Бочварски: За 100 дена Влада капиталните проекти ги реализиравме со голем интензитет, продолжуваме со исто темпо

Министерството за транспорт и врски и во услови на оваа здравствена криза и понатаму останува мотор на домашната економија. Проектите што ги реализираме не само што не се забавени, туку во овие стотина дена од новата Влада, добија на поголем интензитет, истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната прес-конференција на која информираше за реализираните активности на министерството во првите 100 дена. 

Показател за тоа, потенцираше министерот Бочварски е движењето на градежниот сектор кој во третиот квартал оствари раст од 3,4 процентни поени како и фактот што во градежните компании нема отпуштање на вработени.   

“Завршивме со изградба на првиот дел од експресниот пат Штип-Кочани, односно ја пуштивме во употреба делницата Штип-Крупиште. Интензивно продолживме со изградба на експресниот пат Штип-Радовиш и експресниот пат Ранковце-Крива Паланка. На вчерашната седница на Влада донесовме одлука на Влада за преземање на градежните активности од нов изведувач на експресниот пат од Градско до Прилеп, односно делница Градско–Дреново. Тоа значи дека сега имаме чист терен за работа и активно продолжуваме со изградба на оваа значајна патна врска кон Пелагонија.

Понатаму, ги завршивме сите нови проекти што беа пропуштени при изградба на автопатот Кичево-Охрид и сега имаме забрзана динамика на изградба. Уште еден значаен проект кој го работи Министерството за транспорт и врски е проектот за изградба и санација на локални патишта вреден 70 милиони евра.  Деновиве ќе потпишеме договор со изведувач и отпочнуваме со реконструкција на 27 патишта во 13 општини” изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. 

Во делот на железничкиот сообраќај министерот истакна дека е завршена изградбата на пругата Битола – Кременица, а министерството е во фаза на издавање на употребна дозвола за користење на пругата. 

Понатаму министерот Бочварски се осврна и на проектите во комуналната инфраструктура каде активно се работи на преку 20 проекти за изградба и реконструкција на канализациона и водоводна мрежа, на отпочнување на  
изработка на нов Закон за градење како и договор за изработка на ГУП за Град Скопје. 

“Во насока на обезбедување на дом за ранливи категории граѓани, преку АД за стопанисување со станбен и деловен простор, започнавме со изградба на две нови социјални згради во Демир Капија со 16 станови  и Гевгелија со 52 станови. Набрзо очекуваме започнување на нова зграда и во Велес со 29 станови. Во овој момент се градат вкупно 576 социјални станови”, потенцираше министерот Благој Бочварски.