Заев: Денеска го плативме авансот за КОВИД вакцината и ја обезбедивме банкарската гаранција за да потврдиме дека ќе биде исплатена целата сума за набавка на 833.000 вакцини против КОВИД-19, а ќе бидат обезбедени уште 800.000 од ЕУ

„Денеска се плати авансот за КОВИД вакцината и на денешната седница на Владата ја утврдивме банкарската гаранција за да потврдиме дека ќе биде исплатена целата сума за набавка на вакцината против КОВИД-19“, соопшти премиерот Заев во емисијата „Топ тема“ на ТВ Телма.

„Во делот на набавка на вакцините би сакал прво да повторам дека веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на Ковакс механизмот. Во рамки на овој систем ќе ги добиваме вакциниите согласно планот за дистрибуција кој ќе го одреди Ковакс за кој наскоро ќе добиеме информации од нив. Вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021. Покрај овој механизам, започнавме преговори односно доставивме формални барања за обезбедување вакцини уште преку други два механизми. Првиот е во директни преговори и директна набавка од компаниите кои ги произведуваат вакцините. Пуштено е формално барање за понуда до две компании, „Фајзер“ и „Астра Зенека“ и се надеваме дека наскоро ќе имаме формална понуда од нив“, рече премиерот Заев.

Тој истакна дека е обезбеден и трет механизам преку Европската унија и посебно од Грција за дополнителни 800.000 вакцини преку ЕУ од вкупно 200 милиони вакцини за земјите членки и уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од Унијата.

Претседателот на Владата Заев информираше дека е во подготовка и логистичката организација на целата операција за вакцинирање против КОВИД-19 за што денеска се донесени неколку одлуки.

„Вакцинацијата за граѓаните ќе се врши на постоечките здравствени капацитети, вакцинални пунктови и болници. Во тек на следната недела ќе започне процесот на на планирање и подготовка на тренингот за вакцинирање согласно спецификите на вакцините за Ковид 19. Сите здравствени работници кои ќе бидат задолжени за аплицирање на вакцината треба да бидат обучени со поддршка од СЗО“, рече премиерот Заев во интервјуто за ТВ Телма.