Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, одржа прес – конференција во медиа центарот на Владата на Република Северна Македонија.
Во своето обраќање министерот ги презентираше постигнатите резултати во првите сто дена од неговиот мандат, кој го започна со целосна посветеност на развојот на овој исклучително значаен сектор.
Пандемијата само го потенцираше значењето на земјоделството, бидејќи кога целиот свет застана, производството на храна мораше да продолжи. Земјоделството е комплексен сектор, кој нема застој, кој постојано се движи, постојано се менува, а ги допира сите човечки животи бидејќи од нашите мерки и политики зависи производството на храна. Земјоделското производство значи живот, благосостојба, обновување на природните циклуси, но значи и економија, сигурност и развој. Пандемијата за жал влијаеше на овој сектор, а први беа погодени производителите на грозје и вино.
Во првите денови од мандатот министерот Хоџа се соочи со предизвик кој бараше итно решение. Корона кризата доведе до пореметување на пазарот на грозје и вино во светот и кај нас. Винариите изјавија дека имаат залихи непродадено вино и намален интерес за откуп. Оваа состојба дополнително ја влошија неповолните климатски услови кои предизвикаа да се намали квалитетот на грозјето, а со тоа и ниски откупни цени. Знаејќи ја ваквата состојба на терен од директните посети на министерот Хоџа заедно со премиерот Заев, како и податоците од институциите, донесени се мерки со кои беше помогнат откупот. Успеавме да извлечеме максимум од ситуацијата и со ваквите интервентни мерки на државата, го спасивме домашното производство на грозје и ја неутрализиравме кризата во винската индустрија.
Едно од најголемите достигнувања во првите 100 дена од мандатот на министерот Хоџа, е започнувањето на тендерската постапка за Слупчанска брана. На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата одобри тендерска постапка за изградба на брана на Слупчанска река и за истото веќе се обезбедени средства. Инвестицијата ќе се реализира во рок од 4 години со вкупна вредност од околу 22 милиони евра. Ова е најголемата капитална инвестиција што ќе се реализира во Општина Липково, со која целосно ќе биде решен проблемот со вода за пиење и наводнување на земјоделските површини.
Исто така, постигнавме голем напредок во меѓународната соработка во земјоделскиот сектор со Република Албанија. Го потпишавме Договорот за фитосанитарна соработка, со што фитосанитарните сертификати ќе бидат билателарно признати за трговска размена на земјоделските производи. Двете земји прават чекор напред во соработката со создавање на потполно бесплатен коридор за циркулација на земјоделски производи во двете земји и понатамошен чекор кон стратешката иницијатива на Балканскиот Шенген за развој на нашиот регион.
На 2 декември 2020 во Струга, потпишана е Спогодбата за заедничко одржливо управување со риболовот во Охридското и Преспанското Езеро помеѓу Република Албанија и Република Северна Македонија. Со примената на оваа Спогодба двете страни се согласни и се обврзуваат на одржливо користење и заштита на рибниот фонд, борба и елиминација на нелегален риболов и криумчарење.
Напредокот на економијата, земјоделството и руралниот развој се едни од клучните елементи во пристапувањето на Република Северна Македонија кон Европската унија. Според студијата која ФАО ја изготви за нашиот земјоделски сектор, малите земјоделски стопанства и семејните фарми се сметаат за важен дел од решението за постигнување сигурност на храната, намалување на руралната сиромаштија и одржливост на животната средина. Семејните фарми не се во можност сами да го реализираат својот потенцијал за одржлив развој. За таа цел, ја интензивиравме соработка со ФАО, преку соодветни национални политики за рурален развој што ќе им овозможат на малите семејни фарми да прераснат во успешни локални агробизниси кои ќе заземат водечка улога во развојот на локалните заедници.
„Како што кажав и на почетокот, се може да застане, но производството на храна не смее. Земјоделското производство е основата за живот, но ние заедно со нашите земјоделци мораме да ги следиме европските стандарди, да ги применуваме најновите научни достигнувања кои го олеснуваат земјоделското производство. Ниту една земјоделска култура неможе да се произведе во доволно големи количини без модерна механизација. Токму затоа, заедно со Платежната агенција, доделивме 540 договори за набавка на трактори. Со помош на новата набавена, современа механизација се намалуваат производните трошоци на земјоделците, со тоа земјоделските стопанства стануваат поконкурентни и модернизирани. Дополнително, како мотив за вклучување на се повеќе млади земјоделци, заедно со премиерот Заев, ги доделивме првите договори за поддршка до 20 илјади евра неповратни средства за поттикнување на земјоделското производство на млади земјоделци до 40 години. Вкупно 265 апликанти кои ги исполнија условите и одлучија да инвестираат во оваа значајна економска гранка, ќе ја добијат нашата поддршка. Вкупната вредност на оваа мерка е 3,1 милиони евра. Сите одобрени апликации добиваат до 20 илјади евра неповратни средства за реализација на предложените инвестиции, за разлика од минатата година кога износот беше помал до 10 илјади евра. Ние како институција ќе ги следиме во целокупниот процес, за тие да можат да се развиваат. Оваа мерка ќе биде едно од главните оружја на Министерството за земјоделство, за поттикнување на младите земјоделци, да учествуваат во процесот на обезбедување на храна, во процесот на земјоделство и земјоделските производи, и секако со оваа мерка ќе се обидеме да ја намалиме миграцијата, младите да не си одат од нашата држава, напротив тие својата иднина да ја градат тука со своите семејства“ изјави министерот Хоџа.
Со цел да го поттикнеме целокупниот развој на земјоделското производство, ја интензивиравме меѓународната соработка. Во првите 100 дена остварени се билателарни средби со амбасадорите на соседните земји и земјите од регионот, САД, ЕУ , земјите од Блискиот исток и Руската Федерација. На сите средби, фокусот беше на изнаоѓање механизми за зголемување на трговијата со земјоделско прехранбени производи, со посебен акцент на зголемување на извозот на домашни производи на овие пазари кои имаат голем потенцијал и куповна моќ.
Министерот изјави дека во овој краток период од превземањето на функцијата министер за земјоделство, шумарство и водостопантсво, остварени се многу средби со земјоделците од различни области: лозари, сточари, оризопроизводители, тутунопроизводители, јаболкопроизводители. Истовремено остварени се и многу посети на фарми, откупни центри и приватни компании.
Земјоделството и руралниот развој ќе ги поддржиме со годишна финансиска поддршка од 150 милиони евра. Ќе обезбедиме услови за порентабилно земјоделско производство, преку зголемување на кофинансирањето на трошоците за набавка на зелена нафта. Ќе го продолжиме процесот на консолидација на земјоделското земјиште, ќе ги мотивираме младите земјоделци до 40 години со доделување на грантови до 20.000 евра и двојно ќе ја зголемиме поддршката за жени земјоделки до крајот на 2024 година, од сегашните 3000 на 6000 евра.
Ќе ги продолжиме сите капитални инвестиции кои се клучни за обезбедување вода за пиење и вода за наводнување на земјоделските површини.
Ке продолжиме со редовна и неселективна исплата на субвенциите. Оваа година по Програмата за 2019 година, исплатени се околу 115 милиони евра. Има уште неколку мали исплати кои ќе бидат реализирани до крајот на годинава, со тоа целосно ќе се заокружи исплатата на субвенциите, вклучувајќи ги и исплатите на заостанатите обврски од претходната власт. За сите кои правно законски се стекнаа со право за поддршка во земјоделството истата ја добија. Праксата за навремена исплата продолжува и во наредната година.
МЗШВ заедно со оваа Влада зацрта амбициозна агенда и ќе се преземат сериозни интервенции за да создадеме можности за вработување на младите и воопшто подобри услови за живот на руралното население, преку овозможување подобар пристап до земјиште, пристап до кредити за младите и семејните земјоделци, зголемување на инвестициите во инфраструктура и уште многу други мерки кои ќе придонесат да ги ревитализираме селата.
Ќе ја интензивираме меѓународната соработка со цел изнаоѓање на нови пазари.
Ќе ја интензивираме соработката со Делегацијата на Европската Унија во РСМ, со цел хармонизација со европските стандарди, бидејќи тоа е целта кон која се стремиме - членство во европското семејство на држави и европски вредности на сите нивоа во општеството.
На крајот од своето обраќање министерот Хоџа изјави „Не чека многу работа, но само така - целта е достижна!“