредувањето на иницијативата за Отворено владино партнерство во нашата земја.

„Развојот на ова портално решение во тесна соработка со Фондацијата Метаморфозис и поддршката од УСАИД преставува доказ дека преку партнерски однос, не само Владата туку и другите чинители во нашето општество, колективно и рамноправно учествуваат во унапредување на концептот на Отворена Влада“, рече министерот Шаќири.

На оваа прес-конференција покрај министерот, се обратија и директорката на Канцеларијата за општ развој на УСАИД во Северна Македонија Дон Кармин и Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, како и Гордана Гапиќ Димитровска од МИОА, Национален координатор за Отворено владино партнерство.