Прес-конференција за заклучоците од 32-та седница на Владата: Вакцините за КОВИД-19 се очекуваат во првите месеци од 2021 година, според клиничките студии вакцините се безбедни и со нив ќе се подигне имунитетот на граѓаните

На денешната прес-конференција, на која портпаролите на Владата информираа за заклучоците и одлуките од вчерашната 32-ра седница, на прашањето во врска со набавката и пристигнувањето на вакцината против КОВИД-19 беше одговорено дека се користат сите инструменти, вклучувајќи го и КОВАКС механизмот, кој беше прв на располагање.

„Веќе се обезбедени 833.000 вакцини за популација од околу 400.000 граѓани за вакцина и ревакцинација во рамки на КОВАКС механизмот. Согласно планот за дистрибуција, вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021. Покрај овој механизам, започнавме преговори и за директна набавка од компаниите, кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку Европската Унија која е во постапка за набавка на 200 милиони вакцини за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони дози за земјите од Европа надвор од унијата. Ние аплициравме за дополнителни 800.000 дози од овие 100 милиони. Дел од првата пратка на вакцини што ќе стигнат во Грција ќе бидат наменети за нашите граѓани. Ова e потврдено уште еднаш во телефонски разговор со грчкиот премиер Мицотакис“, одговори портпаролот Душко Арсовски.

Во врска со планот за тоа по кој редослед ќе се вакцинираат граѓаните во нашата држава, портпаролите на Владата, истакнаа дека, штом биде достапна вакцината во земјава, први ќе ја примат лекарите, медицинскиот персонал и сите други на првата линија во борбата со пандемијата, потоа хронично болните, возрасните граѓани, вработените во градинките и останатите на приоритетната листа. Потоа, ќе се вакцинираат политичарите и како што најави премиерот Заев и тој ќе даде личен пример во насока на давање поддршка во напорите за сузбивање на Ковид-19.

Беше истакнато дека според следењето на процесот на развој, кој нашата држава го прави од сите клинички студии за вакцината, Владата верува во нејзината безбедност и во тврдењата на научниците дека со неа ќе се подигне имунитетот на луѓето.

На прашањето дали за влез во Косово од нашата земја е потребен ПЦР тест, портпаролот Муамед Хоџа одговори дека засега таква информација не е пристигната до Владата.

„Сè уште официјално не сме известени дека за Косово е потребен ПЦР тест. Немаме известување за ваква одлука од страна на Косово или од нашите власти. Ако има ваква одлука, нашата јавност ќе биде информирана. Владата нема донесено ниту одлука за реципроцитет за државјаните на Косово“, рече портпаролот Хоџа.

Во врска со смртноста во последните неколку месеци на КОВИД пациенти, беше одговорено дека Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје водат евиденција за возраста, полот, местото од кое доаѓа и коморбидитети, на сите пациенти кои се починати во здравствените установи во земјава, а биел позитивни на Ковид 19. Најголем дел од егзитирани пациенти се со други болести кои дополнително ја влошиле нивната состојба. Околу 90 проценти од сите пациенти кои се починати, имале најмалку една, до две други болести, што дополнително ја влошиле нивната здравствена состојба и довеле до смртен исход. Најчести болести кои ги имале тие пациенти, заразени со КОВИД-19, се кардиоваскуларни болести, дијабет, болести на бубрезите и пулмолошки болести. Дел од пациентите кои починале биле со карцином во понапредна фаза или имале тешка хируршка интервенција после која настапила смрт, информираа Владините портпароли, кои посочија дека детална анализа за морталитетот на сите лица од КОВИД-19 за целиот период од почетокот на пандемијата ќе биде објавена дополнително.

Портпаролите информираа и дека вчера, Владата ја разгледа и усвои Информацијата за  вакцинацијата против КОВИД-19 и ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за лекови и медицински средства (МАЛМЕД), Царинската управа и Министерството за здравство во рок од седум работни дена да изготват и достават до Министерството за здравство сопствени акциски планови согласно нивната надлежност и нивната улога во спроведувањето на Националниот план за вакцинација против КОВИД-19. Истото Владата му го препорачува и на „ТАВ Македонија“, ДООЕЛ Скопје.

Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки, во соработка со Министерството за здравство, во рок од најдоцна пет дена треба да изготват Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за јавните набавки со што ќе се овозможи плаќање на аванс поголем од 20 проценти од цената и ослободување од обврската за обезбедување банкарска гаранција за авансно плаќање во постапките за јавни набавки директно поврзани со справувањето со епидемии и пандемии на заразни болести.

На вчерашната седница Владата ја дополни Одлуката за спречување на ширењето на КОВИД-19 со обврска за секој патник од Велика Британија и Северна Ирска што влегува во земјата на било кој граничен премин задолжителниот карантин во домашна изолација да ги спроведува врз основа на изјава која ќе ја пополнува на граничниот премин при влез во земјата, а патниците што транзитираат имаат обврска земјата да ја напуштат во рок 24 часа. На седницата, Владата донесе заклучок да ги прифати предлозите на Министерството за одбрана и на Министерството за труд и социјална помош за исплата на еднократна парична награда на медицинските работници од Министерството за одбрана кои што се вклучени во лекувањето на болните од КОВИД-19, како и на вработените од Специјалниот Завод за лица со попреченост во Демир Капија кои во грижата за штитениците во заводот неколку недели беа вон своите домови.

Во врска со детали за текот на  исплатата на финансиската поддршка во износ од 6.000 денари, којашто е наменета за речиси 283.000 граѓани од ранливите категории беше речено дека  таа може да се користи без ограничувања и беше нагласено дека тоа е направено така, со намера да се помогне уште повеќе и да се ослободат граѓаните од административни процедури. Беше истакнато дека, на сметките на граѓаните вчера и денеска се уплатени вкупно 1.51 милијарди денари, или 24,6 милиони евра и целта е да им се помогне на ранливата категорија граѓани за полесно пребродување на кризата, а средствата кои ќе ги потрошат ќе се вратат во стопанството.

На вчерашната седница, беше информирано и дека Владата ги утврди текстовите на предлог законите за управување со отпадот, на законот за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад, на законот за управување со електрична и електронска опрема и отпадна електрична и електронска опрема, на предлог законот за управување со дополнителни текови на отпад во системот за проширена одговорност на производителите, на предлог законот за управување со пакување и отпад од пакување, како и на предлог законот за управување со батерии и акумулатори и отпадни батерии и акумулатори.  Како што беше нагласено, сите овие предлози за закони се во согласност со регулативата на ЕУ за управување со отпадот и со нив комплетно ќе се имплементираат принципите на циркуларна економија во управувањето со отпадот, што е од особена важност за заштита на животната средина.

На оваа седница Владата ја разгледа и усвои информацијата со анализа и акцискиот план за Преспанското Езеро, подготвена од Експертската работна група за Преспанско езеро и ги задолжи надлежните институции утврдени во Акцискиот план за Преспанско езеро, да обезбедат финансиски средства за реализација на мерките на Акцискиот план за Преспанското Езеро и во таа насока донесе Одлука за одобрување првични средства од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година во износ од 44 милиони денари на општина Ресен, за решавање на проблемот со состојбата на Преспанското езеро. Беше донесена и Одлука за одобрување на средства во висина од 30 милиони денари од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година донесе и за општина Дојран за решавање на проблемот со состојбата на Дојранското езеро.

Владата вчера донесе Одлука и за давање согласност на Програмата на Министерството за култура за изградба на нови објекти и за реконструкција, санација и адаптација на постојните објекти што ги користат националните установи од областа на културата за 2020 година. Со измените на програмата се предвидува продолжување на реализацијата за изградба на новите објекти - театри, во Тетово, Струмица и Велес.